Македонија
Ставрески: Обезбедени се средства за проектите и потребите на Буџетот
Со новоиздадената обврзница од 270 милиони евра, обезбедени се средствата за финансирање на сите капитални проекти и потреби во Буџетот, како и за продолжување со стабилните текови и стабилната реализација на Буџетот, рече во вторникот вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по повод денешното издавањето на македонеската еврообврзница во споменатиот износ.
Еврообврзницата е издадена на износ од 270 милиони евра со рок на враќање од пет години и каматна стапка од 4,875 отсто, односно стапка на принос од 5,125 отсто. Трансакцијата е реализирана во соработка со „Сити банк“, „Дојче банк“ и „Ерсте банк“
Значајно за граѓаните е, истакна Ставрески на прес-конференцијата во владата попладнево, што годинава на политичка криза и неизвесности, што економијата останува да биде „единствената светла точка во државата“, и додаде дека Владата нема да дозволи во овој сегмент да има никакви нарушувања.
„Сите граѓани, сите стопанственици, сите оние коишто добиваат средства од Буџетот, сите фирми коишто работат на реализација на проекти, треба да знаат дека се обезбедени средства за непречено извршување на обврските на Буџетот и оти во 2016 година ќе има стабилна економска година и ќе има добра ликвидност на Буџетот, што значи дела ќе бидат реализирани сите предвидени проекти, вклучително и проектите како што се изградбата на патиштата, болници, реализација на субвенции, спортски сали, градинки и се што се финансира од Буџетот“, рече вицепремиерот и министер за финанси Ставрески.
Истакна притоа дека ВМРО-ДПМНЕ и владата што ја предводи владејачката партија сериозно пристапуваат кон изработка на Буџетот и обезбедувањето средства за негово финансирање.
Ставрески порача дека граѓаните треба да бидат спокојни дека “додека одлучува ВМРО-ДПМНЕ за буџетската политика и за потребите што треба да се финансираат од Буџетот“, ќе има доволно средства за сите проекти што се предвидени во 2016 година. Посочи притоа дека за следната година се очекуваат рекордно високо ниво на инвестиции, како и високи износи за субвенции, за средства за рурален развој, за изградба на училишта, болници…
Министерот за финансии забележа дека актуелната Влада мора да ги враќа и обврските што ги направила претходната влада, односно владата што во 2005 година издала 10-годишна еврообврзница која доспева на 8-ми декември во износ од 150 милиони евра.
„Ние мора да ја вратиме таа обврзница и Македонија мора сериозно да се однесува кон обврските независно дали ги направила влада на СДСМ или влада на ВМРО-ДПМНЕ. Таа обврзница беше планирана и претходно, и најголем дел од средствата се обезбедени со претходната обврзница што во 2014 година беше издадена, а еден помал дел ќе биде дополнет со средствата од оваа нова еврообврзница. На тој начин ќе ги исплатиме обврските што ни ги оставила владата на СДСМ и не сакаме да го политизираме ова прашање. Сметаме дека тоа е нормален начин на функционирање на една држава, истакна министерот за финансии“, појасни Ставрески.
Според него, побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница била два ипол пати повисока и достигнала 632 милиони евра. Запишана е од над 100 инвеститори, од коишто најголем дел се од Европа и САД, како и од други земји. Меѓу инвеститорите се најпознати инвестициски банки во светот, пензиски фондови, осигурителни компании и еквити фондови.
Одговарајќи на новинарски прашања Ставрески рече дека издавањето на еврообврзницата било планирано на износ до 500 милиони евра и до 10 години рок на отплата.
„ Во одлуката на Владата наведено е дека задолжувањето смее да изнесува до 500 миолиони и до 10 години. Во изминатиот период имавме средби со повеќе од 50 банки кои сметаат дека на економски план индикаторите на земјата се одлични и многу подобри од тоа што инвеститорите го слушнале при посетата на земјите во регионот, кои имаат полоши економски перформанси. Но, од друга страна, изразуваат загриженост за политичката ситуација во земјата, и тоа е причина зошто привремено трошоците на македонската еврообврзницата и на постоечката којашто се тргува, беа повисоки отколку што заслужуваме како држава“, одговори Ставрески.
Процена во Владата е дека со помал износ треба да се надмине овој период додека се поизразени поилитичките процеси и политичките ризици и натаму да може да се добијат подобри услови, појасни министерот за финансии./крај/мф/ап
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.