Македонија
Поставен камен-темелник на ТИРЗ Струга
Со поставувањето на камен-темелник во присуство на државниот врв, во понеделникот во Струга почна изградбата на инфраструктурата на ТИРЗ Струга, лоцирана во охридско-струшкиот регион на површина од 30 хектари. Зоната е 4,5 километри одалечена од Струга, 10 километри од Охрид и 164 од Скопје.
На поставувањето камен-темелник присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за економија Беким Незири, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и градоначалниците на Охрид и Дебарца, Никола Бакрачески и Игор Трајковски.
Владата, како што истакна премиерот Груевски, преку Дирекцијата на ТИРЗ активно ќе работи на изградба на целосната инфраструктура на зоната.
„Ќе се реализира сообраќајно поврзување, ќе се изгради внатрешна патна мрежа, целосна водоводна канализациска, електроенергетска и телекомуникациска приклученост и се што е потребно за нормално функционирање на фабриките“, рече Груевски.
Паралелно, додаде тој, Владата ќе работи на привлекување нови инвеститори. Потсети дека првиот инвеститор, германскиот гигант ОДВ Електрик паралелно со изградбата на зоната ќе почне и со изградба на фабриката. Оваа компанија, според премиерот, ќе вработи илјада луѓе во првите три години. Петнаесетина вработени веќе се на обука во Украина. Во завршна фаза се подготовките за влез на друга германска компанија која го одбра комплексот на поранешен ЕМО и во период од три години ќе вработи илјада луѓе.
Груевски информираше дека во моментов активно се работи на инфраструктурното уредување на Зоните во Прилеп, Струмица, Гевгелија, Ранковце, Радовиш, Кичево, а во следните два месеца ќе започне изградбата на првата фаза во зоните во Берово и Виница-Кочани, додека до крајот на годината и во Делчево.
Министерот за економија Беким Незири потсети дека она што беше ветено, веќе се реализира.
„ТИРЗ Струга за жителите на оваа општина ќе донесе големи економски бенефити. Уште повеќе што веќе сме сведоци на интересот на реномирани странски компании за влез во оваа зона, која според проекциите треба да отвори околу 3 илјади работни места, што во моментов е една од најголемите потреби на Струга. Ова е само уште една потврда на нашите проекции за новите 10.000 вработувања во текот на овие 12 месеци само во зоните, покрај 6-те илјади вработувања во постоечките компании“, рече Незири.
Според Незири, оваа зона ги има сите предиспозиции да прерасне во бизнис-дестинација за етаблирани странски компании, но и центар за економски развој на целиот Југозападен регион, што ќе придонесе подобрување на конкурентноста на деловните субјекти кои работат во него, како и шанса која треба да ја искористат да воспостават соработка со компаниите во зоната, нудејќи ги своите суровини, производи и услуги.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо истакна дека географската положба на Струга и сообраќајната поврзаност, особено близината на Аеродром „Св. Апостол Павле“ – Охрид и Пан-Европскиот Коридор 8, граничниот премин Меџитлија кон Грција, граничниот премин Ќафасан кон Албанија, како и пристаништето во Драч се најголемите адути за развој на оваа зона./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата, бизнисот и синдикатите во координирана акција за намалување на сивата економија
Владата, бизнис заедницата, синдикатите и академската заедница денеска на Годишна конференција на тема „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“ упатија порака за заедничка борба во намалување на сивата економија. Конференцијата се одржа во организација на Владата на РС Македонија/Министерството за финансии, заедно со Организацијата за развој на Обединетите нации – УНДП, Меѓународната организација на трудот – МОТ и Економскиот факултет – Скопје.
На официјалното отворање на Конференцијата се обратија претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, деканот на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Мијалче Санта, националниот координатор на Меѓународната организација на трудот за РС Македонија, Емил Крстановски и постојаниот претставник на УНДП во РС Македонија Армен Григоријан.
„Нашата цел е јасна – формалната економија да стане попривлечна од неформалната. Да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално. Но, да бидеме искрени оваа борба не може да биде само инспекциска, таа мора да биде и системска. Затоа работиме на: дигитализација на процесите – е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на бази на податоци, намалување на административните бариери за регистрација на бизнис, стимулации за формално вработување и поддршка за микро и мали претпријатија, како и зголемена транспарентност и размена на податоци меѓу институциите“, истакна премиерот во воведното обраќање и додаде дека стратегијата на Владата се темели на три принципи, а тоа е поедноставување, правичност и поддршка.
Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска порача дека Владата со системски и одлучен пристап преку адресирање на нелојалната конкуренција создавање фер и транспарентни услови за работа ќе работи на формализација на неформалната економија.
