Македонија
Примената на мерки за енергетска ефикасност штеди пари
Примената на мерки за енергетска ефикасност може да придонесе за значителни заштеди на финансиски средства и намалување на потрошувачката на енергија.
Ова беше истакнато во рамки на работилницата за претставување на резултатите од проектот на Светска банка „Промоција на енергетска ефикасност на општините во Македонија“, организирана од страна на Консалтинг за стратешки развој во соработка со Агенцијата за енергетика на Република Македонија, којашто се одржа во Скопје. Понатаму беше истакнато дека преку воведување мерки за енергетска ефикасност, општините можат да ги подобрат и да ги зголемат своите услуги. „Заради тоа на воведувањето на енергетска ефикасност не треба да се гледа исклучиво како законска обврска, туку како можност за долгорочен економски и одржлив развој“, беше констатирано на работилницата.Како пример беше посочен дел од општините во Македонија кои направија значаен исчекор во воведување на мерки за енергетска ефикасност. „Како еден од најатрактивните сектори за имплементирање на овие мерки се покажа уличното осветлување, затоа што резултатите се најбрзо видливи и за граѓаните и за општинската каса. Заштедите во овој сектор се проценуваат на 15-30%, а некаде дури и до 50%, во зависност од обемот, типот и интензитетот на осветлување“. Во изминатите 18 месеци, преку грант финансиран од Светска банка, осум општини во Република Македонија (Радовиш, Старо Нагоричане, Новаци, Кавадарци, Пехчево, Брвеница, Лозово и Росоман) добија техничка поддршка за изработка на различни документи кои се важни за енергетска ефикасност на општината (програми, акциски планови, предфизибилити студии итн.). Вредноста на грантот изнесува 250.000 долари, а техничката помош за општините е обезбедена од страна на консултантската куќа Еконолер. Резултатите на проектот ќе служат и како ресурс за другите општини кои сакаат да инвестираат во мерки за енергетска ефикасност во општинските сектори.Според консултантите на проектот, примерите и урнеците од документите изработени во рамки на проектот им се од голема помош и важност на општините, за да можат полесно да предвидуваат мерки и проекти за енергетска ефикасност. Понатаму, преку своите примери, тие можат да бидат предводници во подобрувањето на енергетската ефикасност, давајќи им поттик и мотивирајќи ги приватниот сектор и другите засегнати страни да го следат примерот.Во рамки на проектот подготвен е и прирачник кој чекор по чекор треба да ги води одговорните низ процесот на создавање ефикасна и остварлива програма за енергетска ефикасност и нејзина имплементација. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

