Македонија
Обраќање на премиерот Груевски на самитот “Партнерство 2015” во Џајпур
Премиерот Никола Груевски, во четврток учествуваше на самитот “Партнерство 2015” кој се одржа во градот Џајпур, Република Индија.
Интернационалниот економски самит “Партнерство 2015”, чија главна тема е продлабочување на економската соработка и остварување на партнерства за нови релации, се одржува во организација на Конфедерацијата на индиската индустрија која е најголемата стопанска комора која ги обединува најголемите компании во Индија, владата на индиската држава Раџастан, како и индиското Министерство за економија и промоција. Овој самит се одржува од 1995-та година, а оваа година учествуваат економски делегации од вкупно 51 држава, како и претставници на меѓународни компании.
На отворањето на самитот свое обраќање имаше претседателот на македонската Влада Никола Груевски, кој се задржа на пријателските односи со Република Индија, како и потенцијалите за соработка особено во сферата на економијата како поле на заеднички интерес.
„Економските и политичките односи бележат нагорен тренд, особено по интензивната размена на посети на високо и највисоко ниво, како што е и оваа посета од наша страна, но и средбата која ја имав пред четири дена со премиерот на Република Индија, при што забележливо е дека со Моди имаме иста стратешка цел и фокус, тоа се економијата, инвестициите, новите работни места, подобрата бизнис клима, подобриот живот на луѓето“, изјави Груевски.
Тој ги претстави достигнувањата во сферата на економијата и во останатите области, при тоа истакнувајќи дека Македонија е земја со најниски трошоци за правење бизнис во Европа.
„Се воведоа најниски даноци, рамен и низок данок, персоналниот данок и данокот на добивка е 10%, се намали ДДВ-то за повеќе сектори од 18% на 5%, имаме најконкурентни енергетски и логистички трошоци, со што Македонија нуди најниски трошоци за правење бизнис во Европа“, истакна Груевски.
Премиерот Груевски изјави дека се вложува и во останатите области кои се поврзани со економијата и кои значително го подобруваат животот на граѓаните.
„Македонија има одлична инфраструктура, но се гради уште. Се градат три автопати, железница кон Бугарија, а ќе се гради и гасоводна мрежа низ Македонија опфаќајќи ја целата територија. Има и други проекти за регионални и локални патишта. Растот во економијата се базира на три столба. Градежништвото е еден од трите столба на растот на економијата, вториот столб е силен раст на извозот и странските инвестиции, а третиот столб е потрошувачката“, истакна Груевски во своето обраќање.
Премиерот ги покани индиските компании да направат анализа и да ја посетат Македонија и да се уверат во широкиот спектар на можности кој се нуди за економска соработка.
Претседателот на Конфедерацијата на индиската индустрија која е еден од организаторите на самитот, Бенерџи Чандрајит посочи дека треба да се искористи развојот на Индија.
„Растот на бруто домашниот производ на Индија во последниот квартал е 5.7%, а производството се зголемува за 5% во последните две години. Повеќето аналитичари очекуваат дека во наредните две години Индија ќе биде една од најбрзорастечките економии во светот со раст од 7% “, изјави Чандрајит.
Инаку Конфедерацијата на индиската индустрија е најголемата стопанска комора во Индија која обединува 7200 членови и над 100 000 индиректни членови компании. Оваа Конфедерација функционира од 1895 година и е еден од клучните фактори за креирање на економскиот раст на Индија.
Премиерката на индиската држава Раџастан, Васундара Раје, во своето излагање на самитот истакна дека партнерствата се добар модел за остварување на напредок.
„Вистинскиот развој е можен само преку остварување на партнерства меѓу владите, бизнисмените и граѓанскиот сектор. Раџастан нуди неограничени можности за остварување на партнерства. Ова е голема држава“, посочи премиерката Раје.
Раџастан има популација од 68.5 милиони жители и е по површина најголемата индиска држава, која има позитивен економски напредок. Главно е развиена цементната и минерална индустрија, текстилната индустрија, туризмот и земјоделското производство.
На маргините на самитот, премиерот Груевски оствари средба со премиерката на Раџастан Раје со која разговараа за можностите за економска соработка и искористување на економските потенцијали на двете држави, во духот на унапредување на односите меѓу Индија и Македонија. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