„Нашата цел е формализација, правичност и создавање еднакви правила за сите. Ќе пристапиме системски и одлучно преку адресирање на нелојалната конкуренција, создавање фер и транспрентни услови за работа и обезбедување чесните компании да не бидат ставени во подредена позиција. Формализација која ќе ја поттикнеме преку поедноставени административни процедури, олеснет пристап до регистрација и јасни правила. Ќе ги охрабриме субјектите од неформалниот сектор да преминат во формалната економија преку поддршка, а не само преку санкции“, истакна министерката.
Министерот за економија Бесар Дурмиши наведе дека намалувањето на неформалната економија бара системски, конзистентни и одржливи решенија.
„Работата во неформалната економија често значи небезбедни услови, долги работни часови, недефинирани работни односи и отсуство на социјална и правна заштита. Непријавените работници се лишени од основните права што произлегуваат од работниот однос, додека компаниите што работат легално се ставаат во понеповолна позиција. Затоа, намалувањето на неформалната економија бара системски, конзистентни и одржливи решенија. Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Министерството за економија и труд и досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување. Но, анализите покажаа дека дел од лицата и понатаму остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа, оваа година се издвоени 40 милиони евра за новиот Оперативен план за вработување, со мерки што директно ќе придонесат за формализација и отворање нови работни места. Дополнително, донесен е Законот за работно ангажирање на лица, чија основна цел е формализација на одредени форми на работа и одговор на реалните потреби на пазарот на труд. Од 1 јануари 2026 година започнува примената и на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој стимулира компании што инвестираат, отвораат нови работни места и остваруваат раст“, посочи Дурмиши.
Деканот на Економски факултет – Скопје при УКИМ, Мијалче Санта рече дека борбата против неформалната економија е долгорочен процес. „Таа, посочи, бара стабилни институции, предвидлива регулаторна рамка, стимули за формализација и постојан дијалог меѓу државата, бизнисите, работниците и експертската јавност. Економскиот факултет – Скопје ќе продолжи да биде сигурен партнер во овој процес преку истражување, анализа, едукација и јавна дебата. Нашата мисија е да придонесуваме кон креирање политики засновани на знаење и факти, во интерес на одржлив економски и национален развој. Доколку сакаме пониска неформална економија, мора да градиме посилна, поправедна и поконкурентна формална економија – економија во која правилата се јасни, институциите се ефикасни, а довербата е заедничка вредност“, рече деканот на Економскиот факултет.
Националниот координатор на Меѓународната организација на трудот, Емил Крстановски истакна дека формализацијата на неформалната економија, од перспектива на МОТ, е клучна за унапредување на достоинствената работа, социјалната правда и инклузивниот економски раст.
„Неформалноста често значи отсуство на работнички права, социјална заштита и безбедни и здрави услови за работа, а воедно ја поткопува продуктивноста, јавните приходи и фер конкуренцијата. Преку промовирање на избалансиран пристап, кој комбинира поддржувачки мерки за претпријатијата, посилна заштита на трудот, социјален дијалог и ефективно, но правично спроведување, формализацијата помага работниците да уживаат сигурност и права, бизнисите да се натпреваруваат на рамноправна основа, а Владата да го прошири опфатот на социјалната заштита и одржливиот развој“, рече Крстановски.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП Армен Григоријан рече дека преку проектот „Поддршка на реформите во јавните финансии“ финансиран од Министерството за финансии на Словачката Република, изграден е софистициран систем кој јасно ги согледува вистинските размери на неформалната економија.
„Со опремување на ревизорите со нови аналитички алатки, овозможивме секоја фискална препорака да биде поткрепена со прецизни податоци. Покрај ова, придонесовме и за синхронизација на националните стратегии и воведување на дигитални алатки за мониторинг во реално време, со што помогнавме одлуките и решенијата што ќе се носат да бидат засновани на факти“, рече постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.
Во рамки на Конференцијата беше потпишана „Декларација за партнерство и акција: Заедничка посветеност за формализација на неформалната економија во Северна Македонија“. Потписници беа претставници на клучни министерства во формализација на неформалната економиија, претставници на стопански комори, организации на работодавачи, синдикати, како и претставници на академската заедница.
Во панел дискусии на Конференцијата учесниците дебатираа за креирање политики за ефикасен процес на формализација на неформалната економија и на тема „Како до пазар на труд, деловно и институционално окружување што ги поттикнува граѓаните, работниците и бизнисите да функционираат во формалниот сектор“. Од страна на професорите Борче Треновски и Биљана Ташевска од Економскиот факултет при УКИМ, беше одржана презентација на тема „Детерминанти и ефекти од неформалната економија – со посебен осврт на Република Северна Македонија“.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

