Македонија
Нови решенија за намалување на несреќите на работните места
Нови ефикасни решенија за намалување на повредите и несреќите на работните места; воведување на системот на ваучери при пријавување на сезонските работници во задолжителното социјално осигурување и измени во законот за трговски труштва, се трите приоритетни области за кои Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) е подготвена да понуди конкретни предлози со чија имплементација ќе се подобрат условите за водење бизнис во земјата.
„Како организација која ги застапува интересите на работодавачите од приватниот сектор, и покрај актуелната политичка состојба, сметаме дека не треба да се губи време. Бизнисот мора да продолжи со работа и затоа ние нудиме конкретни предлози кои произлегуваат од реалните потреби и предизвици со кои се соочуваат домашните компaнии, а кои доколку се усвојат и имплемеnтираат, убедени сме дека ќе отворат нови перспективи за натамошен економски раст и ќе значат поголема социјална сигурност за вработените и на сите граѓани“, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, напоменувајќи дека предлозите од споменатите три приоритетни области очекува час поскоро да бидат ставени и на агендата на Владата и синдикатите. Конкретно, во областа на безбедноста и здравјето при работа, ОРМ, анализирајќи ги состојбите од теренот, смета дека досегашната примена на законската регулатива во оваа област не ги дава посакуваните резултати, односно не го намали бројот на повреди и несреќи на работните места, особено во земјоделството, градежништвото и преработувачката индустрија каде бројот на повреди и несреќи е најголем. Истовремено, Законот за безбедност и здравје при работа предизвикува значителни финансиски импликации, особено за малите и микро фирми од услужните дејности, во кои често единствена опрема за работа се компјутерите и работните маси, а кои според обврските во законот се изедначени со големите индустриски капацитети каде ризиците за повреди на работното место се значително поголеми. Членките на ОРМ укажуваат на тоа дека неопходна е континуирана обука и усовршување на стручните лица за безбедост и здравје при работа во компаниите, како и примена на одредбите од директивите на ЕУ за мерките за подобрување на безбедноста и здравјето при работа, особено оние што се однесуваат на дефинирањето на повредите при работа и начинот и временскиот рок за нивно пријавување. Покрај за безбедноста и здравјето при работа, ОРМ предлага и значително поедноставување на моделот на пријавување и плаќање на придонесите за сезонските работници, со што ќе се постигне поефикасна примена на законските одредби за пријавување на овие работници, ќе се зголеми нивната социјална сигурност, а истовремено ќе се влијае на намалување на даночната евазија и „сивата“ економија.Членките на ОРМ, како еден од приоритети ја истакнуваат и потребата од измени во Законот за трговски друштва со кои се олеснат вложувањата на постојните акциoнери во компаниите, што позитивно ќе се одрази и за натамошно поттикување на домашните и странските инвестиции во земјата. Во идентификувањето на темите кои се од интерес на работодавачите, а кои придонесуваат за унапредување на бизнис климата и работењето на компаниите во Македонија, Организацијата на работодавачи на Македонија добива поддршка и од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот. /крај/со/гп/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

