Македонија
Раст на индустриското производство од 13,1 отсто во октомври
Индексот на индустриското производство во Македонија во октомври бележи зголемување од 13,1 отсто во однос на истиот месец лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика објавени во петокот.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во октомври 2015 година бележи опаѓање на годишно ниво од 6,8 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 18,2 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 14,4 отсто.
Според главните индустриски групи, производството во октомври во однос на октомври 2014 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 5,2 отсто, Капитални производи за 27,4 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 0,3 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 23,1 отсто, додека опаѓање бележи кај Енергија за 14,2 отсто.
Индексот на индустриското производство во периодот јануари – октомври 2015 година, во однос на истиот период лани бележи раст од 3,6 отсто. /крај/мф/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Обединетите нации: Цените на храната паднаа во декември, шеќерот најмногу
Цените на храната благо паднаа во декември 2024 година, со значително поевтин шеќер и стабилни цени на житните култури, објави денеска Агенцијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО).
Индексот на цените на ФАО за кошничката со основните прехранбени производи во просек изнесуваше 127,0 поени во декември, што е за 0,5 отсто помалку од ноември, пресмета ФАО. Сепак, во споредба со декември 2023 година, цените на храната се повисоки за 6,7 отсто.
Во текот на 2024 година кошничкта со основните прехранбени производи беше поевтина за 2,1 отсто, при што значително пониските цени на житните култури и на шеќерот го надминаа поскапувањето на растителните масла, млекото и млечните производи и месото. Цените на шеќерот паднаа најмногу во декември, 5,1 отсто во однос на ноември, благодарение на подобрените прогнози за жетвата на водечките производители. Во однос на декември претходната година неговите цени се пониски 10,6 отсто.
Млекото и млечните производи во декември поевтини од ноември, а поскапи од лани на глобално ниво
Забележливо падна и цената на млекото и млечните производи во последниот месец од минатата година, 0,7 отсто во однос на ноември. Нивните цени се намалија првпат од април под притисок на пониските цени на путерот поради намалената побарувачка и акумулираните резерви. Во однос на декември минатата година, цените на млекото и млечните производи се повисоки 17 отсто, а во текот на 2024 година се зголемени во просек 4,7 отсто.
Цените на житото се задржаа на нивото од претходниот месец во декември. Во однос на декември 2023 година тие се за 9,3 отсто пониски. Извозните цени на пченицата беа стабилни во декември како одраз на рамнотежата помеѓу намалената побарувачка и подобрената понуда во Аргентина и Австралија и лошите услови за културите на пченицата во Русија.
Цените на месото не се зголемија многу
Цените на пченката благо пораснаа благодарение на благо подобрениот извоз во САД во услови на намалена понуда и силна побарувачка за украинскиот извоз. Во текот на минатата година цените на житните култури беа во просек за 13,3 отсто пониски од 2023 година. Тие се намалија втора година по ред по рекордното ниво во 2022 година, забележува ФАО.
Растителните масла поевтинија за 0,5 отсто во декември во однос на ноември. Во споредба со крајот на 2023 година поскапеле 33,5 отсто. Во текот на целата 2024 година нивните цени беа во просек за 9,4 отсто повисоки од 2023 година поради намалената понуда, според ФАО. Месото беше исклучок на крајот на минатата година со месечен раст на цената од скромни 0,4 отсто. На годишно ниво неговите цени се зголемени 7,1 отсто.
Економија
Континуиран растечки тренд на користењето на дигиталните канали за извршување на електронските плаќања
Народната банка на Република Северна Македонија ги објави податоците од доменот на платежната статистика за третиот квартал од 2024 година, кои покажуваат постојан тренд на зголемена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата.
Овие податоци се особено значајни, бидејќи ја истакнуваат промената во навиките на граѓаните во насока на сѐ поголема употреба на платежните картички при иницирање на плаќањата, како и користење на решенијата за мобилно плаќање кај електронските кредитни трансфери (платните налози).
