Македонија
Пејкоф: Патот до успехот е поплочен со интегритет, чесност и напорна работа
Патот до успехот се изодува со чесност, искреност, напорна работа и истрајност – ова е пораката на познатиот американски бизнисмен од македонско потекло Ендрју Пејкоф, кој во петокот одржа предавање пред студентите од Европскиот универзитет.
Говорејќи за почетоците на неговата компанија „Нијагара ботлинг“, еден од најголемите светски произведувачи на шишиња за вода, Пејкоф вели дека клучот на неговиот успех биле, пред сé, интегритетот и напорната работа.
„Мора да бидете чесни и искрени, да бидете луѓе од доверба, да ги земете предвид туѓите интереси, имајќи ги веќе предвид сопствените интереси. Не е важно каде ќе почнете, бидејќи целта на сите е да имаат подобар живот. Моите родители беа од Егејска Македонија, мојот татко емигрираше во 1912-та година, тие немаа ништо, а во тие тешки времиња успејаа да се спасат од тешката состојба и да дојдат во Америка, тие не го зборуваа јазикот и немаа пари. Сите кои сте тука имате одличен почеток на својот живот, и сакате да имате подобар живот и да бидете успешни и среќни, да имате семејство и сите добри работи. Моето семејство беше сиромашно, но успеавме да направиме голема и успешна компанија. Ова се случи поради тоа што имавме интегритет, бевме чесни и работливи. Не е важно каде ќе започнете, сé додека ги имате основните алатки и работите напорно, ќе се подобрите. Секој ден правите мали чекори, но збирот од тие мали чекори го детерминира вашиот живот и тоа е патека којашто ја избирате сами. Успехот е различен за различни луѓе. Секој од вас може да постигне многу во животот, се додека имате работна навика и интегритет, и не се откажувате. Нашата компанија не беше секогаш голема, во бизнисот со флаширање вода сум 51 година, а 25 години работевме додека да ги собереме средствата за да изградиме наша фабрика“, објаснува Пејкоф.
Според Пејкоф, животните избори понекогаш може да се покажат и како грешни, но она што е важно е да се учи од овие грешки, бидејќи само така ќе се избегне правењето на истите натаму во животот.
„Како што одиме низ животот, често се наоѓаме на крстопат, и исправени сме пред избор дали во една или друга насока, не знаеме која насока е вистинска, но избираме една, а потоа се наоѓаме пред друг крстопат и тоа се повторува. Во меѓувреме животот тече, создавме фамилии и љубов, поседуваме работи кои не сме можеле да ги имаме претходно, и ако работите напорно се ќе се оствари, никогаш не треба да се откажете, не се грижете дали ќе направите грешки, најголемата грешка е во тоа да не правите грешки, бидејќи од грешките се учи“, смета Пејкоф.
На предавањето присуствуваше и министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој порача дека успехот е комбинација од вистинското знаење, но и од вистинските морални и етички вредности.
Осврнувајќи се на состојбата во Македонија, пак, Пејкоф смета дека во земјата постојат многу потенцијални можности кои треба да бидат искористени.
„Ние успеавме во САД, тоа е голема земја и има можности, а дали сметам дека има можности во Македонија, секако дека има. На некој начин во Македонија има повеќе можности, бидејќи ова е земја којашто беше погодена од комунизмот педесетина години, а тоа успеа да го промени начинот на мислење, но сега младите луѓе сакаат да го поправат ова, да ги променат работите и да изградат држава. Има многу можности кои луѓето не ги гледаат, а во САД многу од можностите веќе се искористени. На пример, да го земеме ГТЦ, тоа е стар трговски центар, и ако се наоѓаше во Америка и кога американски бизнисмен ќе го видеше, и ќе речеше: можам да го реновирам овој трговски центар, да ги зголемам кириите, и двојно повеќе луѓе ќе го посетуваат трговскиот и сите ќе заработуваат повеќе. Зошто ова не се прави во Македонија? Бидејќи стариот начин на мислење е ништо да не се презема и да се остави владата да го реши тоа, можностите се тука и сите поминуваат покрај нив, а ова може да се поправи“, вели Пејкоф, кој во петокот оствари уште еден свој голем сон, а тоа е добивањето на македонско државјанство./крај/мф/бс
Извор: Текст/Макфакс Фото/Вечер
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.
Економија
Трипуновски: Со новата Програма воведуваме ред и правична распределба на субвенциите
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на собраниската говорница истакна дека опозицијата шири паника и дезинформации меѓу македонските земјоделци.
„Во изминатите денови сведочиме на класичен модел на политиканство од страна на опозицијата, наместо дебата, се пласираат лаги и манипулации со цел да се создаде хаос во македонскиот аграр“, истакна министерот.
Тој нагласи дека измените во Програмата за директни плаќања за 2026 година не значат кратење на субвенциите, туку воведување ред и правична распределба на средствата што ги обезбедува државата.
„Целта е финансиската поддршка да заврши кај вистинските земјоделци“, појасни министерот Трипуновски.
„Со измените се предвидува зголемување на минималните прифатливи прагови за користење субвенции. И тоа кај овошните и лозовите насади од 0,2 на 0,5 хектари, додека кај житните култури прагот е зголемен на 0,7 хектари. Во сточарството е предвидено минимум три крави, 30 кози, 30 овци и 30 пчелни семејства“, додаде тој.
Министерот појасни дека овие измени нема да се применуваат веднаш. Земјоделците кои моментално не ги исполнуваат новите услови ќе имаат преоден период од две години за да се усогласат.
„Манипулациите дека малите земјоделци ќе останат без субвенции се неточни. Напротив, даваме време и поддршка за нивен раст и окрупнување, со цел поголема рентабилност и зголемено производство“, истакна тој.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во делот на примарното земјоделско производство и преработката е евидентиран позитивен биланс, што, како што посочи министерот е дополнителен мотив за реформи во секторот.
Министерот Трипуновски додаде дека една од новините е и обврската најмалку 30% од произведениот род да биде предаден во регистрирани откупни или преработувачки капацитети. Со тоа ќе се спречат злоупотреби од лица кои поседуваат земјиште го даваат под наем, не произведуваат, а користат субвенции.
„Се зајакнува теренската контрола преку вклучување на капацитетите на Државниот инспекторат за земјоделство како поддршка на Платежната агенција. Посебен фокус ќе има кај долгогодишните насади и сточарството“, посочи министерот.
Министерот Трипуновски истакна дека пред и по донесувањето на Програмата, одржани се бројни состаноци со земјоделските здруженија, кои биле информирани за новините и истите ги поздравија.
„Владата останува целосно посветена на развојот на македонскиот аграр“, порача министерот Трипуновски.

