Македонија
Нови решенија за намалување на несреќите на работните места, за потткнување на инвестициите и за намалување на сивата економија
Нови ефикасни решенија за намалување на повредите и несреќите на работните места; воведување на системот на ваучери при пријавување на сезонските работници во задолжителното социјално осигурување и измени во законот за трговски труштва, се трите приоритетни области за кои Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) е подготвена да понуди конкретни предлози со чија имплементација ќе се подобрат условите за водење бизнис во земјата.
„Како организација која ги застапува интересите на работодавачите од приватниот сектор, и покрај актуелната политичка состојба, сметаме дека не треба да се губи време. Бизнисот мора да продолжи со работа и затоа ние нудиме конкретни предлози кои произлегуваат од реалните потреби и предизвици со кои се соочуваат домашните компaнии, а кои доколку се усвојат и имплемеnтираат, убедени сме дека ќе отворат нови перспективи за натамошен економски раст и ќе значат поголема социјална сигурност за вработените и на сите граѓани“, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, напоменувајќи дека предлозите од споменатите три приоритетни области очекува час поскоро да бидат ставени и на агендата на Владата и синдикатите.
Конкретно, во областа на безбедноста и здравјето при работа, ОРМ, анализирајќи ги состојбите од теренот, смета дека досегашната примена на законската регулатива во оваа област не ги дава посакуваните резултати, односно не го намали бројот на повреди и несреќи на работните места, особено во земјоделството, градежништвото и преработувачката индустрија каде бројот на повреди и несреќи е најголем. Истовремено, Законот за безбедност и здравје при работа предизвикува значителни финансиски импликации, особено за малите и микро фирми од услужните дејности, во кои често единствена опрема за работа се компјутерите и работните маси, а кои според обврските во законот се изедначени со големите индустриски капацитети каде ризиците за повреди на работното место се значително поголеми. Членките на ОРМ укажуваат на тоа дека неопходна е континуирана обука и усовршување на стручните лица за безбедост и здравје при работа во компаниите, како и примена на одредбите од директивите на ЕУ за мерките за подобрување на безбедноста и здравјето при работа, особено оние што се однесуваат на дефинирањето на повредите при работа и начинот и временскиот рок за нивно пријавување.
Покрај за безбедноста и здравјето при работа, ОРМ предлага и значително поедноставување на моделот на пријавување и плаќање на придонесите за сезонските работници, со што ќе се постигне поефикасна примена на законските одредби за пријавување на овие работници, ќе се зголеми нивната социјална сигурност, а истовремено ќе се влијае на намалување на даночната евазија и „сивата“ економија.
Членките на ОРМ, како еден од приоритети ја истакнуваат и потребата од измени во Законот за трговски друштва со кои се олеснат вложувањата на постојните акциoнери во компаниите, што позитивно ќе се одрази и за натамошно поттикување на домашните и странските инвестиции во земјата.
Во идентификувањето на темите кои се од интерес на работодавачите, а кои придонесуваат за унапредување на бизнис климата и работењето на компаниите во Македонија, Организацијата на работодавачи на Македонија добива поддршка и од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот./крај/мф/сс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
До 15-ти јануари регистрација и дерегистрација на ДДВ Обврзници
Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува сите правни и физички лица кои заклучно со декември 2025 година оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари од вршење на оданочив промет на добра и услуги, дека имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01).
Доколку како физичко лице изнајмувате деловен простор во земјата, давате менаџерски, правни, економски, инженерски, занаетчиски услуги, давате приватни часови на ученици и студенти, остварувате приходи од продажба на земјоделски производи или вршите друг оданочив промет и во 2025 година сте оствариле промет над 2.000.000 денари треба да се регистрирате за целите на ДДВ.
Вкупен промет за целите на ДДВ е прометот што го направил обврзникот во текот на годината по основ на продажба на добра и извршени услуги. Во вкупен промет не влегува прометот кој е ослободен од ДДВ без право на одбивка на претходен данок, како на пример: изнајмување на станбени објекти и станови за живеење, услуги на осигурување и реосигурување, здравствени услуги, услуги за изучување на странски јазици, услуги на компјутерски центри, меѓународен превоз на патници и др. Исто така, во вкупен промет не влегува и прометот кој се врши кон странски даночни обврзници и кој не подлежи на оданочување со ДДВ, како на пример: вршење на консултантски, адвокатски, ИТ и други услуги кон странски даночни обврзници. Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, вкупниот годишен промет за цели за ДДВ се пресметува на тој начин што се зема вкупниот остварен промет за месеците кога ја вршел дејноста, истиот се дели со бројот на месеците на работење и се множи со дванаесет, при што се добива вкупен годишен промет.
