Македонија
Усвоени законските измени со кои ќе се овозможи увоз на автобуси и минибуси со Еуро 3 стандард
Законски измени со кои ќе се овозможи увоз на автобуси и минибуси со Еуро 3 стандард, како и измените на Законот за превоз во патниот сообраќај што ги усвои на последната седница Владата беа претставени во средата од страна на министрите за економија и за транспорт и врски, Беким Незири и Миле Јанакиевски.
Министерот за економија Незири информираше дека увозот на автобуси со Еуро 3 стандард е на барање на здруженијата на превозниците, во насока на развој на транспортот и заштита на животната средина.
„Сите транспортни фирми ќе може да увезуваат автобуси со Еуро 3 стандарди, со што Еуро 2 и Еуро 1 заминуваат во историја. Сметаме дека со воведување на ваква мерка бројката од 348 автобуси со Еуро 2 стандард за шест месеци до 1 година ќе се намали, а бројката на автобуси со Еуро 3, која моментно изнесува 131 да се зголеми“, рече Незири.
Според Незири, со ова решение, освен што се излегува во пресрет на транспортните фирми и економијата, исто така се придонесува за заштита на животната средина, особено на граѓаните во Скопје, каде загадувањето може да се зголеми од автобуси со Еуро 0, 1 и 2 стандарди.
„Со воведување на стандардите Еуро 3, очекуваме да придонесеме за заштита на животната средина и да овозможиме реобнова на возниот парк, како со претходните мерки, односно автобусите и минибусите кои сега имаат стандард Еуро 1 и Еуро 2 се овозможува да се заменат со автобуси и минибуси со Еуро 3 стандард“, рече Незири.
Што се однесува до измените на Законот за превоз во патниот сообраќај, тие предвидуваат од 1 април следната година лиценци за меѓуопштински и меѓународен линиски превоз да можат да добијат само превозници кои поседуваат возила со најмалку Еуро 2 еколошки стандард.
„Автобусите со кои се превезуваат патниците ќе мора да бидат со минимум Еуро 2 стандард, односно од април следната година нема да се издаваат лиценци за автобуси и минибуси кои сакаат да вршат меѓуградски и меѓународен сообраќај, доколку имаат возило под тој стандард“, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Со мерките за увоз, според Јанакиески, во континуитет се стимулираат превозниците за подбрување на возниот парк со повисоки стандарди.
„Пред две години кога Владата одлучи да дозволи увоз на автобуси со Еуро 2, како што сега се прави со Еуро 3, имало 77 автобуси со Еуро 2, а сега има 348, што значи дека голема бројка возила што биле без еуростандард се замениле и купиле Еуро 2. Со тоа автоматски сме ги стимулирале превозниците да купат Еуро 2 возила. Сега за наредниот период велиме дека е доволно со Еуро 2 и дека треба да подобриме со Еуро 3. Кога ќе има доволен број на возила со Еуро 3 стандард тогаш можеме да размислуваме да ги укинеме возилата со Еуро 2. Ова е нешто што се прави постепено и во согласност и комуникација со здруженијата на превозници“, појасни Јанакиески.
Со законските измени на Законот за превоз во патниот сообраќај, туристичките агенции, во рок од три месеци од усвојувањето ќе мора да се поврзат на електронскиот систем на автобуските станици и да резервираат карти електронски. „Со тоа не ќе може да се случи една карта да биде двапати продадена и од автобуските станици и од туристичките агенции“, укажа Јанакиески.
Во делот од Законот за превозот на стока, пак, се предвидува Царинската управа да почне со контрола на странски превозници од држави со кои Макеоднија нема билатерални дозволи или дозволи за трети земји. „Доколку немаме слободен превоз на стока од Македонија кон друга земја, доколку се потребни лиценци, сега и странски превозник кога ќе дојде во Македонија ќе се контролира дали има лиценца или не“, рече министерот за транспорт.
Новина со измените на Законот за јавни патишта се санкциите за превозниците кои ги кршат наплатните рампи на патарините, за што е предвидено трајно одземање на возилото и глоба од 500 евра. Доказ ќе бидат снимките од патарината.
На барање на руралните средини со измените на Законот, се овозможува заштитниот појас покрај регионалните и магистралните патишта да не биде помалку од пет метри, наместо досегашните 20. Со оваа одредба, појасни Јанакиески, ќе овозможиме да се легализираат определен број објекти и да се урбанизираат определени подрачја. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.
Економија
Трипуновски: Со новата Програма воведуваме ред и правична распределба на субвенциите
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на собраниската говорница истакна дека опозицијата шири паника и дезинформации меѓу македонските земјоделци.
„Во изминатите денови сведочиме на класичен модел на политиканство од страна на опозицијата, наместо дебата, се пласираат лаги и манипулации со цел да се создаде хаос во македонскиот аграр“, истакна министерот.
Тој нагласи дека измените во Програмата за директни плаќања за 2026 година не значат кратење на субвенциите, туку воведување ред и правична распределба на средствата што ги обезбедува државата.
„Целта е финансиската поддршка да заврши кај вистинските земјоделци“, појасни министерот Трипуновски.
„Со измените се предвидува зголемување на минималните прифатливи прагови за користење субвенции. И тоа кај овошните и лозовите насади од 0,2 на 0,5 хектари, додека кај житните култури прагот е зголемен на 0,7 хектари. Во сточарството е предвидено минимум три крави, 30 кози, 30 овци и 30 пчелни семејства“, додаде тој.
Министерот појасни дека овие измени нема да се применуваат веднаш. Земјоделците кои моментално не ги исполнуваат новите услови ќе имаат преоден период од две години за да се усогласат.
„Манипулациите дека малите земјоделци ќе останат без субвенции се неточни. Напротив, даваме време и поддршка за нивен раст и окрупнување, со цел поголема рентабилност и зголемено производство“, истакна тој.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во делот на примарното земјоделско производство и преработката е евидентиран позитивен биланс, што, како што посочи министерот е дополнителен мотив за реформи во секторот.
Министерот Трипуновски додаде дека една од новините е и обврската најмалку 30% од произведениот род да биде предаден во регистрирани откупни или преработувачки капацитети. Со тоа ќе се спречат злоупотреби од лица кои поседуваат земјиште го даваат под наем, не произведуваат, а користат субвенции.
„Се зајакнува теренската контрола преку вклучување на капацитетите на Државниот инспекторат за земјоделство како поддршка на Платежната агенција. Посебен фокус ќе има кај долгогодишните насади и сточарството“, посочи министерот.
Министерот Трипуновски истакна дека пред и по донесувањето на Програмата, одржани се бројни состаноци со земјоделските здруженија, кои биле информирани за новините и истите ги поздравија.
„Владата останува целосно посветена на развојот на македонскиот аграр“, порача министерот Трипуновски.

