Македонија
Штип е третиот домаќин на карванот саеми за вработување

Карванот на саеми за вработување, во организација на Агенција за вработување на Република Македонија продолжуваво вторник во Безистенот во Штип, каде е предвидено да се претстават 32 компании.
Со организација на Саемите за вработување, Агенција за Вработување на Република Македонија верува дека на овој начин ќе се помогне при доближувањето на компаниите до граѓаните, и преглед на побарувачката и понудата на пазарот на труд.
На саемот ќе се обрати Директорот на Агенција за Вработување на Република Македонија, Влатко Поповски. Дополнително, во склоп на саемот свои излагања и презентации ќе имаат дел од компаниите учеснички на истиот.
Дополнително, предвидено е одржување на панел дискусија за работодавци, која ќе започне во 11:00 часот, како и инфо средба за млади која ќе започне во 13:00 часот.
”Мотивирани да го продолжиме позитивниот тренд на заинтересираност и посетеност од првите два саеми за вработување кои се оддржаа во Скопје и во Неготино, во вторник во Безистенот во Штип, во организација на Агенцијата за вработување на Република Македонија, ќе се претстават 32 компании од Република Македонија од повеќе диверзифицирани дејности и индустрии. Сите активни баратели на работа, а и оние кои се вработени, но имаат желба да го променат своето работно место, се добредојдени да го посетат саемот, да ги остават своите резимеа и да дознаат подетални информации за понудите на компаниите кои ќе се претстават на третиот саем за вработување во државата. Овој пат, спектарот на компании е поширок и поразгранет, во кој се вклучени претставници на компаниите како на пример од дрвната, електронската, металната, текстилната индустрија и други. Истото претставува можност за граѓаните со најрзличен тип на едукација и искуство, да најдат нова шанса за работно место според своите лични преференци и очекувања за градење на своите кариери,” изјави Поповски. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Економија
УЈП: Инкасирани 2,3 милијарди денари или 37,4 милиони евра повеќе во буџетот споредбено со јули лани

Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година.
Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега.
По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
„Растот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата“, велат од УЈП.
Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.
Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции

Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.