Македонија
Потпишани девет меморандуми на македонско-унгарската Мешовита комисија за економска соработка
Македонија и Унгарија потпишаа вкупно девет меморандуми за дефинирање на нови можности за соработка и заемна поддршка во областа на здравствената индустрија, заштита на потрошувачи и надзор на пазарот, авио навигацијата и друго.
Меморандумите беа потпишани за време на третата седница на Мешовитата македонско-унгарска комисија, во рамки на Договорот за економска соработка меѓу македонската и унгарската Влада, која се одржа во четвртокот во Будимпешта.
Македонската делегација ја предводи Анета Димовска, државен секретар во Министерството за економија, а унгарската делегација беше предводена од државниот секретар за економска дипломатија во Министерството за надворешни работи и трговија, Левенте Маѓар.
На Мешовитата комисија ѝ претходеа состаноци на вкупно седум работни групи, и тоа за енергетика, туризам, развој на мали и средни претпријатија, заштита на потрошувачи, здравство, земјоделство и авио сообраќај, кои се одржаа во текот на претходниот ден.
Со цел продлабочување на економските односи меѓу Република Македонија и Унгарија, паралелно со седницата на Комисијата, се одржа економски форум и Б2Б средби помеѓу македонските и унгарските фирми од различни сектори.
На отворањето на форумот, Димовска ја поздрави политичката поддршка од Унгарија и залагањето за унапредување на економските релации меѓу двете земји. Димовска истакна дека Владата на Република Македонија е цврсто определена за унапредување на условите за водење на бизнис и привлекување на инвестиции и, во таа насока, ги охрабри унгарските компаниите да воспостават што поактивна деловна соработка со македонски фирми. За натамошна поддршка на бизнис секторот, македонските комори на маргините на Мешовитата комисија потпишаа протоколи за соработка со државните и регионални унгарски комори.
Во рамки на Третата седница на комисијата, Димовска и Маѓар изразија задоволство од досегашната соработка и остварените резултати во последните години, истакнувајќи дека проектите за кои се разговараше на состаноците на работните групи се заеднички иницијативи за продлабочување на соработката и ќе овозможат натамошен раст на билатералната економија.
Инаку, трговијата на Македонија со Унгарија за осумте месеци во 2015 година изнесува 57 милиони евра и остварен е раст од 11,4% во однос на истиот период во 2014 година. Вкупната размена во 2014 година е 76,8 милиони евра и остварен е раст од 60,4% во однос на 2013 година./крај/мф/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

