Македонија
Новитети и можности за олеснување на царинското работење
На редовниот состанок на Советодавното тело при Царинската управа (кое брои 13 членки, односно во кое покрај Царинската управа членуваат стопанските комори, АМЕРИТ, Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори, МАСИТ, кластерот за текстил), се разгледаа повеќе актуелни прашања од областа на царинското работење и барања на деловната заедница.
На претставниците на деловната заедница им беа презентирани предностите од поднесување на електронско барање за пристап кон ИКТ системите на Царинската управа со користење на еден единствен образец. Имено, со зголемувањето на бројот на електронски апликации во Царинската управа наменети за економските оператори, се зголемува и бројот на корисници на истите, со цел поедноставување на процедурата за добивање на пристап до системите се воведе единствен образец, со кој идните корисници ќе можат да добијат пристап кон еден или повеќе електронски системи. Исто така, беше најавено донесувањето на новата Процедура за правилно утврдување и евидентирање на нормативот кај текстилната индустрија. Со оваа Процедура ќе се дефинираат производите кои се добиваат при процес на облагородување, односно што претставува главно добиен производ, споредни добиени производи, како и отпадоци добиени во постапка на облагородување и како истите се изразуваат при извоз во фактура. Процедурата ќе придонесе за значително олеснување во работењето на текстилниот кластер, на царинските службеници кои работат на оваа проблематика. Статусот на имплементацијата на Спогодбата за олеснување на трговијата на Светска Трговска Организација, каде член е и Република Македонија, исто така беше една од точките кои се дискутираа на советодавно тело, при што се истакна значењето на Спогодбата во насока на поедноставување и забрзување на меѓународната трговија, преку подoбрување на условите за увоз, извоз и транзит во секоја од земјите членки, како и тоа дека Република Македонија има меѓународно верификувани најдобри резултати во регионот и меѓу подобрите во глобални рамки во подготвеноста за примена на одредбите од Спогодбата.На состанокот на Советодавно тело уште еднаш беше промовирана можноста за безготовинско плаќање со што се обезбеди квалитетна и брза услуга за граѓаните. Оваа можност за безготовинско плаќање на царинските и други давачки поврзани со царинското работење е воведена на почетокот на 2015 година, а сега е дополнето и во поглед на наплата на терминални такси. Електронското – безготовинско плаќање на терминалната такса е уште една поволност која Царинската управа ја овозможува на авто-превозниците во насока на забрзување на движењето на возила и стоки преку граничните премини. На состанокот на Советодавно тело беа најавени и ефектите од примената на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Косово, во насока на примена на дијагонална кумулација на потекло меѓу ЕУ, Македонија и Косово. Во моментот во трговијата со Косово за да се извезе македонски производ може да се користат суровини само од ЦЕФТА земјите (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Молдавија). Со примена на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Косово ќе се овозможи извоз на македонски производи со користење и на суровини од ЕУ покрај веќе претходно споменатите. Услов за почеток на примена на ваквата дијагонална кумулација со суровини од ЕУ е објавување на датум за почеток на примена меѓу ЕУ и Косово, во Службен весник на ЕУ, серија Ц./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

