Македонија
Турската компанија „Истем Медикал“ наскоро со инвестиции во Македонија
Премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација во вторникот во Анкара остварија работна вечера со сопствениците и менаџментот на компанијата „Истем Медикал“.
Оваа компанија веќе претходно објави дека ќе инвестира во технолошко – индустриската развојна зона во Скопје каде ќе произведуваат медицинска опрема, катетрхидрофилни катетери, уролошки системи и останати медицински производи.
Премиерот Груевски и менаџментот на компанијата разговараа за динамичниот план на компанијата и инвестицијата чие отпочнување од компанијата „Истем Медикал“ се најавува многу наскоро.
„Ние веќе во почетокот на наредниот месец планираме да започнеме со изградба на фабриката. Инвестицијата е вредна 10 милиони евра. Првенствено ќе имаме 150 вработени и после неколку години планираме таа бројка да се зголеми и да дојде до 250 вработени. Инаку сме многу благодарни на Владата што нуди добри услови за инвестирање и секогаш се однесува пријателски и добро не прими. Економските промотори многу ни помогнаа во реализирањето на оваа инвестиција и веруваме дека со ова темпо ќе продолжиме и понатаму и ќе реализираме и други инвестиции во иднина”, изјави извршниот директор на „Истем Медикал“, Муса Јамурлу.
„Остваривме работна вечера со компанијата „Истем Медикал“ и поводот за кој што зборуваме денес е уште еден успешен проект во низата проекти на Владата на Република Македонија. Се работи за турска компанија која ќе произведува медицинска опрема во Република Македонија и ќе придонесе за креирање на нови работни места. Ова е доказ за сериозниот пристап и посветената работа на Владата која креира успешна бизнис клима за привлекување на нови странски директни инвестиции”, изјави заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, Климент Шекеровски.
Владината делегација во среда ја продолжува својата посета на Турција каде ќе се одржи бизнис форум во главниот град Анкара, а на кој ќе бидат презентирани поволностите за инвестирање во Македонија пред повеќе турски инвеститори и компании. Во попладневните часови премиерот Груевски ќе се сретне со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, како и со премиерот Ахмет Давутоглу./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

