Македонија
Во ноември државните девизни резерви намалени за 177 милиони евра
Според последниот статистички извештај на Народна банка регистриран е пад на вредноста на девизните резерви. Нивото на државни девизни резерви во ноември годинава изнесува 2,551.4 милијарди евра, споредено со октомври годинава кога изнесувале 2,729 милијарди евра при што се покажува намалување од 177,6 милиони евра.
На крај на ноември вредноста на ставката валути и депозити во НБРМ е 150,5 милиони евра. Во октомври вредноста на валутите и депозитите изнесувала 312,1 милиони евра. Вредноста на странските хартии од вредност во кои се чуваат македонските девизни резерви на крај на ноември изнесувала 2,147.7 милијарди евра и се пониска од октомври за 6,4 милиони евра.
Во ноември е забележан и пад кај вредноста на монетарното злато за 9,7 милиони евра. На крајот на ноември монетарното злато достигна вредност од 248,3 милиони евра. /крај/мф/дѓс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Турција ќе ја зголеми економската соработка со Македонија, поддршка за турските компании да инвестираат кај нас
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин и оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, кој е во официјална посета на нашата земја.
Станува збор за прва посета на странски министер за надворешни работи по формирањето на новата Влада, што воедно е силна потврда за одличните и долгогодишни односи меѓу двете земји, како партнери и сојузници во НАТО.
Муцунски се заблагодари за поддршката од Турција за справување со пожарите и истакна дека посетата е јасен сигнал за интензивниот политички дијалог меѓу двете земји, растечката заемна доверба, партнерство и пријателство, што заеднички ги градиме и негуваме во интерес на нашите граѓани.
„Оваа посета и нашата денешна средба се уште еден значаен момент во нашите билатерални односи бидејќи претставува прва официјална посета од странски колега – министер по моето стапување на должноста министер за надворешни работи и надворешна трговија. Особено ми е драго што тоа е токму министерот за надворешни работи на Република Турција, почитуваниот Хакан Фидан. Ова е силна потврда за сѐ поинтензивниот политички дијалог меѓу двете земји, растечката заемна доверба, партнерството и пријателството што заеднички ги градиме и негуваме“, истакна министерот Муцунски во своето обраќање.
На средбата помеѓу двете делегации беа разменети мислења за прашања поврзани со билатералните односи и можностите за унапредување на соработката преку конкретни активности во повеќе области. Двајцата министри разговараа за унапредување на односите во областите што се од заемен интерес, со посебен акцент на економската соработка и можностите за нејзино продлабочување како од надворешнотрговски така и од инвестициски аспект. Заемно беше поздравена досегашната целокупна економска соработка, но исто така беше констатирано дека таа го нема достигнато посакуваното ниво од двете држави. Постојат многу можности што треба максимално да бидат искористени од страна на државите и бизнис-субјектите од двете земји.
Во разговорите беше потенцирана успешната соработка и во рамките на одбраната, образованието и културата, но и одличната комуникација и соработка во делот на регионалните иницијативи и мултилатералните организации.
Турскиот министер нагласи дека нашата земја има посебно место за него и дека Турција особено ги цени пријателството и сојузништвото со Македонија.
„Разговаравме како можеме да ја унапредиме оваа соработка. Како Турција, изразуваме дека имаме интерес да потпишеме стратешки совет за соработка. Турција има цел да ја зголеми билатералната економска соработка од една на две милијарди и ќе продолжиме со поддршка на турските компании да инвестираат во земјата. Продолжуваме и со воената соработка преку учество на заеднички вежби“, истакна турскиот министер Фидан по средбата.
Министерот Муцунски го запозна својот колега со актуелните состојби во регионот од нашата перспектива, која е целосно насочена кон ЕУ-реформскиот процес и побрза интеграција во Европската Унија. Стана збор и за актуелната позиција на државата во однос на процесот на интегрирање, при што министерот Муцунски особено укажа на фактот дека предвидливоста во процесот на пристапувањето во ЕУ не е само процедурална работа, туку таа е и камен-темелник на нашата стабилност и напредок нагласувајќи дека токму тоа е она што на граѓаните им дава надеж и чувство за насока, ги мотивира нашите реформи и ги потврдува нашите аспирации кон поширокото европско семејство.
