Македонија
Пораст од 17 отсто на бројот на патници на двата аеродроми во првите девет месеци
Во првите девет месеци од 2016-та година, 17 отсто повеќе патници се превезени преку македонските аеродроми, скопскиот Александар Велики и охридскиот Свети Апостол Павле, споредено со истиот период минатата година. Вкупниот број на патници достигна 1.382.714, соопштија од ТАВ Македонија.
Во истиот период, од јануари до септември 2016-та година, вкупниот број на полетувања и слетувања на двата македонски аеродроми исто така се зголеми за 11 проценти, на вкупно 13.009 летови.
„Порастот од 17 отсто на вкупниот број на патници во првите девет месеци од годинава покажува дека стратегијата за ширење на мрежата на рути до повеќе и различни дестинации се покажа како успешен мотор за зголемување на патувањата до и од македонските аеродроми. Оттука, нашите главни заложби како менаџмент, силно поддржани од Маркетинг Одделот на ТАВ Аеродроми, како и од Владата како наш партнер, ќе останат фокусирани на привлекување нови авиокомпании, отворање нови дестинации и зголемување на бројот на фрекфенции на постоечките рути, со цел да генерираме поголем сообраќај. Со новите дестинации кои ќе бидат отворени од скопскиот аеродром – Хановер на крајот на овој месец, и Доха на почетокот од 2017-та година, очекуваме натамошен пораст на авиосообраќајот, што ќе ги направи нашите аеродроми поатрактивни и повидливи на регионално ниво за глобалните авиокомпании и тур-оператори“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.
Како дел од овие маркетинг активности кои постојано се преземаат од страна на аеродромскиот оператор, ТАВ информира дека во текот на овој месец ќе бидат домаќини на полски тур-оператори, при нивната посета на Македонија.
„На покана на ТАВ Аеродроми, два големи полски тур-оператори познати по нивните пакет-аранжмани за цела Европа, ќе ја посетат Македонија и Охрид и ќе се сретнат со високи владини функционери и надлежните локални власти. Целта е да ги убедиме да ја воспостават првата авио-врска меѓу Полска и Македонија, со чартер-летови до охридскиот аеродром Свети Апостол Павле од Варшава и од Катовице во текот на летната сезона во 2017-та година“, објаснуваат од ТАВ Македонија, компанијата што управува со скопскиот и охридскиот аеродром.
Неодамна, француски тур-оператори ја посетија Македонија и Охрид, со цел да ги искусат убавините и туристичкиот потенцијал на Охридското езеро и да воспостават чартер-летови до охридскиот аеродром. ТАВ Аеродроми е во комуникација и со други тур-оператори од Германија, Израел, Грција, Русија и Скандинавските земји, со истата цел – да го зголеми бројот на летови и вкупниот сообраќај на Свети Апостол Павле.
Статистиката на ТАВ Македонија покажува дека во периодот јануари-септември, најфрекфентна дестинација од скопскиот аеродром е Истанбул (до двата аеродроми Ататурк и Сабиха Гокчен), а потоа следуваат Цирих, Виена, Базел (Мулхаус), Малме и Лондон (Лутон). Во однос на учеството на авиокомпаниите во вкупниот патнички сообраќај, Визер го превезол најголемиот број на патници во првите девет месеци со 53,5 отсто пазарен удел, а потоа следуваат Туркиш ерлајнс со 8,7 отсто, Аустриан ерлајнс со 6,4 проценти, Германија флуг со 5,9 отсто и Пегасус ерлајнс со 4,5 проценти пазарен удел.
И карго-сообраќајот на скопскиот аеродром во првите девет месеци годинава забележа значителен пораст од 16,6 отсто, достигнувајќи 2.345 тони, што најмногу се должи на зголемените карго-летови за превоз на стоки на извозните компании./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Истече рокот за поднесување и плаќање на ДДВ обврските за третиот квартал
Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека заклучно со 27 октомври 2025 година, кога истече законскиот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите и плаќање на даночниот долг за третиот квартал од 2025 година, сè уште постојат даночни обврзници кои не ги исполниле своите законски обврски.
Според евиденцијата на УЈП, остануваат неподнесени 2.209 тримесечни и 146 месечни пријави, како и 7.436 тримесечни и 1.270 месечни даночни обврзници кои не го извршиле плаќањето на пријавениот даночен долг. Редовноста во исполнувањето на обврските е знак на одговорност и доверба, вредности што заеднички го градат системот во кој сите учествуваме и веруваме.
Управата за јавни приходи веќе достави персонализирани известувања до сите обврзници со пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот даночен период.
Во тек е спроведување на активности и мерки во координација со сметководителите и обврзниците, со цел да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. Важно е да се внимава на роковите, бидејќи за секој ден на задоцнување се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг, како и изрекување на дополнителни глоби. Оттука, потсетуваме на обврската за точно, целосно и навремено плаќање на поднесените ДДВ-04 пријави. По доставата на опомените, Управата ќе пристапи кон присилна наплата кај сите обврзници кои нема да го подмират долгот доброволно. УЈП апелира до сите засегнати обврзници да постапат одговорно и навремено, со цел да се обезбеди стабилна даночна историја и да се избегнат непотребни последици. За дополнителна помош и поддршка, даночните обврзници и сметководителите можат да се обратат преку е-пошта на [email protected] или телефонски на 0800 33 000 (од фиксен) и 02 3253 200 (од мобилен). Вашата дисциплина денес е вашата предност утре.
