Македонија
Саемот за мебел 2016 во рекордни 11 хали

Од 22 до 27 март на Скопски саем ќе се одржи меѓународниот саем за мебел, кој оваа година го одбележува своето 42. годишно постоење.
Меѓународен саем на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел, е водечки настан во модерниот и класичен мебел и дизајн на овие простори и пошироко. На овогодинешниот Саем за мебел, ќе се случува вистинско уживање за сите оние кои ќе дојдат да си купат нешто за дома, дворно место или канцеларија од 400 странски и домашни изложувачи кои имаат понуда од 10.000 изложени парчиња на мебел и сето тоа за прв пат во рекордни 11 саемски хали.„Меѓународниот саем МЕБЕЛ, стана препознатлив бренд во оваа индустрија и со текот на годините прерасна во еден од најдобрите и најпосетени саеми во регионот. Имено, станува збор за една од најатрактивните манифестации кај нас и пошироко, која е запаметена и со нетрпение очекувана заради своите оригинални декорирани изложбени простори, кои покрај мебел за домот го трасираат трендот за модерните кујни и елегантни бањи, осветлување, подови и ѕидни декорации, материјали за тапацирање, како и канцелариски мебел, мебел за јавни објекти, мебел и додатоци за со љубов уредувани градини, како и најновите технички и технолошки достигнувања на репроматеријали, машини и опрема за обработка на дрво кои заслужуваат целосно внимание“, изјави оперативниот директор на проект во Скопски саем, Магдалена Хамбова.Оваа специјализирана комерцијално изложбена манифестација стана своевидна берза на оваа индустриска гранка и место за средба на производителите и трговците од нашата земја, балканскиот регион и пошироко. Над 50.000 посетители секоја година ги минуваат штандовите на Мебел, а учество земаат повеќе од 400 домашни и странски изложувачи./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Ако веќе имате паметен телефон, зошто да не ја имате и вашата Влада таму?“ – Андоновски најави владина суперапликација

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше на панел-дискусијата „Дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината“, во рамки на Самитот 2025 кој е во организација на Македонија 2025.
Министерот во својот говор се осврна на владината суперапликација, која како што рече, треба да биде клучен проект кој ќе ги донесе услугите до граѓанитe.
„Едно од највозбудливите нешта што ги градиме е Super App – нашата национална мобилна апликација за дигитален идентитет и услуги. Сакаме да ја завршиме и лансираме до крајот на оваа година”, изјави министерот.
Тој во продолжение од својот говор објасни дека ваквата апликација е иснпирирана од украинската апликација ДИА, која целосно го променила начинот на комуникација помеѓу граѓаните и институциите во Украина.
„Нашата верзија ќе започне со она што им е најпотребно на луѓето – дигитална лична карта, возачка дозвола и пристап до клучни услуги. Идејата е едноставна: Ако веќе имате паметен телефон во рака, зошто да не ја имате и вашата Влада таму?” – додаде Андоновски.
„Не брзаме. Тестираме, подобруваме, ги слушаме корисниците и ја поставуваме правната основа правилно – бидејќи ако не функционира лесно и безбедно од првиот ден, луѓето нема да се вратат. Но, визијата е јасна: да им го вратиме времето, енергијата и довербата на луѓето. Но, исто така, да изградиме нешто ново тука – во Македонија“, заклучи министерот.
Економија
Директорот на ТИРЗ Гоце Димовски дел од 28-миот Евроазиски Економски Самит во Истанбул

Директорот Гоце Димовски како дел од владината делегација предводена од министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, заедно со Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања, денес присуствуваше на 28-миот Евроазиски Економски Самит, во Истанбул, Турција, организиран од страна на Фондацијата за стратешки и општествени истражувања – Мармара Груп.
Димовски во своето обраќање на панелот со тема „Екологија, Економија, Енергија и Вештачка Интелигенција“ посочи дека одржливиот развој не е само избор, туку неопходност.
„Технолошко-индустриските развојни зони во Македонија се поставени како пример за интегрирање на еколошките стандарди во индустрискиот развој. Со фокусирање на лесна, незагадувачка индустрија и модерна логистика, создадовме услови за производство што ги минимизира негативните влијанија врз животната средина и овозможува квалитетен живот за локалните заедници.“ – изјави Димовски.
Тој ги истакна фискалните и царински стимулации, даночни ослободувања и поддршката за нови работни места, што директно влијае на привлекувањето најиновативни домашни и странски инвеститори.
„Само преку партнерства, размена на знаење и иновации можеме да изградиме економии кои се отпорни, инклузивни и одржливи. Македонија останува посветена на европските вредности, на зелената транзиција и на дигиталната трансформација – заедно со вас, нашите пријатели и партнери од евроазискиот регион.“ – кажа Димовски.
Воедно, директорот Димовски во рамки на самитот оствари успешни средби со бројни високи претставници и потенцијални инвеститори, при што беа разгледани можностите за потенцијални инвестиции и зајакнување на економските односи.
Целта на овој самит е да ги зближи бизнисмените, политичарите и академиците од различни земји, што ќе влијае на зајакнување на соработката во областите на економијата, демократијата и безбедноста.
Учеството на Македонија и Дирекцијата за ТИРЗ како институција на овој самит е потврда за успешната соработка со Турција, со напори за континуриано унапредување на економските и инвестициски релации меѓу двете земји.
Економија
Митева: Владина делегација учествуваше на националниот ден на светската изложба ЕКСПО 2025 во Јапонија

Владината делегација предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и генералниот секретар на Владата Игор Јанушев денес учествуваше на националниот ден на светската изложба ЕКСПО 2025 во Јапонија.
„Силен впечаток остави точката и настапот на националниот ансамбл Танец кои го отворија денешниот ден. Македонскиот павилјон изобилува со традиционални изложби, но најсилно и најголеми внимание зазема токму онаа на јапонскиот архитект Кензо Танге кој го има проектирано Скопје после земјотресот во 1963 година“, изјави портпаролката, Марија Митева.
Како Влада остануваме посветени на афирмација на Македонија, а присуството на ЕКСПО 2025 година е уште еден доказ за тоа, додаде Митева.