На пример: Ако сте склучиле договор за закуп на деловен простор со почеток од 01.07.2025 година, а месечната закупнина изнесува 200.000 денари, пресметката за вкупен годишен промет за цели на регистрација за ДДВ е следна: Бруто приход за 6 месеци: 1.200.000 денари Месечен бруто приход: 1.200.000 / 6 месеци= 200.000 денари Вкупен годишен приход: 200.000 * 12 месеци= 2.400.000 денари Во овој случај даночниот обврзник има обврска да се регистрира за целите на ДДВ. Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01), може да се достави и од даночните обврзници кои сакаат доброволно да се регистрираат за ДДВ. Пријавите за регистрација за ДДВ се доставуваат најдоцна до 15-ти јануари 2026 година, електронски на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices, лично во организациска единица на УЈП или по пошта. Истовремено укажуваме дека физичките лица – ДДВ обврзници, заради електронско потпишување и поднесување на ДДВ пријавите, треба да набават и дигитален сертификат на USB токен. Во однос на оние кои се регистрирани за ДДВ, а кои не оствариле промет над 2.000.000 денари во претходната календарска година и кај кои е истечен најмалку тригодишен период од регистрацијата за целите на ДДВ, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност. Исто така, и ДДВ обврзниците кои во секоја од двете претходни календарски години поднесувале даночни пријави со вкупен промет помал од 2.000.000 денари и кои во секоја од двете претходни календарски години не искажувале претходен данок за одбивање, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01Б).
Пријавата за отповикување на регистрација за ДДВ (образец ДДВ-01Б) се поднесува најдоцна до 15-ти јануари 2026 година по електронски пат на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices , лично во најблиската организациска единица на УЈП или по пошта. Воедно, потсетуваме и дека Управата за јавни приходи може службено да изврши прекинување на регистрацијата за ДДВ доколку утврди дека: •во претходната календарска година, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажан данок за извршен промет и без искажан претходен данок за одбивање; •во двете претходни календарски години, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажување на данок за извршен промет, со исклучок кога во истите периоди во даночните пријави искажува само промет ослободен од данок со право на одбивка или претходен данок кој произлегува од промет на инвестициони добра извршен кон даночниот обврзник или увезени од него; •даночниот обврзник не може да се најде на пријавената адреса и на адресата за вршење на деловни активности; •даночниот обврзник не поднесувал даночна пријава за најмалку два даночни периоди кај месечните или тримесечните даночни обврзници; •кај даночниот обврзник претходно е идентификувано даночно затајување. За дополнителни информации, правните и физичките лица може да се обратат во Контакт Центарот на УЈП на: [email protected] или преку телефонските броеви: •Од фиксна линија: 0800 33 000 •Од мобилен телефон: 02 3253 200
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos
Економија
ТАВ Аеродроми: 2025 година се заокружи со 3,5 милиони патници што е 9 отсто зголемување
Во 2025 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужија 3,5 милиони патници и 26.500 летови.
Двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид минатата година опслужија 3,5 (3.475.288) патници што е зголемување од 9% во однос на 2024 година.
Во 2025 година двата аеродроми опслужија 26.500 летови, што е за 4% повеќе во однос на истиот временски период, од јануари до декември, 2024 година.
„Успехот што го постигнавме во 2025 година не е случаен. Тој е резултат на јасна стратешка насока, фокусирани инвестиции и силни партнерства. Зголемувањето од 9% на бројот на патници и 4% пораст на летовите на двата македонски аеродроми е директна потврда дека вложувањата во модернизација на инфраструктурата, унапредување на оперативната ефикасност и проширување на мрежата на авиолинии даваат конкретни и мерливи резултати. Дополнително, новите дестинации, континуираната соработка со авиокомпаниите, зголемената побарувачка за патувања и посветеноста на нашите вработени овозможија стабилен и одржлив раст. Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат силна основа за уште поамбициозен развој во наредниот период,“ вели Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Само во декември 2025, статистиката на ТАВ Македонија покажува двоцифрено зголемување на процентите на опслужени патници на двата аеродроми од дури 25% во споредба со декември 2024, една година претходно, или преточено во бројки, 294.781 патници.
Во последниот месец од минатата година пак, реализирани се 2,019 летови што е за 7% повеќе од декември во 2024 година.
Стабилен пораст покажува и дневниот пресек на патници во 2025. Скопскиот аеродром дневно во просек опслужуваше 8.786 патници што е за 9% повеќе од 2024 година, а преку
охридскиот, дневно патувале 767 патници што е за 16,3% повеќе споредено со минатата година.
Одделните анализи за двата аеродроми за периодот од јанури до декември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 3.211.419 што е за 8,7% повеќе споредено со истиот период во 2024 година, а додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 20% со услужени 263.869 патници.
Истанбул, во сите 12 месеци од 2025 беше најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје до двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 16,6% пазарен удел. Потоа следуваат Базел Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен – Меминген (4,2%).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (25,4% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (23,6%), Швајцарија (10,8%), Италија (5,5%) и Шведска (4,3%).
Од Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов летаат вкупно 15 авиокомпании кон 49 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид три авиокомпании летаат до 7 дестинации.
Според најавите на авиокомпаниите, од март годинава, мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома ќе се зголеми, со отворањето на нови авиолинии и нови дестинации. Виз ер ќе почне да лета од Скопје до Неапол и ќе ја врати авиолинијата од македонскиот главен град до Будимпешта, додека од Охрид ќе почне да лета до Милано. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ги врати полските туристи во Охрид со отворањето на новата авиолинија од Вроцлав и враќањето на летовите од Катовице.

