Македонија
Роберт Хот избран за нов претседател на Градежната комора при ССК
Градежната комора при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), на годишното Собрание, едногласно го избраа Роберт Хот, за нов претседател.
На Собранието претседателот на ССК, Даниела Арсовска, истакна дека Градежната комора во рамки на ССК, беше посебно активна и актуелна во изминатиот период и нагласи дека секторот градежништво и понатаму ќе продолжи да биде двигател на економскиот раст во нашата земја.
„Изградбата на регионална и на локална инфраструктура во изминатите години беше едно од главните барања на ССК, бидејќи на тој начин, ќе се обезбеди непречен проток на стоки и на услуги, со што ќе има поголемо раздвижување на македонската економија. Ќе се поттикнат домашните инвеститори, а ќе се привлечат и повеќе странски инвеститори. Инвестиции во капитални инфраструктурни објекти се многу важни бидејќи, домашните градежни компании се вклучени како изведувачи и подизведувачи во изградбата“, изјави Арсовска.
Досегашниот претседател на Градежна комора, Сеад Кочан, кој од октомври годинава е заменик претседател на ССК, истакна дека за него беше предизвик да биде првиот претседател на Градежна комора од 2009 година, во време кога градежништвото доживува најголем развој.
„Последниве години континуирано се зголемува учеството на градежништвото во БДП. Ако во 2008. година градежништвото учествувало со 4 проценти, минатата година е зголемено на 7 проценти. Согласно буџетот за 2015 година, во градежништвото се очекува раст од 7,5 %. Градежната комора активното учествуваше во донесување на Законот за градење, Закон за легализација на бесправно изградени објекти, Закон за минерални суровини и многу други Закони поврзани со секторот градежништво “, вели Кочан.
Функцијата претседател на Градежна комора во следните две години, градежните компаниите му ја доверија на Роберт Хот, генерален менаџер на „Хот и Хот – КГ“ и активен член на Управен одбор на Градежна комора и на ССК.
„Одговорноста која ми ја доверија компаниите ме поттикнува со засилено темпо да ја водам Градежната комора. И понатаму ќе работиме на зачувување на економската стабилност на градежните компании, продолжуваме со лобирање кај соодветните институции и активно учество во донесување и измени на законските регулативи, како и до сега ќе влијаеме на јавното мислење за значењето и придобивките на Република Македонија од секторот Градежништво. Верувам дека и во следниот период ќе градиме успеси“, рече Хот.
Во Градежната комора на ССК, членуваат етаблирани компании од повеќе дејности во секторот градежништво. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

