Македонија
ССМ уште еднаш го поддржа законот за хонорарци
Законот за придонеси за хонорарните работници, покрај тоа што ќе помогне во сузбивањето на сивата економија и ќе ја зголеми пензиската основица на работниците, ќе помогне и за подобрување и здравствените услуги.
Ова беше истакнато во средата на прес-конференција во Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), од каде уште еднаш беше дадена поддршка за законската измена со која се предвидува договорите за дело и авторските договори да влезат во системот на задолжително осигурување.
„Ние како ССМ и претходно укажавме дека сите измени коишто водат кон тоа на работниците да бидат пријавени и да ги остваруваат своите социјални и економски права низ законска регулатива секогаш ќе ги поддржуваме“, изјави Анѓелко Анѓелковски, секретар на ССМ и претседател на Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија.
Тој додаде дека потребата од воведување на еден закон е фактот што над 100.000 хонорарни работници ќе им биде регулиран статусот.
„Сетоа она што е труд треба да се валоризира, тоа е познато насекаде, па и кај нас треба еднаш тоа да го разбереме“, рече Анѓелковски.
Оцени дека со законот ќе се зголеми пензиската основица на оние работници кои имаат ниски плати и работат дополнитлена работа, а не се согласува со констатацијата дека овој вид работници нема да имаат бенефит од двојното плаќање на здравственото осигурување.
„Сигурно им менува, затоа што здравството, доколку биде празно како фонд, тогаш кои ќе бидат услугите коишто ќе се нудат. Дали постојано ќе ги намалуваат услугите или ние треба да се бориме за посилни фондови каде што ќе добиваме подобри услуги. Така што тие работи не треба само да се гледаат како трошок, туку и како повратна добивка“, смета Анѓелковски.
Тој вели дека е нормално е кога се носи одредена новина да има и негативни реакции, но повика првин да се даде можност да заживее примената на законот,а доколку се утврдат одредени пропусти да се побараат измени.
„Многу е негативно што се кажува, и од колеги синдикалци и од други заинтересирани во државата, дека веднаш пред почетокот на примена на законот дека таа работа не може да помине, ќе имало малверзации и шпекулации“, рече Анѓелковски
Тој изрази надеж дека со подзаконски акти од надлежните министерства ќе бидат предвидени оние работи на кои што укажуваа дел од населението и одредени рабоници и работодавачи.
„Нека почне примената на законот, доколку се покажат некои аномалии сигурно ќе интервенираме и ќе бараме измени“, рече Анѓелковски.
Тој ги повика работниците на кои им биле намалени плати под закани и уцени тие работи да ги пријават.
Наспроти ставот на ССМ, други синдикати и здруженија се незадоволни од новиот зкаон, а дел од нив најавија протести за во понеделник. /крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

