Македонија
Владината делегација ги претстави инвестициските поволности пред корејските бизнисмени
По завршената турнеја низ Јапонија, премиерот Никола Груевски и владината делегација, во средата во Сеул, Република (Јужна) Кореја, се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите кои ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции.
Бизнис форумот беше организиран во соработка со групацијата Фајненшл Тајмс, и на него присуствуваа претставници на компании од областа на автомобилската индустрија, информатичко технолошката индустрија и туризмот.
Премиерот Груевски се осврна на реформите кои се направени во нашата земја со цел унапредување на бизнис климата и создавање на услови за ефективна работа на компаниите. Покрај воведувањето на ниски и рамни даноци, инвестициите во образованието во насока на креирање на добро едуцирана работна сила, поволностите кои се даваат во технолошко индустриските развојни зони, Груевски ги истакна и придобивките од проектот Регулаторна гилотина, кои беа позитивно оценети од бизнис секторот.
„Заедно со стопанските комори од земјата, и заедно со околу 300 компании со различна големина и од различни сектори, ние ги детектиравме најголемиот број проблеми со кои се соочуваа компаниите, главно од бирократски карактер, и елиминиравме многу од нив, или ги направивме побрзи или поевтини или, пак, комбинација од двете, и тоа беше сериозно подобрување на бизнис климата во Македонија“, истакна Груевски во своето обраќање.
Презентираните поволности беа позитивно оценети од присутните корејски менаџери на компаниите. Туризмот може да претставува поле на соработка меѓу двете земји, вели Ким Грејс, менаџерка на туристичката компанија „ДГ Тур“ од Сеул, која има интерес Македонија да биде запознаена од страна на корејските туристи.
„Минатата година Хрватска беше значајна туристичка дестинација за Корејците, многу Корејци престојуваа таму. Многу Корејци може да престојуваат и во Македонија, мислам дека Македонија е убава и пријатна земја и сигурно дека ќе се обидам да стане туристичка дестинација за Корејците“, вели Ким Грејс.
Вицепремиерот Ставрески смета дека Кореја е брзо растечка економија и дека треба да се вложува напор за да се презентираат поволностите кои Македонија ги нуди за инвеститорите.
„Беше значајно првпат една македонска делегација, владина делегација предводена од премиерот Груевски, да дојде овде во Јужна Кореја да ги презентира можностите кои Република Македонија ги нуди на бизнисмените од Кореја, да нé запознаат подобро, да слушнат за ниските даноци и за поволната бизнис клима, за можностите да ја користат Македонија за влез на европскиот пазар. Тоа наиде на добар интерес кај присутните бизнисмени овде, и веруваме дека на тој начин во иднина ќе дојде до реализација на нивни посети во Македонија“, вели Ставрески.
Бизнисмените од Кореја, исто така, поддржуваат поголема комуникација меѓу двете страни, како насока за воспоставување на конкретна соработка.
„Ќе треба време, затоа што Македонија не е позната тука во Кореа, ако организирате вакви настани како денешниот повеќепати, тогаш е можно корејската Влада, компании и народ да пробаат да најдат ново место за инвестиции и мислам дека Македонија е добро место за инвестиции“, вели Ким Шонг Конг од Корејската бизнис асоцијација./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.