Македонија
Во ноември државните девизни резерви намалени за 177 милиони евра
Според последниот статистички извештај на Народна банка регистриран е пад на вредноста на девизните резерви. Нивото на државни девизни резерви во ноември годинава изнесува 2,551.4 милијарди евра, споредено со октомври годинава кога изнесувале 2,729 милијарди евра при што се покажува намалување од 177,6 милиони евра.
На крај на ноември вредноста на ставката валути и депозити во НБРМ е 150,5 милиони евра. Во октомври вредноста на валутите и депозитите изнесувала 312,1 милиони евра. Вредноста на странските хартии од вредност во кои се чуваат македонските девизни резерви на крај на ноември изнесувала 2,147.7 милијарди евра и се пониска од октомври за 6,4 милиони евра.
Во ноември е забележан и пад кај вредноста на монетарното злато за 9,7 милиони евра. На крајот на ноември монетарното злато достигна вредност од 248,3 милиони евра. /крај/мф/дѓс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Спасовски: Ако не се покачи минималната плата, Македонија ќе остане без своите работници
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница укажа дека доколку не се покачи минималната плата, Македонија ќе се соочи со недостиг на работна сила.
„И сега дури и немаме доволно работници, од други причини. Ако не продолжи растот на платите, ќе имаме уште поголем проблем, затоа што никој повеќе не може и не сака да работи без пари“, рече Спасовски.
На собраниската седница на која на дневен ред е предлог-законот на СДСМ и коалицијата за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра, Спасовски нагласи дека покачувањето на минималната плата на 600 евра е прашање на консензус бидејќи се работи за интересите на граѓаните.
„Ако за Изборниот законик, кој директно ги тангира политичките партии и нивните интереси, можеме да постигнеме консензус, тогаш кои сме ние да не постигнеме консензус кога станува збор за граѓаните? Дали сме поважни ние како политички субјекти или се поважни граѓаните и нивниот животен стандард? Прво треба да седнеме и да постигнуваме договор за прашањата што ги засегаат луѓето, за нивните плати, за нивната егзистенција, за нивната сигурност. А не консензус да правиме само таму каде што се во прашање партиските интереси“, рече Спасовски.
Во образложението, Спасовски посочи дека кога се зборува за минимална плата и за создавање систем, треба да се има кредибилитет во однос на тоа што се предлага. Тој потсети дека благодарение на јасно воспоставениот систем во периодот на владата на СДСМ, минималната плата растеше.
„Во 2012 година, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, минималната плата беше 8.050 денари. Кога се презеде власта, во 2017-та беше 10.080 денари, а во 2017 година расте на 12.000 денари, па понатаму континуирано расте благодарение на системот што беше воспоставен, за да во 2024 година имаме минимална плата од 22.567 денари. Фактот дека минималната плата пораснала од 8.000 на 22.567 денари дава кредибилитет токму на СДСМ и коалицијата кои направија систем за раст на минималната плата“, рече Спасовски.
Тој потсети дека кога владата на СДСМ го носеше решението за раст на минималната плата, тогашните функционери на ВМРО-ДПМНЕ беа против таквото законско решение.
„Сегашниот гувернер на НБРМ, Трајко Славески, и ден-денес вели дека била погрешна политиката да се гради систем за раст на минималната плата и дека треба да живееме во времето во кое ВМРО-ДПМНЕ продаваше басни низ светот дека евтината работна сила ќе донесе инвеститори во Македонија. Тоа време заврши. Со години ги плашевте фирмите дека ако се зголеми минималната плата ќе пропаднат, а ги плашевте и работниците дека ако се зголеми минималната плата ќе останат без работа. После толку години од тој систем се покажа следново – фирмите наместо да пропаднат, растат, затоа што се зголемува продуктивноста на трудот, а работниците ги задржаа работните места“, рече Спасовски.
Притоа, Спасовски додаде дека барањето на синдикатите е оправдано, бидејќи трошоците на живот во секоја ставка рапидно растат.
„Прехранбени производи, здравствени услуги, комунални услуги, енергетика – сè има раст. Вие сте две години власт, ги имате институциите на системот, ги имате скоро сите општини под контрола. Ако не знаете, прашајте ги вашите градоначалници во колку општински совети доставија предлози за зголемување на комуналните такси на јавните претпријатија. И ќе ви биде јасно дека трошоците и понатаму растат и тие одлуки не се носат за да Владата ги плати тие трошоци, трошоците ги плаќаат граѓаните. И оттука доаѓа и барањето на синдикатот минималната плата да се зголеми на 600 евра, па понатаму да имаме и систем на раст на платите“, рече Спасовски.
Економија
Економијата е стабилна, инфлацијата се движи кон 2,5 проценти – оценка од средбата во Народната банка
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски остварија работна средба со Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на која дискутираа за клучните макроекономски показатели во државата, ценовната и финансиската стабилност, како и тековите на инфлацијата.
Соговорниците оценија дека економијата е стабилна и бележи солиден раст, а стабилниот курс на денарот во однос на еврото претставува важен фактор за зачувувањето на довербата во економијата, финансиската стабилност и конкурентноста на домашната економија.
Во однос на инфлацијата и ценовните флуктуации, соговорниците оценија дека веќе неколку месеци наназад се бележи стабилизирање на ценовните движења, а се очекува овие трендови да продолжат и во наредниот период. Проекција на Народната Банка е дека годишната инфлацијата ќе изнесува 2,5 проценти, додека на среден рок ќе се врати на историските 2 проценти.
Ристески, Стојкоски и Славески се согласија дека добрата соработка и координација помеѓу Народната банка, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат се значајни за носењето и спроведувањето на дел од политиките со кои се поттикнува економскиот развој на земјата.
Заменик-министерот Ристески на гувернерот Славески и вработените во Народната банка им го честиташе големиот јубилеј – 80 години од формирањето на оваа институција, јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен институционален развој. Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови.
Економија
Спасовски: Со минимална плата од 600 евра ја штитиме егзистенцијата на граѓаните, прифатете го Законот
„Со континуираниот раст на минималната плата, државата го штити и вреднува трудот на работниците. Предлог-законот за минимална плата, во износ од 36.960 денари, претставува продолжение на континуираниот раст на минималната плата, што започна системски во 2017 година и кој во изминатите години значително го подобри животниот стандард на работниците со најниски примања“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната комисиска расправа .
Тој посочи дека, и покрај законскиот механизам за усогласување на минималната плата со растот на просечната плата и трошоците за живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување.
„Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход. Со овој закон предлагаме утврдената минимална плата од 36.960 денари со цел да се зачува реалниот животен стандард и да се обезбеди достоинствен надомест за трудот на сите работници“, додаде Спасовски.
Тој посчи дека дека средствата за спроведување на законот, предвидени во износ од 7,5 милијарди денари, ќе се обезбедат преку пренамена во рамките на постојниот буџет, без зголемување на дефицитот и без ново задолжување.
„Станува збор за одговорна и внимателно планирана пренамена која обезбедува високи примања на работниците, а при тоа ја зачувува и финансиската стабилност на државата. Минималната плата е показател на тоа колку едно општество го вреднува трудот на работниците. Таа е прашање на социјална правда, економска стабилност и човечко достоинство. Ако трошоците за живот растат, платите мора да го следат тој раст“, рече Спасовски.
Тој повика на единство во носењето на законот: Барам од сите колеги, без разлика на политичката припадност, да застанеме заедно во носењето на ова законско решение. Со тоа испраќаме порака дека го слушаме гласот на работниците и синдикатите и дека обезбедуваме егзистенција за граѓаните.

