Македонија
Владината делегација присуствуваше на бизнис форум во Џајпур
Премиерот Никола Груевски и владината делегација во чиј состав се и министерот за привлекување на странски инвестиции, Џери Наумоф, заменик министерот за економија, Христијан Делев, и заменик директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот, Климент Шекеровски во петокот присуствуваа на бизнис форум во градот Џајпур, Индија каде беа презентирани можностите за инвестирање и водење на бизнис во Македонија.
Бизнис форумот во градот Џајпур се одржа во соработка со Конфедерацијата на индиската индустрија која е најголемата стопанска комора во Индија.
Груевски изјави дека Владата е фокусирана кон реализација на мерки за унапредување на економијата и кон овозможувањето на добра бизнис клима за што се преземаат бројни реформи, при што ги истакна и позитивните макроекономски индикатори.
„Она што е важно за Македонија е тоа што поседува стабилна макроекономска ситуација, и инфлацијата е ниска, и поседува стабилна валута. Тоа е голема предност и овозможува сигурност за компаниите и оние кои сакаат да вложуваат“, изјави Груевски.
Тој посочи дека паралелно со реформите во економијата се вложува значително во развојот на информатичките технологии и во сите сегменти, а Владата организира бесплатни обуки за секој во државата кој сака да користи компјутери.
„Освен тоа што Македонија има факултети за информатички технологии се отвори и посебен Универзитет за информатички технологии во Охрид. Тој е државен факултет, наставата е на англиски јазик. Она што е важно за информатичкиот сектор е тоа што интернет пенетрација во 2006 година беше 9 проценти, а денес е околу 70 отсто, со што имаме сериозен напредок во овој поглед“, изјави премиерот Груевски.
Премиерот истакна дека она што може да се понуди како потенцијал се и туристичките зони во кои може да се изградат хотели и туристички капацитети, и каде што постојат истите услови како и во слободните економски зони, даночни поволности, и земјиште кое се продава по почетната цена од 1 евро за еден метар квадратен. Се осврна и на договорите за слободна трговија кои ги има потпишано нашата земја со што се обезбедува поголем пазар.
Државата има договори за слободна трговија со сите држави во Европа, освен Русија со која се водат дискусии на оваа тема и се очекува да се финализираат. Со сите други држави во Европа, со земјите кои се членки, и кои не се членки на Европската Унија, со државите од ЕФТА како Швајцарија, Исланд, Норвешка, Лихтенштајн, но и други држави како Турција, Украина, Македонија има склучено вакви договори.
„Тоа значи дека се што е произведено во Македонија може да биде извезено во тие држави без плаќање на царински давачки. Тоа е голема предност, особено што Македонија е мал пазар при што со овие договори го надминуваме овој проблем и компаниите имаат пристап до 660 милиони потрошувачи“, изјави Груевски.
Министерот Џери Наумоф во своето обраќање истакна дека индиските компании треба да ја посетат нашата земја и да се уверат во добрите услови за водење на бизнис.
„Може да се вложува во повеќе сфери, а една од нив е туризмот. Неодамна Њујорк Тајмс селектираше 52 туристички места во светот кои треба да се посетат во 2015 година, а Македонија е на 10 место. Реномираниот Лонли планет посочи дека Македонија е една од топ десетте земји кои треба да се посетат во 2014-та, што се два добри показатели за потенцијалите за развој и инвестирање во сферата на туризмот“, изјави Наумоф.
Сопственикот на ланецот компании Солемн, Сјам Тандон, кој поседува повеќе бизниси од индустријата со метали и прехранбената индустрија даде позитивна оценка за можностите кои ги нуди нашата земја за странските инвеститори.
„Ја видовме презентацијата на премиерот Груевски, даночната политика и олеснувањата, како и отвореноста кон странските инвеститори се добра можност за индиските компании и инвеститори да се поврзат и да ја искористат можноста Македонија да биде порта на инвеститорите. Индија се отвори за американскиот пазар минатата година и мислам дека треба тоа да го направиме и со Европа, а Македонија е вистинската порта за тоа“, изјави Тандон./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

