Македонија
ССК спонзор на 9. Светски коморски конгрес во Торино
Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) традиционално и годинава заедно со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот (АСИПИ) од среда до петок ќе бидат дел од 9. Светски Коморски Конгрес во Торино, Италија.
На конгресот, присуствува Данела Арсовска, претседател на ССК, Невенка Стаменковска, раководител на сектор за услуги на инвеститори во Агенцијата, претседатели на гранските комори на ССК, како и бизнис делегација на компании членови на комората.
„Како спонозори на Светскиот коморски конгрес во Торино, Италија се заложуваме за успешна промоција како на нашата земја, така и на компаниите кои на овој начин имаат дополнителна можност за поголема презентација. Исто така, веќе се договорени и состаноци за бизнис поврзување и остварување на потенцијални бизнис партнерства со претставници на најголемите компании на глобално ниво“, изјави Арсовска.
Светскиот коморски конгрес претставува единствено глобално место за средба на коморите, организиран од страна на на ICC World Chambers Federation, на кој ќе присуствуваат претставници од 120 земји од целиот свет, 1600 претставници на стопански комори, а ќе се обратат и над 100 говорници лидери во своите области. Конгресот се одржува секои две години во различни региони од светот.
„Традиционално Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и годинава го поддржува Светскиот коморски конгрес, каде на едно место се собрани најголемите брендови од целиот свет и претставува одлична можност за промоција на инвестициските потенцијали на Република Македонија. Во текот на денот предвидено е да оствариме состаноци со претседателите на коморите од Канада, Велика Британија и Ирска, од каде имаше голем интерес за нашата земја“, изјави Стаменковска.
Светскиот коморски конгрес е единствениот меѓународен форум за здружување на коморите и бизнис – лидерите и претставува одлична можност за споделување на практични искуства, размена на идеи, интернационално проширување на бизнисот, воспоставување на нови контакти со коморите низ целиот свет.
ССК и Агенцијата беа дел и од 8. Светски Коморски Конгрес во Доха, Катар, додека 10. Светски Коморски Конгрес, предвидено е да се одржи во Сиднеј, Австралија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

