Македонија
УСАИД поттикнува соработки меѓу македонски микро и мали компании
Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери (ЦЕЕД) Македонија, во петок беше домаќин на Б2Б вмрежување меѓу компании од регионите Пелагонија, Југозападен, Источен, Североисточен, Полог и Скопје, што се одржа во Центарот ЦЕЕД во Скопје.
Целта на настанот е вмрежување меѓу сите учесници во Проектот. На вакви бизнис средби, тие имаат можност да се запознаат едни со други, да ги претстават своите производи/услуги и најважно од сè, да разговараат за потенцијални заеднички бизнис соработки.”Вмрежувањето е многу важен сегмент во бизнисот. Денеска ќе сретнете претприемачи од други делови на земјата, ќе размените искуства и идеи, ќе сретнете потенцијални партнери. Релациите што ќе ги воспоставите сега можеби ќе ги сметате за привремени, но нашето искуство покажува дека е голема можноста да се развијат во продуктивни, долготрајни бизнис релации”, изјави Татјана Марковска, менаџер од канцеларијата на УСАИД за економски развој.Анета Дамјановска, координатор на Националната програма, Амбасада на Швајцарија во Република Македонија изјави: “Живееме во време кога препораките се многу важни за водење бизнис . Вмрежувањето игра главна улога во воспоставувањето контакти што ќе ви помогнат да го забрзате и одржите успехот. Затоа создавајте релации и негувајте ги.”Настаните за вмрежување се една од главните активности на Проектот за поттикнување на продажбата меѓу претприемачите од различни делови од Македонија. На настани како овој, учесниците создаваат нови релации и воспоставуваат соработки.Започнат од УСАИД во јули 2011 година, сега кофинансиран од Владата на Швајцарија, Проектот за микро и мали претпријатија, во вредност од 3,079,400 милиони долари е петгодишен проект за поддршка на микро и мали бизниси преку тренинг, вмрежување, менторство, консалтинг, поддршка на извозот и пристап до инвестициски фонд. Активностите на проектот се имплементираат во осум региони, на целата територија на Македонија. ЦЕЕД Македонија е имплементатор на Проектот и е една од институциите во наследство на УСАИД. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

