Македонија
Владината делегација ги претстави економските поволности и во Лас Вегас
Премиерот Никола Груевски и владината делегација, во петокот се обратија на бизнис форум кој се одржа во Лас Вегас, САД, каде беа претставени поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.
Лас Вегас претставува значаен економски и туристички центар, каде се присутни најголемите хотелиерски компании во САД и фирми кои се занимаваат со игри на среќа, но и компании од нафтената и прехрамбената индустрија, како и информатичката технологија.
Премиерот Никола Груевски пред присутните претставници на компании ги образложи условите за водење на бизнис и можностите кои им стојат на располагање. Тој посочи дека Владата е целосно насочена кон привлекување на инвестиции од различни сфери се со цел поддршка на економскиот развој, и во таа функција е посетата на САД како земја која содржи голем економски и инвеститорски потенцијал.
Премиерот Груевски изјави дека Македонија има најниски трошоци за правење на бизнис споредено со било која друга европска држава.
„Кога во најголем број на државите невработеноста растеше во Македонија невработеноста се намали на 28.2 проценти што е намалување за 10 проценти во изминатите неколку години, процент кој што е се уште висок, но трендот на намалување е многу добар”, изјави Груевски.
Тој истакна дека Владата е насочена и кон изградба на патна и железничка инфраструктура која е многу важна за инвеститорите, при што напомена дека во моментот се градат три нови автопати, како и нова железничка пруга за поврзување на државата со источниот сосед Бугарија.
Премиерот Груевски на крајот од својата посета на САД заклучи дека владината делегација имаше прилично успешна посета, тргнувајќи од Њујорк, Чикаго, Лос Анџелес и овде во Лас Вегас.
„Има голем интерес и доста прашања на презентациите, многу лични контакти после самата презентација, неколку од нив објавија доаѓање во Македонија да се информираат подетално, a дури неколку од нив објавија дека ќе инвестираат во Македонија. Ќе ги продолжиме контактите со повеќето од нив. Особено со оние кои размислуваат да инвестираат во Македонија. Убеден сум дека и од другите компании кои што беа присутни, а кои што сакаат да направат уште подетална анализа и контакти со нас дека во догледно време ќе произлезе уште некој инвеститор и практично отворање на нови работни места“, изјави премиерот Груевски.
Министерот Веле Самак изјави дека Лас Вегас и регионот на јужна Невада е интересен бидејќи има и доста разновидна економска база со повеќе видови индустрии, пред се технолошко производствената индустрија, медицинската индустрија, градежништво и трговија со недвижности.
„Тие се индустрии за кои сметаме дека има голем потенцијал во Република Македонија, при што со нашите овдешни дискусии и информации се надеваме дека ќе ги привлечеме некои од овие посетители на настанот да дојдат да ја посетат Македонија и да ги видат можностите за инвестирање. Америка е важна за нас бидејќи најголем број од новите гринфилд инвестиции, покрај Европа доаѓаат и од Америка. Ова го правиме поради отворање на нови работни места и подобрување на стандардот на граѓаните“, изјави Самак.
На бизнис форумот беше присутен Ричард Кравфорд сопственик на компании од нафтената и прехрамбената индустрија кој позитивно ги оцени условите за инвестирање.
„Навистина сум импресиониран од Владата на Република Македонија и нејзините напори да го олеснува и овозможува доаѓањето на компании во државата со што овозможува процесот на инвестирање и на транзиција на капиталот да го направи супер полесен, што е спротивно со многу други држави кои фрлаат пречки и прават блокади на тој процес. Ние доаѓаме од нафтената индустрија во Невада и соработуваме со многу влади. Добро е што Македонија има добра филозофија да го направи работењето на компаниите полесно, ефикасно и да соработува со нив за да ги направат поуспешни во нивното работење”, изјави Кравфорд.
Со бизнис форумот во Лас Вегас, владината делегација предводена од премиерот Груевски завршува со својата економска посета на САД./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

