Македонија
Владата ќе ги зголеми субвенциите за привлекување на туристи од регионот
Како резултат на владините политики, мерки, проекти и активности, туризмот како стопанска гранка во изминатиов период има континуирани стапки на раст, а еден од најзначајните показатели за тој раст е растот на бројот на туристи, каде што во земјата секоја година повисок број на туристи во однос на претходната.
„Последните податоци говорат дека во периодот јануари – август 2014 година, споредено со периодот јануари – август 2013 година имаме раст на бројот на туристи за 5,9 проценти. Притоа, бројот на домашни туристи е зголемен за 2,3 проценти, а бројот на странски туристи за 9 отсто. Заради продолжување на овие позитивни трендови, Владата на Република Македонија одлучи да се зголеми износот на субвенции за привлекување на странски туристи од Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија. Наместо досегашниот износ од 25 евра по донесен турист, новиот износ на субвенцијата е 35 евра по донесен турист. Условите за да се добијат овие субвенции од 35 евра по донесен турист, е туристот да има организиран туристички аранжман во нашата земја од минимум 7 ноќевања, и организирано да пристигне и замине од нашата земја со авионски превоз“, велат од Владата.
Оттаму посочуваат дека зголемувањето на субвенциите за привлекување на странски туристи од овие земји било и барање на домашната бизнис заедница. Со новиот износ на субвенции се претпоставува, а тоа е базирано на анализи, дека ќе се зголеми значително интересот на туристичките оператори од Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија за организирање на туристи за престој во Македонија. Направени се и консултации со туристичките оператори од овие земји, и истите велат дека со овој нов износ на субвенции значително се зголемува интересот и економската логика за престој на туристи во Македонија.
„Поголемиот број на туристи од странски земји, ќе има позитивен ефект и на приливот на даноци, но и ќе се оствари позитивен ефект на мултипликација затоа што туристите освен за хотели и сместување, трошат средства и за превоз во земјата, за угостителство, за купување на производи и за задоволување на останати потреби. Ова е добар повод домашните туристички агенции уште отсега да почнат контакти со своите босански, бугарски и српски партнери за да организираат деловна соработка на ова поле“, порачуваат од Владата.
Од 2015 година, субвенции ќе почнат да важат и за привлекување на туристи од шест нови земји и тоа: Казахстан, Азербејџан, Катар, Германија, САД и Англија. Субвенциите за привлекување на туристи од овие земји ќе изнесуваат по 65 евра по донесен турист, а услов за добивање владина поддршка е престојот на гостите од овие земји во Македонија да биде со најмалку три ноќевања, додаваат од Владата./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангелова: Буџетот за 2026 обезбедува зголемени средства за социјална заштита, како и за раст и редовна исплата на пензиите
На денешната седница за Предлог-буџетот за 2026 година се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова, која се осврна на делот кој се однесува на социјалната заштита и поддршката на граѓаните, истакнувајќи дека цврсто стои зад буџетската рамка, затоа што обезбедува зголемени средства за социјална заштита и поддршка на ранливите категории.
„Предлог Буџетот за 2026 година обезбедува зголемени средства за социјална заштита, и поддршка на ранливите категории – децата, лицата со попреченост, самохраните родители, старите лица и сите кои се соочуваат со сиромаштија и социјална исклученост. Со Буџетот се обезбедува редовна исплата на платите и пензиите, како и континуирана социјална заштита. Средствата за социјална заштита се проектирани на 206,3 милијарди денари, што е раст од 6,7 проценти. Платите изнесуваат 52,6 милијарди денари, или 7 проценти повеќе во однос на оваа година, во кое е опфатено зголемување на платите со порастот на минималната плата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангелова посочи дека ќе продолжи растот на пензиите и во наредниот период но и дека ќе се продолжи со мерки кои обезбедуваат одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на расходите и одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг како и засилена фискална дисциплина и транспарентност.
