Македонија
Поедноставно и поевтино учество на компаниите во постапките за јавни набавки
Бирото за јавни набавки и Централниот регистар на Република Македонија денес овозможија нова услуга преку Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), која на компаниите ќе им заштеди време и средства.
Проектот „Тендерско досие”, кој двете институции го реализираа во изминатиот период и е дел од програмата на Владата на Република Македонија 2014-2018 година, им овозможува на компаниите да ги набават потребните документи што ги издава Централниот регистар за учество во постапките за јавни набавки со електронска нарачка преку ЕСЈН. Наместо, како до сега, економските оператори да ги обезбедуваат потребните документи за докажување на нивната способност од Централниот регистар преку нарачка на секој документ поединечно и сами да ги прикачуваат на ЕСЈН, тие ќе имаат пристап до овие документи со самата регистрација на ЕСЈН.Централниот регистар оформи неколку пакети на документи, со можност за автоматско обновување на истите во рок од една година, чија цена е пониска од редовната цена за нарачка на секој документ поединечно за околу 15 отсто. Оваа нова услуга овозможува значително олеснување на учеството на компаниите во постапките за јавни набавки, зголемување на интегритетот и зајакнување на транспарентноста на процесот. Бирото за јавни набавки и Централниот регистар се поврзуваат преку веб-сервиси, при што гарантираат за безбедноста на самиот процес и за валидноста на новите документи во електронска форма, кои автоматски ќе се ажурираат на пократок временски интервал, така што самите информации за фирмите ќе бидат поажурни во однос на моменталните процеси. За економските оператори, целиот процес на подготовка на понудите ќе биде значително олеснет во поглед на прибирањето на придружната документација која треба да се поднесе заедно со понудата. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.
Економија
Зголемени цените во индустријата во ноември
Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во ноември 2025 година се зголемени за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, соопшти Државниот завод за статистика.
Месечниот раст на цените е забележан кај интермедијарните производи, освен енергија, каде што има зголемување од 0,5 отсто, како и кај трајните производи за широка потрошувачка, кои пораснале за 3,0 отсто.
На годишно ниво, односно во споредба со ноември 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се зголемени за 4,6 отсто. Во овој период, раст на цените е регистриран кај енергијата за 6,9 отсто, кај интермедијарните производи, освен енергија за 4,2 отсто, како и кај нетрајните производи за широка потрошувачка, каде што е забележано зголемување од 4,4 отсто.
Економија
Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
Денеска е реализирана исплата на средства во вкупен износ од 39.065.031 денари кон 663 оризопроизводители.
Исплатата се однесува за финансиска поддршка од 6 денари по килограм предадена оризова арпа во откупувачки центри, за периодот од 1 март до 30 септември 2025 година, со ова се опфатени сите оризопроизводители од минатата реколта.
Министерството за земјоделство соопшти дека нивна цел останува зајакнувањето на домашното производство и поддршката на земјоделците.
Фото: pexels

