Македонија
Промовирано осигурување во земјоделството за заштита од временските непогоди
Европа Ре – друштво за реосигурување одговорно за имплементирање на програмата за осигурување од ризици од катастрофи и временски неприлики – Southeastern Europe Catastrophe Risk Insurance Facility (SEEC CRIF)во понеделникот го претстави новиот производ за индексно осигурување на остварени приноси од посеви во Македонија, наменет за продажба преку домашните друштвата за осигурување.
Новото осигурување, преку можноста да се осигура очекуваниот принос од посеви, овозможува заштита на земјоделците од сите видови катастрофални ризици предизвикани од природни временски појави, како што се: сушата, поплавите, мразот, поројните врнежи, градот и други, кои имаат влијание на пошироки области т.е. општини и можат да предизвикаат намалување на приносите на земјоделските култури или нивно уништување.
“Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, неколку години по ред ги охрабрува и финансиски ги помага земјоделските производители да ги осигураат своите посеви од временските неприлики. Откога оваа Влада почна со субвенционирање на осигурувањето, фармерите се повеќе размислуваат како полисите да ги прилагодат на сопствените потреби, а осигурителните компании, пак, како да ги доближат до корисниците“, изјави замeник министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски,
Тој потенцираше дека „Токму фактот што Македонија е првата земја од регионот која воведува ваков вид осигурување во земјоделството претставува одличен показател за грижата и стратешкиот приод што го има Владата во поддршката на развојот на земјоделството. Дополнително што и за новиот осигурителен производ се однесуваат постојните мерки за субвенционирање на 60% од трошокот за осигурителните полиси во земјоделството “
Индексното осигурување на остварени приноси од посеви, според сите свои карактеристики, претставува оригинален и иновативен производ за осигурување на земјоделството, развиен и поддржан од Европа Ре. Тоа функционира на тој начин што евентуалните загуби на земјоделците, предизвикани од временски непогоди, се мерат во однос на индексот, односно просечниот принос на ниво на општина, за секоја поединечна земјоделска култура. На ваков начин, осигурените земјоделци, добиваат надоместок на штета доколку остварениот просечен принос на ниво на цела општина е помал од претходно договореното ниво на покритие на осигурениот принос кои тие сметаат дека би го оствариле во своето земјоделско стопанство кое се наоѓа во индекс општината за која се определил земјоделецот.
„Се работи за уникатен пристап во осигурувањето во земјоделство преку кој сите земјоделци на ниво на една општина се третираат подеднакво. Исплатите на оштетните побарувања ќе се вршат автоматски, наместо како досега со примена на теренска проценка на штети и загуби на поединечни парцели со што дополнително се поедноставува целиот процес и значително се добива на брзина при исплатата на штетите. Со тоа земјоделците добиваат дополнителна сигурност“, изјави Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски, искажувајќи задоволство што во креирањето на новиот производ, од страна на Европа Ре, се вградени најнапредните технологии за управување со ризици, применети се високи стандарди за акредитација на домашните друштвата за осигурување преку кои ќе се продаваат полисите, а истовремено понудено е квалитетно реосигурување што влева
дополнителна сигурност во функционирањето на целиот систем.
Новото осигурување во земјоделството ќе се нуди единствено преку домашни друштвата за осигурување кои ќе бидат акредитирани од страна на Европа Ре, која ќе обезбеди соодветна експертиза, техничка поддршка, како и квалитетно реосигурување за сите полиси издадени од страна на партнерските друштва за осигурување. Иновативната програма стартува со полиси за осигурување на приносите на есенската пченица и јачменот, а наскоро на земјоделците ќе им биде понудено и осигурување на пролетната пченка и винското грозје.
„Фактите говорат дека климатските промени станаа сериозна закана која не ја одминува ниту Македонија. Над 40% од територијата на земјата е ранлива на суши, а сведоци сме дека прекумерните врнежи и појавата на град оваа година, слично како и минатата, нанесоа големи штети во земјоделството. Осигурувањето на приносите од екстремните временски услови може да им помогне на земјоделците да го заштитат нивниот бизнис од овие реални ризици, а преку тоа и нивниот животен стандард, изјави Надица Јовановска Бошковска, раководителка на претставништвото на Европа Ре во Република Македонија, најавувајќи дека веднаш по лансирање на новото осигурување, Европа Ре во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделство и првата акредитирано друштво за осигурување партнер на Европа Ре – Албсиг Македонија, ќе организира серија трибини преку кои директно ќе ги запознаат земјоделците и нивните здруженија со придобивките од новото осигурување според индекс на принос во одредена област.
Европа Ре е уникатен и пред сѐ функционален модел на партнерство меѓу државите од регионот, глобалните институции и приватниот сектор. Нејзини основачи и главни акционери се Владите на Македонија, Србија и на Албанија, а компанијата е поддржана и од Светската Банка, Европската Унија, Обединетите нации, Швајцарскиот секретаријат за економски прашања и Глобалната мрежа за животна средина. Седиштето на Европа Ре е во Швајцарија. Засега компанијата работи на пазарите во Србија, Албанија и Македонија, каде оваа пролет беше претставен првиот производ за осигурување од земјотрес. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

