Македонија
Владата ќе му продава деловен простор на приватниот сектор
Владата ќе продава околу 1.000 единици деловен простор на бизнис заедницата во земјата.
„Со цел унапредување на можностите за бизнис заедницата и создавање на услови за поефикасно стопанисување со просторот, и како одговор на барањата на бизнис заедницата, сакаме да информираме дека Владата на Република Македонија ја започнува постапката за продажба на деловен простор кој е во сопственост на Република Македонија“, информираше во среда на прес конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тој додаде дека предмет на овој процес ќе бидат околу 1000 единици деловен простор. Во првата фаза, за кој е донесена и одлука, ќе биде објавен јавен оглас за продажба на 100 единици деловен простор со кои стопанисува АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост-Скопје.
„Согласно владината одлука во овој прв пакет се содржат 100 деловни простории низцелата територија на Република Македонија, меѓу кои воСкопје 22 деловни простории, Кичево 11, Куманово 9, Тетово 8, Битола 7, Штип 7, Прилеп 6, Струмица 4 деловни простории и деловни простории во други градови, односно се работи за постапка за продажба на деловен простор во 19 градови на целата територија на државата, а вкупната квадратура на деловните простории кои се предмет на продажба во овој прв пакет е 7.253 метри квадратни“, појасни Ѓорѓиев.
Постапката за продажбата на деловните простории ќе ја води АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост-Скопје, согласно Законoт за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија.
Огласот кој ќе биде објавен ќе трае 30 дена, а сите заинтересирани физички и правни лица пријавите за учество ќе можат да ги достават електронски на интернет-страната www.deloven-prostor.mk. Во рамките на самиот поднесок покрај пријава од подносителот, во која се наведени име и презиме, односно назив, адреса и контакт телефон, треба да се достави банкарската гаранција за сериозност на понудата за учество на јавното наддавање во износ од 2% од проценета вредност на деловниот простор за кој се аплицира. Физичките лица кои аплицираат треба да достават и уверение за државјанство, во оригинал или копија заверена на нотар, не постаро од 6 месеци, а правните лица доказ за регистрација на правното лице издаден од соодветен регистар, во оригинал или копија заверена на нотар, не постар од 6 месеци.
По пријавувањето, субјектот кој аплицирал ќе добие известување за тоа кога ќе се одржи електронската јавна аукција за деловниот простор за кој аплицирал, со наведен ден и час и шифра за влез во системот на електронска аукција.
На денот на одржување на јавната електронска аукција, оној субјект кој аплицирал и во наддавањето истакнал највисока цена за деловниот простор се здобива со право и можност да го купи тој деловен простор.
По завршувањето на аукцијата најповолниот понудувач е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на писменото известување за избор да ги уплати средствата согласно постигнатата крајна цена од наддавањето и до Комисијата да достави доказ за извршената уплата и потоа да се пристапи кон склучување на договор.
„Сметаме дека со овој процес ќе има позитивни ефекти, приватниот сектор ќе добие можност да купи деловен простор и на тој начин да може да ги остварува разните ефекти од стопанисувањето со истиот простор кој би бил во негова сопственост, што несомнено ќе придонесе за подобрување на економскиот перформанс на приватните субјекти и за поголеми можности за раст и развој на нивната дејност“, рече Ѓорѓиев. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