На средбата беа разменети мислења и за заедничките предизвици со кои се соочуваат нашите земји во контекст на миграцијата, радикализмот, како и предизвиците наметнати од тековните глобални случувања поттикнати од руската воена агресија врз Украина, како и последните состојби на Блискиот Исток. Беа споделени грижи и очекувања за смирување на сите воени дејства и запирање на страдањата на цивилното население во засегнатите земји. Министрите разменија мислења и за други актуелни прашања од надворешната политика.
Економија
Перински: Општините може да аплицираат и со повеќе проекти, средствата ќе се доделат преку шест министерства
Општините можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински, на прес-конференцијата за почетокот на проектот за доделување на 250 милиони евра за развојни проекти за општините.
Перински, кој детално го образложи јавниот повик, во своето излагање посочи дека средствата се обезбедени согласно ребалансот на Буџетот, а повикот е веќе отворен и објавен на веб-страната на Министерството за локална самоуправа и на веб-страната на Владата, и објавен во два печатени медиуми.
Рокот за пополнување на апликативниот формулар е 7 дена и истиот пополнет со предлог проекти од страна на општините треба да се достави до Министерството за локална самоуправа. Потоа во рок од 10 дена, целосната проектна документација, од страна на општините, се доставува до ресорното министерство од областа на проектот, каде што ќе се врши и евалуација на истиот. Евалуацијата се очекува да заврши во рок не подолг од 10 дена и врз основа на истата, ресорните министерства изготвуваат предлог одлука кои проекти ќе се финансираат од нивна област и таа предлог одлука се доставува на усвојување на Владина седница.
Средствата ќе се доделат преку 6-те ресорни министерства соодветни од областа на проектите и тоа: Министерството за култура и туризам; Министерството за транспорт; Министерството за социјална политика, демографија и млади; Министерството за образование и наука; Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за спорт.
За следење на целиот процес, формирано е владино координативно тело, кое што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа и во истото ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства.
На прес-конференцијата се обрати и премиерот Христијан Мицкоски кој апелира што е можно повеќе општини, независно од политичката провиниенција на градоначалниците да учествуваат во овој повик. Мицкоски уверува дека процесот ќе биде целосно транспарентен и достапен на увид на целата јавност.
Економија
Општините добиваат 250 милиони евра за проекти за развој, Мицкоски уверува дека процесот ќе биде транспарентен
Објавен е јавниот повик за аплицирање за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, пришто ќе бидат доделени 250 милиони евра.
Премиерот Христијан Мицкоски кој денес на прес-конференција го најави стартот на проесктот рече дека целта на овој отворен јавен повик е да се доделат средства на општините за проекти со чија реализација ќе се придонесе за унапредување на инфраструктурата на локално ниво со директен импакт врз зголемување на економскиот раст, развој во општините и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните.
Право да поднесуваат апликации и предлог-проекти имаат општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.
Мицкоски апелира што е можно повеќе општини, независно од политичката провиниенција на градоначалниците да учествуваат во овој повик.
„Ние сме Влада на сите граѓани, и нашата цел е да се подобри животот на сите граѓани. Овие пари значат повеќе проекти и решенија за граѓаните за нови улици, булевари, училишта, градинки, водоводи, канализации, сѐ она што в суштина им е потребно на граѓаните. Ова е прв ваков проект од толку обемен карактер за инфраструктурен развој на општините во историјата. 250 милиони евра од централниот буџет за вистинските потреби на граѓаните“, рече Мицкоски.
Како што рече и во минатото се правеле инфраструктурни проекти во главниот град, но никогаш секаде и за сите општини во толку голем обем како што е замислата со овие 250 милиони евра. Смета дека голем дел од општините се соочуваат со вистински потреби за развој на инфраструктурни проекти и капитални инвестиции.
До крајот на оваа година со овој јавен повик на располагање за општините се ставаат 6 милијарди денари, и ова е првата фаза од вкупно 15 милијарди денари или 250 милиони евра за капитални проекти.
Мицкоски уверува дека процесот ќе биде целосно транспарентен и достапен на увид на целата јавност.