Македонија
Владата ќе продава неупотребливи детски одморалишта во државна сопственост
Владата ја усвои програмата и акцискиот план за овозможување на влез на приватен капитал и приватна иницијатива во дел од поранешните детски одморалишта, со цел збогатување на туристичката понуда преку давање можности на компаниите кои се заинтересирани да започнат бизнис со што ќе се овозможи остварување приход и вработување на невработени лица, соопшти во вторникот на прес–конференција владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
„Една од стратешките определби на Владата на Република Македонија е реализација на политиките за раст и развој на туризмот, која се карактеризира со поголем број мерки и активности, од чијашто имплементација во последните неколку години имаме позитивни резултати, за што најголем показател е континуираниот раст на дејноста и растот на бројот на туристите. Овозможувањето влез на приватен капитал ќе се изврши преку оттуѓување, односно продажба на имотот кој се наоѓа во овие детски одморалишта, кои се сега вон употреба, имот кој е во сопственост на Република Македонија, а чиј корисник е Министерството за труд и социјална политика“, истакна Ѓорѓиев.
На прес- конференцијата што се одржа во Владата на Република Македонија, портпаролот Ѓорѓиев соопшти дека станува збор за детското одморалиште „Малешево“ во Берово со вкупна површина од 4.001 квадратни метри, детско одморалиште „Пелистер“ Битола со вкупна површина од 5.229 м2, потоа детско одморалиште „Николич“ Дојран со вкупна површина од 6.089 м2, детско одморалиште „Ѓуриште“ Свети Николе, со вкупна површина од 1.060 м2, детско одморалиште „Суви Лаки“ во Берово со вкупна површина од 3.446 м2, како и одморалиштето „Горно Водно“ Скопје.
„Согласно планот, во втората половина на месец август 2014 година е предвидено да излезе, или групен или поединечен, јавен оглас за продажба на овие шест претходно наведени детски одморалишта“, соопшти владиниот портпарол.
Според неговите информации, процената на цената на одморалиштата е утврдена од Бирото за судски вештачења, а за максимална транспарентност при продажбата е предвидено истата да се одвива преку електронски систем по пат на јавно надавање, односно преку електронска јавна аукција. Имотот кој ќе биде продаден ќе стане сопственост на купувачот кој ќе понуди највисока цена.
Ѓорѓиев напомена дека на имотот кој ќе биде купен, новиот сопственик односно претприемачот, ќе може да организира единствено бизнис од дејноста туризам./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Забрзување на енергетската транзиција: Јасен план и координиран пристап – одржан состанок на JETIP Инвестициската платформа
Денеска се одржа четвртиот координациски состанок на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP – Just Energy Transition Investment Platform), на кој клучните актери разговараа за напредокот во политиките, планирањето и регулаторните реформи што ја поддржуваат праведната енергетска транзиција на Северна Македонија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, истакна дека во изминатиот период Министерството е фокусирано на зајакнување на политичките и планските основи неопходни за ефективна имплементација на Инвестициската платформа.
Во таа насока, подготвени се два Годишни планови за развој на енергетскиот сектор за 2025 и 2026 година, усогласени со приоритетите на праведната транзиција, кои обезбедуваат јасна краткорочна рамка за реализација на проектите и подготвеност за инвестиции.
Паралелно, Националниот план за енергија и клима ја заврши фазата на јавни консултации и влезе во завршна фаза на финализација. НЕПК ги обединува целите за декарбонизација, развојот на обновливите извори на енергија и потребите за флексибилност на енергетскиот систем, со посебен фокус на регионите погодени од транзицијата од јаглен. По неговото усвојување, Планот ќе претставува стабилна основа за јавните и приватните инвестициски одлуки.
На регулаторен план, во завршна фаза е и подготовката на Законот за обновливи извори на енергија, со чијштоo усвојување ќе се создадат услови за значително забрзување на инвестициите и исполнување на целите за декарбонизација.
Овие активности не претставуваат изолирани реформи, туку овозможувачки чекори за реализација на проектната рамка на Инвестициската платформа.
Владата уште еднаш ја потврди својата силна посветеност на праведната енергетска транзиција, поддржувајќи ја Инвестициската платформа како клучен механизам за координација, инвестиции и забрзана имплементација на реформите.
Економија
Почна исплатата на „Мој ДДВ“, повик до граѓаните со погрешна сметка да ги ажурираат податоците
Управата за Јавни Приходи – УЈП ја почна исплатата на средства за скенираните фискални сметки за четвртото тримесечје од 2025 година.
За К4 – 2025 година ќе бидат исплатени вкупно 924,5 милиони денари кон 526.123 корисници на апликацијата МојДДВ.
До денес, реализирани се 184,5 милиони денари, кон 104.000 корисници на апликацијата МојДДВ. Исплатата на средствата продолжува, како се обработуваат налозите така се исплаќаат средствата на сметките на корисниците на МојДДВ.
Напомeна: во овој момент 5.292 корисници кои скенирале фискални сметки имаат внесено погрешна трансакциска сметка, поради што УЈП не е во можност да ја реализира исплатата.
„Апелираме Доколку немате добиено средства, проверете ги и ажурирајте ги податоците за трансакциската сметка директно во апликацијата МојДДВ. На тој начин УЈП ќе има точни податоци за корисникот и ќе може да изврши исплата на поврат по основ на МојДДВ“, велат од УЈП.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“