Економија
„Алкалоид“ 22 години дел од водечкиот глобален фармацевтски настан CPhI
35 претставници од различни организациски сектори на компанијата го сочинуваат алкалоидовиот тим на овогодишното 36. издание на CPhl, кој за време на три интензивни саемски денови во својата агенда има повеќе од 400 деловни средби со постојни партнери, добавувачи и со нови потенцијални соработници „Алкалоид“ годинава го забележа своето 22. учество на најреномираниот светски собир во областа на фармацијата – CPhI (Convention of Pharmaceutical Ingredients).
Под мотото „Во срцето на фармацевтската индустрија“, CPhI се одржува од 28 до 30 октомври во Франкфурт, Германија, а тимот на „Алкалоид“ и оваа година има репрезентативно и современо саемско претставување, преку кое недвосмислено ја пренесува компаниската парола Здравјето пред сѐ!
„За ’Алкалоид’ CPhI претставува стратешка глобална платформа за следење на најновите научни и технолошки достигнувања во фармацевтската индустрија. Како компанија, уште во раните 2000-ти години ги препознавме можностите што ги нуди овој глобален собир како во делот на вмрежувањето и градењето партнерства така и во поглед на следењето на клучните трансформации и иновации во рамките на генеричката фармацевтска индустрија. За ’Алкалоид’ CPhI овозможува директен увид во најновите трендови и технологии – од вештачката интелигенција и одржливите производствени практики до нови молекули, формулации и решенија за оптимизација на глобалниот синџир на снабдување.
CPhI е единствена можност за средби со постојни и потенцијални партнери – производители, добавувачи, регулаторни консултанти и истражувачки центри – со што се поттикнува создавањето нови синергии и партнерства“, истакна Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Како водечка светска платформа што ги поврзува фармацевтските професионалци, годинава CPhI во Франкфурт собра повеќе од 62.000 посетители и над 2.400 изложувачи од целиот свет. Во текот на своето три и пол децениско постоење, CPhI прерасна во најголемата меѓународна фармацевтска заедница, која обединува стотина илјади експерти и компании што активно придонесуваат кон развојот и напредокот на глобалниот синџир на динамичната фармацевтска индустрија.
(ПР)
Економија
„Сетек“ ја претставува најновата генерација енергетски ефикасни решенија на „Енерго Технома 2025“
Александар Медарски, директор на брендот Мидеа и Игор Рибески, проект менаџер на Сетек Солар, ги презентираат иновациите што носат заштеда, одржливост и енергетска независност.
Компанијата Сетек, долгорочен партнер на брендот Мидеа, ќе се претстави на претстојниот саем Енерго Технома 2025, водејќи се од стратегијата за промоција на енергетската ефикасност и одржливите технологии на македонскиот пазар. На овој водечки настан во регионот, кој ги обединува компаниите од областа на енергетиката, електрониката и технолошките иновации, Сетек ќе ги претстави најновите производи и решенија кои комбинираат модерна технологија, еколошки стандарди и економична потрошувачка на енергија.
„Енерго Технома е водечки настан во регионот и за нас претставува одлична можност да ги прикажеме нашите најнови решенија, да воспоставиме нови деловни контакти и партнерства, како и директно да комуницираме со нашите клиенти и професионалци од индустријата“, истакнува Александар Медарски, директор на Мидеа.
„Со учеството на саемот сакаме да покажеме како преку модерни технологии и паметна енергетска ефикасност може да се постигне комфор, заштеда и грижа за животната средина“.
На саемот, Сетек ќе го презентира брендот Мидеа со акцент на:
● Midea magnetic boost chileri – централни системи за ладење со магнетни лежишта за максимална ефикасност и речиси бесшумна работа.
● Топлотни пумпи M-Thermal – системи за греење, ладење и подготовка на санитарна топла вода со минимална потрошувачка на енергија, вклучувајќи и технологија со R290 гас.
● Midea Solar Solutions – соларни панели и хибридни инвертери за интеграција со системите за климатизација и топлотни пумпи.
● VRF системи – флексибилни решенија за климатизација на комерцијални објекти.
Медарски појаснува дека топлинските пумпи и фенкоилерите носат значителни придобивки за домаќинствата и компаниите.
„Овие технологии овозможуваат значително пониски трошоци за енергија, намалуваат емисија на CO₂ и се усогласени со современите европски стандарди за енергетска ефикасност. Со комбинација на топлотна пумпа и фенкојлери се добива комплетен систем кој обезбедува греење, ладење и подготовка на топла вода со минимални трошоци за одржување“.
Проект менаџерот на Сетек Солар, Игор Рибески додава дека компанијата веќе пет години успешно соработува со Мидеа и дека на саемот ќе презентира нови решенија за производство и акумулирање на електрична енергија од сонцето.
„За прв пат ќе ги покажеме нашите инвертори и батериски системи за домашна, комерцијална и индустриска употреба, кои им овозможуваат на клиентите да ги намалат сметките за електрична енергија до 70% во споредба со традиционалните системи“, нагласи Рибески.
Тој исто така потенцира дека интересот на македонскиот пазар за соларни панели постојано расте.
„Секој кој сака да инвестира во „зелена енергија“ треба да се потпира на врвниот квалитет на Мидеа и на професионалната поддршка на нашиот тим. Само со добра анализа и проект се стигнува до најдоброто и исплатливо решение“.
И Медарски и Рибески се согласуваат дека ваквите саеми имаат значајна улога во подигнување на свеста за енергетска ефикасност и воведување на одржливи технологии во секојдневието.
„Настани како Енерго Технома се вистинска можност за едукација на јавноста, размена на искуства и запознавање со најновите решенија кои носат реални придобивки – пониска потрошувачка, заштеда и чиста енергија“, заклучува Медарски.
Со своето присуство на Енерго Технома 2025, Сетек ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржливост и енергетска ефикасност, нудејќи решенија кои комбинираат комфор, заштеда и грижа за животната средина.
(ПР)

