Македонија
Ременски најави низа мерки за подобрување на стандардот на пензионерите
Државна социјална пензија за оние граѓани кои не исполнуваат стаж за остварување право на пензија или воопшто не биле вработени, зголемување на пензиите според зголемувањето на животните трошоци, санација на домовите за стари лица, се некои од мерките коишто во средата при посетата на Струмица ги најави дополнителната министерка за труд и социјална политика, Фросина Ташевска–Ременски.
„Кога зборуваме за реална грижа за пензионерите мислиме и на враќање на годишното усогласување на пензиите со растот на трошоците на живот, како што беше до пред три години кога се правеше двапати во годината, во јануари и во јуни. Од пред три години имаме номинално зголемување на пензиите односно целта маса на пензии за 5 отсто и линерана исплата на покачување пензија од 500 денари што сметаме дека не е согласно проинципот на еднаквост по однос на висината на корисниците на пензии. Планираме да го вратиме законскиот основ за двапати усогласување во текот на годината што ќе придонесе за раст на пензиите повеќе од 600 денари. Сумата од 600 денари нема да се укине, туку ќе оди зголемувањето на пензиите нагоре зошто основот трошоците за живот се поголеми од реалното зголемување на пензиите како што е моментот“, рече Ташевска-Ременски, која доаѓа од редовите на опозицскиот СДСМ.
Притоа најави и државна социјална пензија за оние граѓани кои не исполнуваат стаж за остварување право на пензија или, пак, воопшто не биле вработени, во висина од 60 проценти од просечната плата.
Ременски истакна дека од општините кои се основачи на домови за стари лица побарале ослободување од трошоци за лекови и лекување на пензионерите кои на сопствен трошок живеат таму. Во однос на здравствената заштита, министерката најави зголемување на висината на пензијата од 13 на 15 илјади денари за бесплатно болничко лекување со можност на нивно лекување во јавното, но и приватното здравство преку потпишување соодветни договори за соработка.
„Кога мислиме на реална грижа, мислиме и на принципот на недискриминација. Сите пензионери во Република Македонија мора да ги уживаат истите права. Бесплатниот превоз што го уживаат пензионерите од градот Скопје мора да биде право и на сите останати пензионери, за да се ослободат трошоците за јавен или за меѓуградски превоз во кој ќе може да го искористат правото исто како пензионерите во Скопје“, рече Ташевска-Ременски.
По средбата со пензионерите кои користат бесплатно бањско лекување во Бања Банско, министерката посочи дека се залага за вистинска и реална грижа за старите лица, најавувајќи неколку проекти, меѓу кои и можноста за реновирање на, како што рече, супстандардниот кат во Старскиот дом во Прилеп.
Одговарајќи на новинарски прашања, посочи дека е потребно кадровско вложување и покривање на трошоците за превоз на лицата со посебни потреби за зголемување на нивниот број во Дневните центри.
Рече и дека Министерството за труд и социјална политика сериозно размислува за отворање шелтер центри за жртвите на семејно насилство која, како што рече, би била не само за сместувачка, туку и за стручна и финансиска поддршка која им е потребна на овие лица.
Прашана за протестот на лицата отпуштени од кампот во „Винојуг“ Гевгелија, Ременски одговори дека останува на вчерашното соопштение дека Министерството никогаш ги немало ангажирано овие лица, туку оти тоа било обврска на јавното комунално претпријатие од Гевгелија и градоначалникот, кој, според неа, одбил средба со неа за заедничко решавање на проблемот.
Ташевска-Ременски, ги посети Дневниот центар за лица со попреченост, Центарот за социјална работа, пензионерите кои користат бањско лекување во „Бања Банско“, Заводот за заштита и рехабилитација и детската градинка во Струмица./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.