Македонија
Првиот Biz Triple Talks форум на 26-ти ноември во Скопје
Првиот Biz Triple Talks форум кој цели кон поттикнување на свесност и креирање на конструктивен и интерактивен дијалог за работи поврзани со економскиот и социјалниот развој во општеството, ќе се одржи на 26-ти ноември во спортскиот центар Форца.
Тематски насочен кон бизнисот, иновациите и претприемништвото, форумот обединува три панела кои заслужуваат зголемено внимание и третман во македонското општество, а се потенцијални генератори на развој. Тоа се социјално претприемништво и општествена одговорност, женско претприемништво и интер- приемништво и иновации.
На панелите свое обраќање ќе имаат реномирани говорници од бизнисот, владиниот и невладиниот сектор и академијата.
Покрај панел дискусиите организаторите за посетителите подготвуваат и модна ревија на дизајнерката Олгица Ѓоргиева, менторски средби со панелистите, модна работилница во организација на порталот Stylist.mk, како и коктел забава.
Biz Triple Talks е во организација на ПР и маркетинг агенција Honeybiz и консултантската компанија Triple S Group.
Настанот ќе се одржи во спортскиот центар Форца, а учеството во форумот е слободно за сите посетители.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Нова потенцијална инвестиција на компанијата „Интекар глобал“
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари средба со генералниот менаџер на компанијата Интекар Глобал, Махмутхан Келеш. Средбата, која претставува продолжение на разговорите започнати минатиот месец, беше посветена на разгледување на конкретни можности за потенцијално инвестирање од минимум 20 милиони евра.
Директорот Димовски ги претстави активностите и приоритетите на Владата, при што ја истакна подготвеноста за поддршка на компании кои планираат проширување на своето присуство и реализација на развојни проекти кои носат висока додадена вредност.
Од страна на Махмутхан Келеш, генерален менаџер на компанијата Интекар Глобал беа презентирани досегашните резултати, како и визијата за натамошен развој, при што беше нагласен интересот за продлабочување на соработката и разгледување на можности за потенцијална инвестиција од минимум 20 милиони евра. Во тој контекст, беше потенцирана важноста на стабилната деловна средина и институционалната поддршка за успешно реализирање на долгорочни деловни планови.
Компанијата Интекар Глобал која веќе подолг период работи во Индустриската зона Дуброво, Неготино е водечки производител во индустријата за кабли со широк спектар на производи, од нисконапонски до средно напонски кабли, соларни кабли и специјални кабли. Компанијата е препознаена по високите стандарди за квалитет, флексибилноста во прилагодување на барањата на клиентите и силниот акцент на технолошки развој и енергетска ефикасност.
Оваа средба – продолжение на разговорите започнати ноември годинава, претставува дел од концептот посветен на активна комуникација и соработка со сите инвеститори. Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, останува и понатаму посветена на создавање стабилна и предвидлива деловна средина, преку партнерски однос со инвеститорите и институционална поддршка за реализација на инвестиции што придонесуваат кон економски раст и отворање нови работни места.
Економија
Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони во енергетиката
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата потпишала договори за инвестиции во енергетскиот сектор во вкупна вредност од околу 100 милиони евра, со што, како што истакна, енергетиката се позиционира како еден од клучните национални приоритети.
Како што наведе Мицкоски, потпишани се договори за реализација на фотонапонската електрана „Битола 3“ и за ревитализација на хидроелектраните – Фаза 3. Вкупната вредност на инвестициите изнесува 97 милиони евра, од кои 50 милиони евра се обезбедени од КФВ банка за фотонапонската електрана „Битола 3“, 10 милиони евра се наменети за ревитализација на хидроелектраните, додека 37 милиони евра се средства од Европската банка за обнова и развој за истиот фотоволтаичен проект.
Според премиерот, со овие проекти инвестициите во енергетскиот сектор се приближуваат до 100 милиони евра и имаат стратешко значење за националната безбедност, економската стабилност и долгорочниот развој на државата. Тој посочи дека сигурен и стабилен енергетски систем е предуслов за намалување на зависноста од увоз на електрична енергија и за стабилизирање на енергетскиот биланс.
Мицкоски истакна дека фотонапонската електрана „Битола 3“ претставува чекор кон модерна и одржлива енергетика, додека ревитализацијата на хидроелектраните ќе придонесе за зголемена ефикасност и продолжен работен век на постојните капацитети.
Премиерот додаде дека инвестициите ќе имаат и економски ефект преку отворање нови работни места, ангажман на домашната индустрија и развој на локалните заедници. Тој изрази благодарност до Министерството за финансии, АД ЕСМ, како и до меѓународните партнери КФВ Банка и Европската банка за обнова и развој за поддршката и довербата во проектите.
