Македонија
Шеф Бобан Симоновски од тимот на ГАСТРО МАК најдобар готвач на Меѓународниот гастро туристички шампионат
Македонските готвачи – шефови на кујни на остварија извонеден успех на третиот Меѓународен гастро-туристички шампионат Ниш 2016, што Угостителско туристичкото здружение од Ниш го организираше изминатава седмица во рамките на традиционалниотНишки саем.
Македонскиот национален тим предводен од шефовите на Здружението на готвачи ГАСТРО МАК, се врати со Пехарот за најдобар готвач на шампионатот, Пехар за најдобар ресторан, освоени 15 златни медали, дипломи за поддршка и развој на гастрономијата и почесно членство на ГАСТРО МАК во Асоцијациите на шефови на регионот Сицилија од Италија и Романија
Тимот на Здружението на готвачи ГАСТРО МАК се натпреваруваше во сениорска конкуренција во 5 категории: подготвување на чорба од риба, национална кујна, подготовка на јадење на скара, национална кујна на модерен начин и подготовка на фламбирано јадење пред гостин.
Ресторанот ЈУГ од Мрзенци, беше прогласен за најдобар партнерски ресторан и беше генерален покровител на Македонската вечера Шампионатот Ниш 2016
Привилегија на македонскиот тим беше довербата од организаторот, шефовите на ГАСТРО МАК да подготват 1000 порции јагнешка чорба за посетителите на Нишкот саем кои со голем интерес ги следеа натпреварите во поединечните и екипните категории.
Годинава на Шампионатот земаа учество околу 400 натпреварувачи и 30 меѓународни судии од 20 земји меѓу кои: Германија, Романија, Словенија, Црна Гора, Швајцарија, Италија, Израел, Холандија, Велика Британија, Словачка, Србија, Бугарија, Грција, Тунис, Унгарија, Босна и Херцеговина, Австрија, Азербејџан, Хрватска и Македонија.
По категории одличјата ги освоија: Здружението на готвачи ГАСТРО МАК го предводеше капитенот шеф Зоран Андонов и тимот се натпреваруваше во сениорска конкуренција во екипна и во 5 поединечни категории: подготвување на чорба од риба, национална кујна, подготовка на јадење на скара, национална кујна на модерен начин и подготовка на фламбирано јадење пред гостин. Зоран Андонов, капитен на екипата на ГАСТРО МАК, шеф на кујна во ресторан ”Албис” Гостивар – Златен медал во категорија подготвување на чорба од риба и златен медал во категорија подготвување на модерна кујна. Бобан Симоновски шеф на кујна во ресторан ”Скара бар”, – го освои Пехарот за најдобар готвач на Шампионатот, и златни медали во категорија чорба од риба, подготвување на национално јадење на модерен начин, традиционална кујна и јадење на скара. Зоран Мајновски, шеф на кујна во ресторан ”Естел” – Златни медали во категорија подготвување на фламбирано јадење пред гостин, чорба од риба, подготвување на национално јадење на модерен начин, традиционална кујна. Бобан Билбиловски, шеф на кујна во ресторан ”Електра гарден” Тетово – златни медали во категорија подготвување на чорба од риба, подготвување на јадење на скара и традиционална кујна, и Влатко Ѓјоргиески , шеф на ресторан во хотел „Бетон” Охрид, златни медеали во во категорија чорба од риба, подготвување на традиционална кујна и модерна кујна
Извонредниот настап на шефовите на кујни од Македонија беше заокружен со подготовка на Македонската вечер, на која готвачите подготвија вечра за сите учесници на шампионатот. Гостите во духот на традицијата ги вкусија многубројните препознатливи специјалитети од познатото тавче гравче, мусаката со патлиџани, турлитава, тавче ориз, компир печен во фурна, јагнешка чорба, јагнешко и јарешко печено месо, повеќе видови меса и колбси подготвени на традиционален начин како и познатите пинџур, ајварите на ДИ-ЕМ и ВОРИ препознатливи во регионот како „македонскиот кавијар”, макало, македонски кашкавал и биено сирење. Во делот на десертите беа послужени слатко до смокви, кадаиф и раванлија. На одушевување на гостите вкусната храна подготвена од врвните македонски готвачи беше надополнета со големиот избор на македонски вина од винариите Стоби, Далвина, Виналија визба Валандово и познататите вина и струмичка мастика на Грозд Струмица.
Завршната вечер на Шампионатот на која домаќии беа македонскиот тим, беше збогатена и со избор за Убавица на туризмот 2016. Македонскиот тим како во насока на промоција на туризмот на земјата во соработка со хотел „Бетон” од Охрид на Мис на туризмот Ниш 2016 ѝ подари престој во Охрид. /крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.