Македонија
Саем за вработување ќе се одржи во вторник во СЦ Борис Трајковски

Првиот Саем за вработување во Република Македонија ќе се одржи во вторник во Скопје. На еднодневниот саем, кој ќе се оддржи во СЦ “Борис Трајковски”, ќе бидат присутни повеќе од 80 компании, со цел нивно доближување до граѓаните и можност да пронајдат кадар кој би бил соодветен за отворените работни позиции во истите.
По примерот на светските метрополи, со Саемот за вработување ќе се даде можност и на младите луѓе во Македонија, кои сега се определуваат за своето образование и работа која сакаат да ја работат, да дознаат што бара самиот пазар на труд, со цел нивно вработување по завршувањето на образованието.
“На наше огромно задоволство, во вторник сите оние кои активно бараат работа и сакаат да се запознаат со можностите понудени на пазарот на труд, истото ќе можат да го сторат во СЦ “Борис Трајковски,”, на првиот Саем за вработување. Саемот ќе биде отворен за посетители од 10 до 19 часот, а веруваме дека одзивот ќе биде голем, пред се поради фактот дека на истиот ќе бидат присутни најголемите работодавци во државата, воедно најуспешните македонски и странски компании,” изјави Влатко Поповски, Директор на Агенција за Вработување на Република Македонија.
На Саемот, ќе бидат застапени компании од различни категории, се со цел овозможување богата понуда за што поголем број профили и струки. Во состав на саемот, посетителите ќе можат да слушнат и интервјуа со претставници на истите, кои ќе се одвиваат на главната сцена. Конечно, во состав на саемот ќе има и две кафулиња, каде работодавците ќе имаат можност, на модерен и неформален начин, да се запознаат со потенцијалните кандидати за вработување. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Битиќи: Граѓаните тонат во сиромаштија, пратениците да го прифатат предлогот на СДСМ за ДДВ на струја и храна

Пратениците на СДСМ го поднесоа предлог-законот за намалување на ДДВ-то за струја и основните прехранбени продукти и бараат поддршка тој да се прифати, со што ќе се намали ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5 отсто, како и за основните прехранбени производи, од 5 на нула проценти. Со ова ќе им се помогне на граѓаните, а секое одложување и неприфаќање значи финансиски товар врз семејствата, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи на денешната собраниска седница.
Тој потенцираше дека намалувањата на ДДВ за струја и основни прехранбени производи се системски одговор на скапотијата, која со секој изминат ден станува се потешка. Според последните податоци граѓаните во Македонија плаќаат најскапа струја во регионот со просечна цена од 6,08 денари за киловат-час, а зголемена е и потрошувачката кошница која во февруари достигна 63.773 денари, што е зголемување од 521 денар за само еден месец.
– Индексот на трошоците на животот во јануари е за 4,9% повисок во споредба со истиот месец, од лани, додека индексот на цените на мало бележи раст од 5,2%. Ова е реалност што граѓаните ја чувствуваат при секое одење во маркет, при секоја платена сметка за струја. Затоа замрзнувањето на цените на нивото од 1. февруари не е целосно решение, затоа што цените се зголемија па се одлучи да се замрзнат. За тоа што се случува во реалниот живот зборува вредноста на потрошувачката кошница која во февруари достигна 63.773 денари, што е зголемување од 521 денар за само еден месец. Денес, за да се задоволат основните потреби, едно семејство треба да издвои 2,9 минимални плати, што е јасен показател дека просечниот граѓанин едвај врзува крај со крај, рече Битиќи.
Намалувањето на ДДВ-то за електричната енергија, потенцираше Битиќи, ќе значи конкретно финансиско олеснување за над 600 илјади домаќинства, кои во јануари мораа да платат од 20 до 30% повисоки сметки за струја. Владата во делот на енергетиката потфрли.
– Податоците се поразителни. Во ноември, официјално планираниот увоз на струја од соседните земји беше 0 GWh, но реалноста беше поинаква – увезени беа 351,3 GWh. Истото се случи и во декември – повторно планиран увоз од 0 GWh, а фактички беа увезени 425,7 GWh. Граѓаните се изложени на милоста и немилоста на увозните цени на струјата. Затоа и сметките растат. Поради што и овие измени и дополнување се неопходни. Со нивното усвојување за сметка од 3.000 денари за струја, граѓаните ќе заштедат околу 400 денари месечно, а за сметка од 5.000 денари, заштедата ќе изнесува околу 700 денари, рече Битиќи.
Со предлогот за укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи најголема корист ќе имаат домаќинствата со ниски примања, кои трошат најголем дел од своите приходи на храна. Наместо несоодветни и половични мерки, како што е замрзнувањето на маржите само на 102 групи на производи, вели Битиќи, ова решение ќе ги опфати сите 238 групи на производи. Ќе имаме поевтинување на над 3.000 основни прехранбени продукти – леб, брашно, млеко, јајца, шеќер, масло и многу други. Предложените измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност не се за СДСМ, не е за власта, не е за опозицијата – тие се за граѓаните. Нивното усвојување ќе значи пониски сметки за струја, поевтина храна и помала инфлација, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.
Економија
Годишен раст од 11 отсто на вкупните депозити и од 11,3 на вкупната кредитна поддршка

Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити остварија раст од 11,0 отсто, во поголем дел поради растот на депозитите на „домаќинствата“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор.
На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 11,3 проценти како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на ЛИНКОТ.
Економија
Дурмиши во Катар: Потребен е билатерален договор за посредување, со кој ќе се регулира регрутирањето на работниците

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, престојува во работна посета на државата Катар, каде оствари средба со шеикот Али бин Саид бин Сумаик Ал-Мари, министер за труд и други претставници на оваа земја.
Дурмиши на средбата истакна дека двете земји имаат голем потенцијал за унапредување на билатералната соработка во сите нивоа, како и за продлабочување на соработката во сите полиња, конкретно во полето на инвестициите, бидејќи Северна Македонија има клима и доволен капацитет за да ги пречека странските инвеститори.
Дурмиши информираше дека Северна Македонија и Државата Катар имаат договор за регулирање на вработувањето на работниците кој е во сила од март 2012 година, со кој се дефинираат односите меѓу двете земји за вработување на работници, постигнувајќи голем напредок меѓу Северна Македонија и Катар во областа на работните односи.
Со измените на законот за регулирање на организацијата на органите на државната управа, Министерството за економија и труд, од јуни ќе ги преземе работните односи, вработувањето, животниот стандард и заштитата на работниците и тоа дополнително ќе го олесни процесот не само на инвестиции, туку и на економска размена меѓу двете земји. Во наш интерес е да се воспостави меморандум за соработка кој ќе ги регулира областите на соработка меѓу двете земји, истакна Дурмиши.
За време на престојот во Катар, министерот Дурмиши го потенцираше и фактот дека нашата земја ја следи состојбата со нашите работници кои работат во Катар во одредени сектори, на пр. во угостителството, градежништвото, здравството итн. Во таа насока, потребно е да се склучи билатерален договор за посредување, со кој ќе се регулира регрутирањето на работниците, издавањето на работни визи и престојот во поедноставена постапка, времетраењето на работниот ангажман на работниците, нивните права и обврски, обврските на работодавачите, обврските на националните агенции за вработување на двете земји итн.
„За нас како Mинистерство за економија и труд, под чии надлежности се условите за работа на странските инвеститори, од големо значење е да работиме на подобрување на бизнис климата, се со цел да имаме повеќе инвестиции кои ќе значат поголема вработеност и поголем економски раст. Се надевам дека после оваа наша прва средба ќе работиме заеднички во иднина уште повеќе да ги подобриме односите помеѓу нашите две пријателски земји. Работиме со висок интензитет за да донесеме што повеќе инвеститори од Катар, што значително би ја подобрило економијата и животниот стандард на граѓаните“ изјави министерот Дурмиши.