Македонија
Standard and Poor’s го потврди стабилниот кредитен рејтинг на Македонија
Рејтинг агенцијата Standard and Poor’s во најновиот извештај го потврди кредитниот рејтинг на Република Македонија „ББ–“, со стабилен изглед.
Како што наведува кредитната агенција во извештајот, потврдата на рејтингот се должи на потенцијалот за развој на македонската економија под влијание на инвестициските приливи. Standard and Poor’s забележува дека извозот продолжува да расте со засилена динамика, како резултат на проширувањето на производствените капацитети и влезот на нови странски инвестиции во слободните економски зони.
За разлика од странските компании, домашните компании се прудентни кога станува збор за нови инвестиции и чекаат да поминат парламентарните избори и да се разреши политичката криза. Како што се вели во извештајот на агенцијата, доколку се одржат изборите во декември, тие очекуваат засилена инвестициска активност следните неколку години, што заедно со силниот раст на извозот ќе биде значајна поддршка на економскиот развој.
Од кредит агенцијата очекуваат да се создаде силна синергија меѓу компаниите од слободните економски зони и домашните компании, што ќе биде двигател на развојот и ќе влијае на понатамошно намалување на стапката на невработеност. Согласно проекциите на агенцијата, стапката на невработеност ќе продолжи да се намалува континуирано и во следните три години.
Поради пролонгирањето на политичката криза, како што се наведува во извештајот на Standard and Poor’s тие ја намалуваат проекцијата за раст на македонската економија за годинава од 3,3 на 2,3 отсто. Агенцијата забележува дека политичката криза во Македонија продолжува. Изборите постојано се закажуваат и одложуваат, прво во април, потоа во јуни и иако политичките партии во август се согласиле дека сите потребни услови за одржување на избори се исполнети, не може целосно да се исклучи можноста за одложување на изборите кои треба да се одржат во декември, се наведува во извештајот.
Во извештајот на агенцијата се нотираат и поплавите кои во август го зафатија Скопје, кои придонеле за втор ребаланс и проширување на буџетскиот дефицит. Кредитната агенција смета дека е потребна посилна фискална консолидација, но напоменува и дека дефицитот е резултат на владините политики за јавни инвестиции кои се потребни за економски развој. Во однос на државниот долг, агенцијата вели дека иако е поголем во однос на 2009-та година е сеуште релативно низок.
Standard and Poor’s оценува дека македонскиот денар е стабилен. Девизните резерви ја покриваат монетарната база и се дури два пати повисоки од неа. И покрај неколку закани од надвор изминативе години, македонскиот банкарски систем функционира беспрекорно, заклучува агенцијата. Народната банка преку политиките и мерките кои ги спроведува успешно ги надминува епизодните предизвици, вклучително и ефектите од шпекулациите за девалвација на денарот од април кои се покажаа како неточни./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

