Македонија
Примена на енергетска ефикасност за домаќинствата и енергетски менаџмент за компаниите
Под мотото „Енергетска ефикасност на дело“ продолжуваат активностите во рамки на Платформата за енергетска ефикасност, што ја спроведуваат ЕВН и Министерството за економија.
Практични совети за енергетска ефикасност во секојдневниот живот за граѓаните, имплементирање на енергетските пасоши, примена на нови енергетски ефикасни технологии за компаниите и енергетска ефикасност во дистрибутивната мрежа, се главните теми на кои ќе бидат фокусирани активностите во следниот период.
Новата фаза од Платформата за енергетската ефикасност стартуваше со работилницата за Енергетска ефикасност за претставниците на медиумите, на која како предавачи учествуваа стручни лица од ЕВН, од Министерството за економија и од Агенцијата за енергетика, која од годинава станува нов партнер на Платформата за енергетска ефикасност.
На работилницата се обратија претседателот на Управниот одбор на ЕВН, Штефан Петер и директорот на Агенција за енергетика, Александар Дуковски.
„Eнергетската ефикасност е многу важна тема за општеството, како за домаќинствата, така и за бизнисите, бидејќи претставува начин на намалување на трошоци, но и заштита на животната околина. Во овој контекст, многу мерки се преземени и дискутирани за време на работилницата а истите ќе помогнат и за информирање и едуцирање на јавноста. Сето ова е овозможено преку добрата соработката со Министерството за економија и мило ми е што можам да најавам дека имаме нов партнер во Платформата за енергетска ефикасност, а тоа е Агенцијата за енергетика. Би сакал да ги охрабрам сите да продолжат да ја развиваат оваа тема во иднина за да може да има придобивки целото македонско општество“, изјави Штефан Петар.
Енергетската ефикасност во домовите и начинот на кој ќе функционираат енергетските контролори во пракса е фокусот на главните активности на кои работи Агенцијата за енергетика.
„Агенцијата за енергетика се придружува на Платформата за енергетска ефикасност што ја водат ЕВН и Министерството за економија. Се надевам дека овие теми што ги дискутиравме на работилницата ќе допрат до пошироката јавност и за да се зголеми енергетската ефикасност во резиденцијалниот сектор, како и можностите за поголема енергетска ефикасност во индустријата. И едното и другото ќе помогнат Македонија да ги зачува своите природни ресурси и во исто време да ја унапреди животната средина. Се надеваме дека со заедничката работа ќе придонесеме за развојот на индустријата и кон тоа македонските граѓани да ги заштедат природните ресурси и своите парични средства“, изјави Алексaндар Дуковски,.
Креирањето на соодветни услови и правна рамка за зголемена имплементација на енергетската ефикасност во сите сегменти, како и креирање на соодветна енергетска стратегија која ќе ги наметнува принципите на енергетска ефикасност, беа темите на кои, во рамките на работилницата, се фокусираа претставниците на Министерството за економија.
Една од планираните активности во Платформата за енергетска ефикасност е продукцијата и емитувањето на специјална емисија „Енергетска математика“, која ја подготвува ЕВН во соработка со Агенцијата за енергетика. Преку неа граѓаните ќе можат да се запознаат со начинот на кој можат да ги применат принципите на енергетска ефикасност во својот дом, како и начинот на кој работат енергетските контролори на терен.
Платформата за енергетска ефикасност започна со активности во 2012 година. Фокусот беше ставен на едукација на компаниите за намалување на нивните трошоци, едукација на студентите за воведување на енергетската ефикасност во бизнис планирањето, како и на едукативни емисии и кампања за пошироката јавност. Платформата ја доби националната награда за општестевна одговорност и позитивно беше оценета во извештајот на Европската Комисија за прогресот на Македонија во исполнување на критериумите за полноправно членство во ЕУ. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

