Македонија
Се очекува плодна туристичка пролет во Охрид
Туристи од Холандија, Белгија, Данска, Полска, Турција, Бугарија, Грција, Албанија, и од земјите на поранешна Југославија ќе одмараат на Охридската ривиера во текот на месеците мај и јуни.
Според информациите кои ги доби порталот Ohridnews од туристички работници, освен групите на странски туристи, оваа пролет хотелите на крајбрежјето ќе бидат домаќини и на низа конгреси и семинари кои исто така ќе донесат бројни гости.
Пролетната сезона започнува со престојниот првомајски викенд кога се очекуваат голем број групи на српски, бугарски и турски туристи, како и бројни домашни гости.
„За претстојниот викенд во нашиот хотел буквално се бараше место повеќе, капацитетот ни е целосно исполнет. Исто така според најавите и резервациите, голем број туристи очекуваме и во текот на месец мај, кога ќе стартуваат чартер летовите од Холандија, но имаме и најави за туристи од Полска, Хрватска, Словенија и Турција во рамки на кружните Балкански тури“, вели Тоше Чочороски од хотелот „Силекс“.
Слична е состојбата и во хотели „Метропол“ од каде што информираат дека имаат исполнети капацитети за претстојниот продолжен викенд, а освен гостите од Европа, во текот на пролетните месеци ќе имаат голем број гости од далечно-источните земји, во рамки на кружните балкански тури.
Од хотелот „Гарден“ информираа дека во рамки на првомајскиот викенд очекуваат голем број групи на туристи од соседството, но и брони домашни гости.
„Овој викенд очекуваме групи на туристи од Грција, Србија и Албанија, а во текот на наредниот пролетен период освен традициналните туристи од Холандија очекуваме хрватски, словенски и полски туристи. Доколку се остварат најавите и резервациите ќе имаме успешна туристичка пролет“, велат од хотел „Гарден“.
Инаку според најавите на домшните ин-каминг агенции, во текот на наредната седмица ќе треба да пристигнат првите групи на туристи од земјите на Бенелукс. Првиот чартер на туроператорот „Корендон“ на охридскиот аеродром треба да слета на 5-ти мај, додека пак првиот чартер авион на туроператорот „ТУИ Аркетравел“ ќе пристигне на 10-ти мај.
Според податоците на туроператорите кои беа објавени во медиумите, продажбата на аранжманите за Охрид бележат пораст за околу 30 проценти, споредено со истиот период минатата година. Проценките на „Корендон“ и на „ТУИ“ врз основа на сегашниот интерес за македонската туристичка понуда се дека во текот на летната сезона 2015 на Охридската ривиера и во Македонија ќе летуваат околу 25 илјади туристи од Холандија, Белгија и Луксембург. /крај/
Извор: Ohridnews
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