Економија
Одржана седница на Комитетот за финансиска стабилност: финансиската стабилност е зачувана
Финансиската стабилност е задржана, а финансискиот систем и натаму покажува добра отпорност и способност за справување со предизвиците. Овие оцени беа дадени на седницата на Комитетот за финансиска стабилност, одржана во Народната банка, на која присуствуваа Трајко Славески, гувернер на Народната банка, Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии, Бујаре Абази, претседателка на Комисијата за хартии од вредност, Ремзи Бајрами, претседател на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Ели Дракуловска, претседателка на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Макроекономскиот амбиент е поповолен, но и натаму е неизвесен. Трговската неизвесност, геополитичките тензии, нарушувањата во синџирите на снабдување и непредвидливоста во политиките создаваат зголемени ризици за светската економија, а посредно и за домашната економија. Како мала и отворена економија, земјава е чувствителна на надворешни шокови. Сепак, ефектите од овие ризици засега се оценуваат како ограничени, а отпорноста на финансискиот систем на шокови е значително зајакната.
Во третиот квартал од 2025 година, банкарскиот сектор ја задржа стабилноста и непречено го извршуваше финансиското посредување. Банките работеа во постабилен амбиент, но и натаму имаше неизвесност поврзана со трговските бариери и светските политики. Во овој период е забележана поголема кредитна и депозитна активност, проследено со натамошно намалување на евроизираноста на билансите на банките.
„Банкарскиот сектор располага со солидна солвентност, којашто достигнува највисоки нивоа од 2006 година, како и со задоволителна ликвидност. Квалитетот на кредитното портфолио и натаму е солиден, при што нефункционалните кредити се намалени на историски најниските 2,3%, а не се очекува влошување на портфолиото од реструктурирани и пролонгирани кредити, коишто се мали по обем и уште се намалуваат. Профитабилноста на банките сѐ уште е добра и претставува значаен извор за натамошно зголемување на нивниот капитал, иако е благо пониска во однос на претходниот период. Макропрудентните мерки на Народната банка и натаму имаат значителен придонес за јакнењето на солвентноста и отпорноста на банкарскиот сектор на потенцијални шокови“, посочи гувернерот д-р Трајко Славески.
„Одржувањето на стабилноста на финансискиот систем во целина е особено значаен за остварување на економските политики што ги спроведува Владата и Министерството за финансии. За таа цел, се преземаат мерки и активности за подобрување на законската регулатива, вклучително и за финансиските друштва и друштвата за лизинг со цел да се олесни пристапот за финансирање и заштита на потрошувачите“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Комисијата за хартии од вредност постојано го зајакнува регулаторниот и надзорниот пристап кон пазарот на капитал, каде што вкупната пазарна капитализација на акциите и обврзниците на 30.11.2025 година изнесуваше 378,5 милијарди денари, а индексот МБИ-10 бележи раст од речиси 12% на годишно ниво. Истовремено, нето-вредноста на средствата на инвестициските фондови на 30.11.2025 година достигна 28,5 милијарди денари, што претставува зголемување од 47% во однос на минатата година. Во услови на зголемена дигитална зависност на финансиските институции, Комисијата за хартии од вредност и во иднина ќе биде посветена на унапредување на дигиталната отпорност на критичната пазарна инфраструктура, како предуслов за долгорочен интегритет и напредок на пазарот на капитал и на финансискиот систем во целина“, истакна претседателката на КХВ, м-р Бујаре Абази.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ‒ МАПАС, Ремзи Бајрами, истакна дека во услови на зголемена неизвесност на светските финансиски пазари и постепена нормализација на монетарните политики, капитално финансираното пензиско осигурување и натаму има значајна улога во зачувувањето на финансиската стабилност преку долгорочно и претпазливо инвестирање, претежна изложеност во домашни државни хартии од вредност и соодветна географска и секторска диверзификација. Истовремено, надлежните институции преку координиран надзор и размена на информации внимателно ги следат ризиците поврзани со движењата на каматните стапки, инфлацијата и ликвидноста, заради навремено ублажување на потенцијалните системски ризици. Оттука, се работи на воведување на концептот на мултифондови, како структурна реформа што ќе овозможи поусогласено управување со инвестициските ризици според животниот циклус на членовите, зголемување на долгорочните приноси и дополнително зајакнување на отпорноста и стабилноста на пензискиот систем.
Во своето излагање, Дракуловска, претседателка на Советот на експерти на АСО, заклучи дека осигурителниот пазар во сегментите неживот и живот во 2025 година го обезбедува континуитетот на растот. За првите девет месеци годинава, вложувањата во осигурувањето достигнале ниво од 13,80 милијарди денари (223,77 милиони евра), што претставува зголемување од 13,3 отсто во споредба истиот период од 2024 година. Во истиот период друштвата за осигурување исплатиле бруто-износ на штети од 4,82 милијарди денари, што во споредба со истиот период лани претставува зголемување од 11,4%. Во делот на легислативата и приближувањето кон стандардите на ЕУ, Дракуловска рече дека АСО и Министерството за финансии ќе ги завршат активностите поврзани со изготвувањето на новиот Закон за осигурувањето. Воедно, АСО започна со подготовката за спроведување на светскиот стандард за финансиско известување МСФИ 17. Во делот на супервизијата, АСО ќе се стави поголем акцент на зајакнувањето на супервизорските капацитети и постепено воведување супервизија заснована на ризиците.
Комитетот ја нагласи потребата од натамошно внимателно следење и претпазливо управување со ризиците од страна на финансиските институции, како и при водењето на економските и финансиските политики, како поддршка за одржувањето на финансиската стабилност и во наредниот период.