Во третиот квартал од 2024 година се забележува значителен годишен раст кај бројот и вредноста на платежните трансакции на граѓаните во трговијата во земјата. Трансакциите со картички, издадени од домашните даватели на платежните услуги, пораснале за 10,2% по број и за 13,6% по вредност. Овој раст најмногу се должи на високиот годишен раст на бројот на плаќањата во е-трговијата во земјата, кој изнесува 29,2%, како и растот од 8,8% на плаќањата преку терминалските уред ПОС.
Покрај тоа, забележан е и годишен раст во бројот на плаќањата на граѓаните со платни налози. Бројот на платежните трансакции се зголемил за 9,9%, а вредноста на остварените трансакции пораснала за 22,2%. Ова укажува на натамошно зголемување на употребата на дигиталните канали за иницирање на овие плаќања. Најзначајни се резултатите од употребата на апликациите за мобилно плаќање, кои покажуваат годишен раст од 50,2% во бројот на платежните трансакции споредено со истиот период од 2023 година. Во рамките на овие податоци, се истакнува податокот дека граѓаните извршиле 65% од вкупниот број електронски иницирани платни налози преку мобилните платежни апликации, што покажува дека мобилните апликации за плаќање стануваат сѐ попопуларни, бидејќи нудат побрзи и поедноставни решенија за иницирање на платежните трансакции.
Податоците од доменот на платежната статистика за третиот квартал од 2024 година, освен што ги опфаќаат платежните трансакции на граѓаните во земјата, вклучуваат и податоци за платежните трансакции на правните лица во земјата. За повеќе информации, податоците се достапни на следнава врска.
Економија
Седумдесет отсто од даночните обврзници платиле во законски рок
Во текот на декември, даночните обврзници успешно ја исполнија својата обврска за плаќање на данокот на личен доход, социјалните придонеси и ДДВ, што е одраз на одговорни даночни обврзници и усогласеност со законските обврски, соопшти Управата за јавни приходи.
Во однос на бруто – плата за месец ноември 2024 година, 70,650 работодавачи имале обврска да исплатат плати и социјални придонеси за 552,030 вработени лица.
Во законскиот рок до 16 декември, 49,911 или 71% од работодавачите ја исполниле обврската и исплатиле бруто плати и социјални придонеси за 482,276 од вработените лица.
Ова значи дека за 87% од вработените во државата социјалните придонеси се уплатени навремено.
Овој резултат покажува одговорност и посветеност на работодавачите со цел исполнување на даночните обврски на време, што има директен позитивен ефект и врз социјалната сигурност на работниците.
Што се однесува до обврските за ДДВ, 98,7 % од регистрираните месечни ДДВ обврзници навремено ги поднесоа даночните пријави за месечниот период од 01 – 30/11/2024 година.
Од вкупно 7,284 даночни обврзници, 4,025 во даночните пријави пријавиле даночен долг за ДДВ и имале обврска за уплатат 3,399,369,827 денари, од кои 70% или 2,811 од даночните обврзници навремено ги исполниле своите обврски при што уплатиле 78 % од вкупно пријавениот долг, односно уплатиле вкупно 2,652,711,966 денари.
За даночните обврзници кои не ги платиле даночните обврски во законскиот рок, Управата за јавни приходи редовно постапува согласно дадените законски овластувања со мерки за глоба за неподнесена даночна пријава и присилна наплата на неплатениот даночен долг.
„Промовирајќи култура на позитивни односи со даночните обврзници, Управата претходно доставува известувања на сите кои задоцниле со потсетување доброволно да ги платат доспеаните даночни обврски, а потоа доставува опомени согласно закон и спроведува присилна наплата од парични средства на сметка во банка (блокада на сметка)“, додаваат од УЈП.
Целта на Управата за јавни приходи е да постигне висок степен на навремено исполнување на даночните обврски како показател за ефикасно собирање на даночните приходи, заради што делува проактивно и превентивно пренесувајќи соодветни пораки до јавноста и до секој даночен обврзник.