Македонија
Владината делегација учествуваше на бизнис форум во турскиот град Ескишехир
Премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација во вторникот присуствуваа и се обратија на бизнис форум во турскиот град Ескишехир, каде ги преставија поволностите кои ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции.
Премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација во вторникот присуствуваа и се обратија на бизнис форум во турскиот град Ескишехир, каде ги преставија поволностите кои ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции.
Бизнис форумот се организираше во соработка со Унијата на комори и стокови берзи на Турција (ТАББ) и Стопанската комора на Ескишехир, и на кој присуствуваа претставници на компании од областа на високо технолошката индустрија, железничката и машинска индустрија, како и од прехранбената индустрија.
Груевски во своето обраќање посочи дека овие денови владината делегација посетува 5 градови кои се економски центри на Турција со цел преставување на инвестициските можности пред турските инвеститори.
„Ние сме влада која е во постојан контакт со бизнисот, со стопанските комори, со компаниите. Ние секојдневно комуницираме и ги слушаме нивните барања. Ги анализираме и огромен дел од нив ги прифаќаме и спроведуваме. Така и планираме да продолжиме”, изјави Груевски во своето обраќање.
Тој истакна дека реформите кои се спроведуваат во полето на економијата даваат резултати и тие се препознаени од многу реномирани институции, како Светската банка, ММФ, Фич и други.
„На листата за конкурентност на Давос, за само една година Македонија има раст за 10 места, а минатата година во однос на таа пред неа имаше раст за 8 места. Што значи за две години на листата за конкурентност на Давос Македонија порасна за 18 места. Нема друга држава која направила таков скок за толку кратко време, иако има уште многу да сработиме во тој правец, на што ние како влада сме фокусирани”, изјави Груевски.
Груевски истакна дека во Македонија има значајни вложувања во образованието.
„Се преземаа повеќе суштински реформи за подобрување на процесот на образование меѓу кои е изучување на англискиот јазик во основното образование уште од прво одделение, се спроведоа инвестиции во насока на јакнење на ИТ вештините, обезбедување на компјутер за секое дете, како и намалување на цената за партиципација за студирање“, рече Груевски.
Тој посочи дека се вложува и во самиот квалитет на образование за што се реализира проект за превод на 1000 книги и учебници кои доаѓаат од 10 прво рангирани универзитети во светот од кои сега изучуваат и македонските студенти. Се донесе и закон за поттикнување на инвестициите, и се формира Фонд за иновации што треба да го стимулира иноваторството кое е моторот за секоја економија.
„Се отворија нови универзитети и нови дисперзирани студии со што образованието стана достапно за поголем број на млади луѓе”, изјави Груевски.
Министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Фуркан Чако во своето обраќање пред присутните истакна дека односите со Турција се исклучително пријателски, што е добра основа за продлабочена економска соработка.
„Имаме прилика да разговараме со различни претставници на бизнисот и стопанственици кои се заинтересирани за инвестирање во странство, вклучително и Република Македонија. Ние сме постојано достапни за странските инвеститори и постојано спроведуваме реформи на тој план,” изјави министерот Чако.
Сопственикот на фирмата „Смирна Парс“, Ридван Уретен која во Македонија започна со инвестирање во областа на земјоделието изјави дека тие одлучиле да инвестираат во Македонија поради условите кои ги нуди македонската Влада.
„Ние бевме многу добро пречекани и добивме добри информации од владините институции. За нас Македонија е стратешко место бидејќи оттаму многу полесно и побрзо стигаме во Европа и можеме да ги пласираме на европскиот пазар”, изјави Уретен.
Тој објави дека освен првичната инвестиција поради добрите услови и резултати за водење на бизнис компанијата планира ново проширување.
„Нашата прва инвестиција во Македонија е во Битола, сега планираме купување на земјиште во Могила и Новаци, а после тоа да се прошириме и во Росоман. За цел имаме создавање на нови садници со земјоделски производи и изградба на откупно дистрибутивни центри. Ова е инвестиција во земјоделието” изјави Уретен .
Тој упати и порака до останатите инвеститори во Турција, уверувајќи дека откако ќе ги видат условите кои ги нуди владата ќе има многу турски инвеститори кои ќе инвестираат во Македонија.
Претседателот на Стопанската комора на Ескишехир, Саваш Озајдемир во своето обраќање пред присутните на форумот изјави дека му преставува задоволство што има можност да биде домаќин на ваков бизнис настан кој е од значење за остварувањето на контакти и јакнење на меѓусебните врски. Тој истакна дека Стопанската комора на Ескишехир поседува потенцијал кој може да се искористи. Економијата на Ескишехир опфаќа производи за авионската индустрија, како и железничката, прехранбената и автомобилската индустрија кон која се има посебен фокус, посочи Озајдемир.
„Во комората се присутни 790 членови. Нашата намера е во наредните години да го зголемиме бројот на членови на Комората над 1000 големи компании, и зголемување за речиси три пати на постоечкиот извоз. Се надевам додека работиме на остварување на овие цели, ќе се зацврснат нашите врски и ќе се зголеми соработката во економијата со Република Македонија”, порача Озајдемир./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