„Во пензискиот систем се вклучени сите зголемувања реализирани во износ од 5.000 денари во септември 2024 и март 2025 година, како и последното зголемување од 1.000 денари. Растот на пензиите ќе продолжи и во наредниот период, со цел поддршка на стандардот на пензионерите. Со овој Предлог – буџет за 2026 година ќе има засилена фискална дисциплина, поголема ефикасност во капиталните инвестиции, централизирана контрола и транспарентност, јасна процедура за субвенции и трансфери, подобра контрола врз општините, транспарентност во повратот на приходи, редовно известување и отчетност, правна сигурност и предвидливост и поголема одговорност на институциите“, рече Ангелова.
Економија
Битиќи: Новиот буџет носи рекордно задолжување
На денешната комисиска расправа за финансирање на буџет, пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи обвини дека предложениот буџет на Владата носи рекордно задолжување и историски најголемо плаќање камати.
„Во 2026 година јавниот долг ќе се искачи над 62% од БДП, со планирано задолжување над 120 милијарди денари и „рекордни 21,27 милијарди за камати“, посочи Битиќи.
Тој нагласи дека парите наместо во развојни проекти се топат во дефицитот.
„Од проектираните даночни приходи од околу 200 милијарди денари, наместо да завршат во училници, операциони сали, лаборатории, патишта и железници, тие ќе исчезнат во јазот на дефицитот и во каматите“, рече Битиќи.
Тој укажа и на сериозно кратење на капитални проекти. Капиталните расходи се планирани на 40,2 милијарди денари, значително помалку од 47,3 милијарди во ребалансот за 2025.
Битиќи предупреди и на падот на странските директни инвестиции кои паѓаат од 570 милиони евра на 220 милиони евра.
„Средствата за општински инфраструктурни проекти се кратат од 6,3 милијарди на 2,6 милијарди денари, а во технолошко-индустриските зони има само 273 милиони денари. Исто така и евроинтегративните програми се кратат од 4,45 на 3,2 милијарди денари, што е јасен сигнал за оддалечување од ЕУ“ потенцираше Битиќи.
Тој оцени дека 2026 година е подготвена како популистичка или изборна година, со раст на тековните расходи и кратење на капиталните инвестиции.
„Пред нас имаме октроиран буџет на влада која абдицира од фискална дисциплина, транспарентност, инклузивен дијалог и развојна одговорност. Граѓаните заслужуваат да ја видат вистината. СДСМ ја повикува Владата да повлече ваков модел на волунтаризам и да изготви буџет кој ќе биде легитимен по постапката и развоен по суштината.“, посочи Битиќи.
Економија
Министерството за економија: Законските измени ќе придонесат до поквалитетни инвестиции и повисоки плати
Со усвојувањето на измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите во август и со дополнителните измени што треба да се финализираат до крајот на годината, се создава стабилна и транспарентна рамка за стимулирање на поквалитетни инвестиции, соопшти Министерството за економија и труд.
Според Министерството, новите законски решенија ќе резултираат со забрзан економски раст, отворање на нови работни места и раст на продуктивноста, што ќе се одрази и врз повисоки плати и пониска инфлација.
„Нашата цел е преку новите мерки да поттикнеме инвестиции со поголема додадена вредност – инвестиции кои ќе ја развиваат производствената индустрија, ќе воведат нови технологии и иновации и ќе создаваат одржливи работни места“, наведуваат од ресорното министерство.
Законот прецизно ги дефинира субјектите кои можат да користат финансиска поддршка – компании што реализираат почетна инвестиција од најмалку 100.000 евра во преработувачката индустрија. Истовремено, се исклучуваат субјектите што работат во примарното земјоделство, шумарството и рибарството, како и фирмите што се занимаваат со изградба и продажба на станови и деловни објекти.
Министерството за економија и труд ја води целата постапка – од евалуација и склучување договори до следење на нивната реализација, со што, како што се наведува, се обезбедува континуитет, контрола и отчетност при користење на јавните средства.
Примената на законот започнува на 1 јануари 2026 година, а Министерството очекува конкретни и мерливи резултати, додавајќи дека останува посветено на создавање предвидлива и поддржувачка бизнис-клима за домашните и странските инвеститори.

