Македонија
Саем Австралија ЕКСПО – можност за работа, студии и живеење во оваа земја
Саем Австралија ЕКСПО ќе се одржи во сабота од 10 до 20 часот во новоотворениот хотел Мериот на Плоштад Македонија.
Овој саем се организира за прв пат до сега во нашата држава, но и на Балканот, и ќе го концентрира интересот и фокусот на сите македонски граѓани во однос на сите поволности што ги нуди Австралија. „Овој настан претставува единствена и уникатна шанса на сите заинтересирани македонски граѓани да се информираат за сите можности кои ги нуди Австралија како една најатрактивна дестинација за живеење, работа, туризам, студирање и инвестирање. Воедно, една од целите на саемот е и да се информираат македонските граѓани за големиот број на визи за Австралија што ќе им го олесни начинот на влез во државата од информативен аспект“, информираат организаторите.За да се добијат подетални и целосни информации за Австралија како неверојатна можност која што има многу што да понуди за сите заинтересирани македонски граѓани, самиот настан ќе биде официјално отворен од страна на почесниот Австралиски конзул во Република Македонија, Зоран Костовски како претставник на Австралиската влада. Меѓу излагачите на саемот е и претставникот на владата на Викторија, Зејн Ребоња, кој ќе ги информира посетителите за инвестирањето и за можностите на оваа држава да спонзорира идни кандидати. Тој ќе информира исто така, за тоа кои се дефицитарните насоки и за начините за аплицирање за спонзорирана виза. Како излагачи на саемот се и Роберт Дејановиќ – извршен директор на АГБ Тренинг, Игор Велички – регионален менаџер за продажба и маркетинг од ЕдуКо, Дејан Трајковски – претставник на Australian Migration Office. Следствено, агентите за миграција ќе ги запознаат граѓаните со условите за аплицирање за визи (визи за постојан престој врз основа на струката, работни визи, туристички визи за туризам или посета на роднини, визи за студирање и др.) како и за законите и потребните документи за поднесување молба за адекватната виза.За уште поисполнета и побогата програма на заемот учество и излагање има и Образовниот Информативен Центар од Скопје кој што ќе изнесе целосно објаснување за подготовката и полагањето на тестовите IELTS и TOEFL. Како излагачи се јавуваат и претставниците на познатите училишта во Австралија кои ќе им овозможат на сите потенцијални студенти да станат дел од нивното едукативно семејство кое што константно нуди ново искуство, нови успеси, нова мрежа на контакти и дополнително унапредување во животната кариера на студентите како што се: Кембриџ Интернејшнл Колеџ (Cambridge International College), Универзитетот Саутерн Крос (Souther Cross University), Баркли Колеџ (Barkly College) и многу други училишта што ќе информираат за условите за студентска виза, ќе ги понудат своите програми за студирање, цените на школарините или стипендии и начините на школување во Австралија и ќе им овозможат на сите студенти ново искуство, нови успеси, нова мрежа на контакти и дополнително унапредување во својата животна кариера. “Интересот за Австралија на овие простори е секогаш огромен бидејќи позната ни е поврзаноста на луѓето од Македонија со Австралија со децении наназад, но позната ни е и комплексноста во аплицирањето за виза, долгата низа на документи и сложените процедури. Се надеваме на голема посетеност на саемот кој ќе прерасне во традиционален. Австралија Експо нуди можност самите граѓани да ги пронајдат одговорите на нивните прашања и на тој начин да ја остварат својата цел. Со тоа ќе ја доближиме Австралија до Македонија и обратно. Ве покануваме да не посетите на овој настан и да поминете еден информативен и забавен ден со сите нас. Овој саем има за цел да ја зголеми мотивацијата и иницијативата кај македонските граѓани за усовршување на својата кариера и воедно подобрување на експертизата и бизнис климата во РМ во иднина. РМ има одлична можност да ја зацврсти претходно заснованата позитивна соработка со Австралија и да ја зголеми професионалната експертиза за РМ во иднина,” – изјави Дејан Трајковски, Организатор на Австралија Експо. Сите заинтересирани македонски граѓани имаат бесплатна можност за посета на ваквиот настан од уникатен карактер, сепак, единствената молба за сите заинтересирани граѓани се однесува на нивна претходна регистрација за учество на настанот на следниов линк: www.AustraliaExpo.mk и тоа се со цел да се овозможи беспрекорна организација и координација на активностите во текот на денот. Но, ако заинтересираните не се во можност да се регистрираат преку горенаведениот линк, во тој случај слободно можат да дојдат на настанот и евиденцијата ќе биде направена во самиот хотел. Многу корисни и интересни информации за настанот и Австралија можат да се видат и на фан страницата Facebook: www.facebook.com/AustraliaExpo. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.
Економија
Зголемени цените во индустријата во ноември
Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во ноември 2025 година се зголемени за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, соопшти Државниот завод за статистика.
Месечниот раст на цените е забележан кај интермедијарните производи, освен енергија, каде што има зголемување од 0,5 отсто, како и кај трајните производи за широка потрошувачка, кои пораснале за 3,0 отсто.
На годишно ниво, односно во споредба со ноември 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се зголемени за 4,6 отсто. Во овој период, раст на цените е регистриран кај енергијата за 6,9 отсто, кај интермедијарните производи, освен енергија за 4,2 отсто, како и кај нетрајните производи за широка потрошувачка, каде што е забележано зголемување од 4,4 отсто.
Економија
Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
Денеска е реализирана исплата на средства во вкупен износ од 39.065.031 денари кон 663 оризопроизводители.
Исплатата се однесува за финансиска поддршка од 6 денари по килограм предадена оризова арпа во откупувачки центри, за периодот од 1 март до 30 септември 2025 година, со ова се опфатени сите оризопроизводители од минатата реколта.
Министерството за земјоделство соопшти дека нивна цел останува зајакнувањето на домашното производство и поддршката на земјоделците.
Фото: pexels

