Македонија
ССК: Светските трендови во туризмот бараат регионална туристичка понуда
На денешната прес-конференција на Сојуз на стопански комори (ССК) предводена од Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при ССК, и амбасадорите на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија во Македонија, се разговараше за зголемувањето на туристичката соработка меѓу земјите, зголемување на бројот на туристи и креирање на заеднички туристички понуди за настап на трети пазари.
Подобрувањето на туристичката соработка и заедничкиот настап на трети пазари е од голема важност за економиите на земјите бидејќи туризмот е една од најзначајните стопански дејности кој директно влијае и придонесува за зголемување на економијата како на национално, така и на локално ниво и придонесува за позитивни долгорочни ефекти во останатите сектори.
„Нашата цел е продлабочување и интензивирање на туристичката соработка помеѓу земјите и изготвување квалитетни туристички услуги со цел привлекување туристи од трети земји. Авиолинија Скопје – Подгорица – Сараево како и автопат Скопје – Приштина ќе овозможат зголемување на бројот на туристи од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија, а со Србија потребна е поголема заедничка промоција на туристичките дестинации во двете земји“ , рече Аркан Керим, претседател на Туристичко – угостителската комора при ССК.
За државите е многу значајно создавање на заедничка агенда за развој на туристички продукти и менаџмент дестинации бидејќи заедничкиот настап овозможува поатрактивна понуда за туристите чиишто дестинации се европските и балканските земји. Земји со најголем потенцијал за дојдовен туризам сметаме дека се: Кина, Јужна Кореја, Малезија, Иран, Хонгконг, Канада и Америка.
Туристичко-угостителската комора при Сојуз на стопански комори во блиска иднина ќе потпише договор за соработка со Туристичките комори од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија со што ќе се овозможи понатамошна уште поинтензивна меѓусебна соработка.
Според податоците од Државниот завод за статистика на Република Македонија од 2013 до 2015 година бројот на туристи кои доаѓаат и преноќуваат во Република Македонија од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија е во континуиран пораст.
Имено, од Република Србија бројот на туристи кои преноќиле во Македонија во 2013 година бил 38.127 а во 2015 година се зголемил на 43.613. Од Црна Гора бројот на туристи во 2013 година бил 3.498 а во 2015 година изнесува 4.762 туристи. Истото се однесува и на Албанија и Босна и Херцеговина од каде што бројот на туристи кои преноќиле во Македонија за 2015 година изнесува 5.686 за Босна и Херцеговина и 18.493 туристи од Албанија.
Врз основа на наведеното, соработката на Македонија со Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија во секторот туризам е на високо ниво и во таа насока зајакнување на истата преку заеднички настапи на трети пазари со заедничка понуда е од исклучително значење за унапредување на регионалниот туризам кој несомнено позитивно ќе влијае и придонесе и кон промоција на туристичкото стопанство на секоја држава посебно.
Дополнително, за квалитетна туристичка понуда е потребно соодветна информација за потенцијалните туристи. Со ова, од страна на Туристичко-Угостителска комора на Македонија при ССК сакаме да ја пренесеме информацијата до нашите членови дека Комисијата за категоризација на угостителски објекти е формирана и истата започна со вршење увид. Апелираме компаниите навремено да поднесат Барање за категоризација до Комисијата, односно до Министерство за економија, со цел распределување на барањата за периодот кој следи до крајот на 2016 година и континуирано вршење увид во угостителските објекти. Сите дополнителни информации за постапката, односно, Барањето, Правилникот за категоризација и измената и дополнувањето на Законот за угостителската дејност бр. 39/16 ќе бидат доставени до сите наши компании членови./крај/мф/сс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

