Македонија
Владата усвои Предлог ребаланс на Буџетот за 2016
Промената на проекцијата за растот на бруто домашниот прозивод (БДП) од првично предвидените 4 на 2,3 отсто за тековната година е причината за носењето на Предлог ребалансот на Буџетот за 2016 година, со кој се осигуруваат средства за за плати, пензии и социјални.,трансфери, а капиталните расходи остануваат на високо ниво, образложи на пресконференција министерот за финансии Кирил Миноски, откако претходно во петокот вечерта на владина седница беше усвоен споменатиот предлог.
Миноски, кој од неодамна е на челната позиција во министерството за финасии по повлекувањето на неговиот претходник Зоран Ставрески, објасни дека како резултат на промените на проекциите во растот на БДП-то, неопходно е да биде изврешена соодветна корекција на проекциите на вкупните приходи и вкупните расходи.
Според него, на приходната страна, има намалување на проекциите за околу два отсто, или за три милијарди денари, додека на расходната страна има намалување за 804 милиони денари.
„Она што сакам да го споделам со граѓаните е дека со ребалансот не се загрозени платите, пензиите и социјалните трансфери, а кај капиталните расходи има извесни намалувања, коишто, сепак, остануваат на високо ниво и се поголеми за 3,8 милијарди во однос истиот период минатата година“, истакна Миноски.
Посочи, исто така, оти со ребалансот не се напушта ниту еден првично проектиран проект.
„Од следењето на состојбата и врз основа на оние информации што ги имаме за трендовите на тие пазари, ќе донесеме и соодветна одлука во однос на евентуално издавање еврообврзница која ќе придонесе за зголемување на ликвидноста во буџетот, но исто така и за сервисирање на дел од старите обврски кои ги имаме по основ на претходно доспеани кредити и обврзници“, рече министерот за финансии.
Миноски нагласи дека оптимистички е позитивниот тренд на наплата кај даноците и придонесите, коишто се зголемени во однос на првите два квартала на минатата 2015 година, и тоа кај даноците за 6,4, додека кај придонесите за 5,7 отсто.
„Со ребалансот доаѓа и до извесно зголемување на буџетскиот дефицит од првично проектираните 3,2 на 3,6 проценти од бруто општествениот производ или за 2,1 милијарда денари. Со ребалансот на Буџетот настојуваме да обезбедиме непречено сервисирање на сите функции на македонската економија“, појасни Миноски.
Апелираше до јавноста за конструктивност во натамошните активности на министерството за финансии
Усвоениот ребаланс од Владата уште во петокот вечерата ќе биде доставен до Собранието /крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

