Македонија
Турските компании ќе продолжат со своите инвестиции во Македонија
Премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација во средата присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Анкара за презентација на поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.
Премиерот Груевски говореше за реформите и мерките кои помогнаа во градењето на поволна бизнис клима.
„Република Македонија привлече многу компании, а една од тие работи зошто ги привлече е што земјата спроведе еден проект наречен регулаторна гилотина, кој значеше кратење на илјадници бирократски процедури, или нивно целосно бришење, или поевтинување, или комбинација од овие работи. Проектот го работевме со стопанските комори и со околу 300 компании од различни сектори и со различна големина. Како резултат на тоа бирократските процедури кои постоеја во минатото во огромна мера исчезнаа и компаниите се многу покомотни во нивното работење”, изјави Груевски.
Премиерот Груевски истакна дека Македонија за време на светската и европската должничка криза не ги зголеми даноците.
„Делувавме спротивно од останатите држави кои ги зголемуваа даноците, ние ги намалувавме. Тоа се исплатеше. Една од најзначајните работи за Македонија е што сме држава со ниски трошоци за правење на бизнис. Воведовме рамни и ниски даноци. Персоналниот данок на доход во Македонија е 10 проценти, данокот на добивка е исто 10 проценти. Данокот на додадена вредност е 18 проценти, а за некои дејности 5 проценти. Царините и останатите трошоци се намалија”, изјави Груевски.
Министерот за привлекување на странски инвестиции Бил Павлески изјави дека имаме уште еден успешен бизнис форум во Анкара.
„Доста сме задоволни од присуството на многу турски компании не само од овој град туку и од локалните региони кои присуствуваат на овој бизнис форум. Со некои од овие компании сме во подлабоки фази на разговори со кои преговараме нивните инвестиции да завршат во Македонија, тука се и компаниите од производствените сектори кои разгледуваат локации за да влезат поблиску на европскиот пазар”, потенцираше Павлески.
Директорот на компанијата „Мач Груп“, која е компанија од областа на земјоделството и прехранбената индустрија, Атај Мач ја објави одлуката на својата компанија за реализација на инвестиција во Македонија.
„Ги истражуваме условите за инвестирање во Македонија две години и донесовме заклучок дека тоа е најдоброто место за инвестирање во регионот. Имаме фабрики и капацитети во Турција и размислуваме за проширување на нашиот бизнис во Европа и истражувајќи во повеќе држави дојдовме до сознанието дека Македонија е најсоодветна. Гледаме огромен потенцијал во Македонија. Купивме земјиште и сега планираме да започнеме со изградба на фабрика во Скопје. За понатамошните планови најпрво сакаме да изградиме откупен центар во Скопје и откако ќе го завршиме планираме да инвестираме во земјоделие и во добро земјиште кое ќе ни донесе приноси”, изјави Атај Мач. Тој истакна дека инвестицијата која ја планираат е во општината Илинден и е во вредност од 3 милиони евра.
Членот на извршниот одбор на Унијата на комори и стокови берзи на Турција (ТАББ), Џенгис Ѓунај изрази задоволство што овие посети на високо ниво се почести и тие придонесуваат несомнено за продлабочување на меѓусебните односи на планот на економијата.
„Потпишувањето на договорот за слободна трговија меѓу Турција и Македонија создава одлични економски потенцијали и можности за трговија со помали трошоци. Tурската економија е во развој и многу турски компании инвестираат на Балканот.
Од друга страна Македонија на полето на привлекување на инвестиции направи многу. Турција го развива банкарскиот сектор, металската, прехранбената и текстилната индустрија. Македонија веќе профитираше од овие инвестиции иако постојат и повеќе други потенцијали кои може да се искористат”, изјави Џенгис Ѓунај./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

