Македонија
Задолжително ќе се контролираат издувите на возилата на технички преглед
Подобрување на функционирањето на станиците за технички преглед, техничките служби и органот за одобрување, предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за возила, усвоени на владината седница од 03 јуни.
Министерот за економија Беким Незири во петок одржа прес конференција на која ги претстави измените и дополнувањата на Законот за возила.
Истовремено, со измените се овозможува поефикасен надзор врз спроведувањето на Законот за возила и подзаконските акти кои произлегуваат од страна на Министерството за економија и Министерството за внатрешни работи.
Министерот Незири истакна дека во овој Предлог закон, изработен во соработка со сите технички служби и инволвираните страни, се земени предвид сите недостатоци воочени во претходниот период, во насока на зголемување на ефикасноста во работењето на службите, скратување на роковите, намалување на трошоците за сопствениците на трактори, зголемување на безбедноста на возилата и на заштита на животната средина.
„Со законот се пропишани одредби кои покрај другото предвидуваат скратување на рокот за издавање на одобрение за единечно возило од 15 на 7 работни дена, со што ќе се зголеми ефикасноста во работењето на органот за одобрување, а истовремено се воведуваат заштитени обрасци на кои ќе се печати Потврдата за сообразност и Согласноста за регистрација, со што ќе се спречи можноста за нивна злоупотреба“, рече министерот Незири.
Министерот за економија објасни дека со измените се овозможуваат и значителни финансиски олеснувања за земјоделците и сточарите, бидејќи наместо досегашната нивна обврска за регистрирација и технички преглед на тракторите секоја година, сега тие имаат обврска регистрацијата да ја извршат на секои шест години, а прегледот за техничка исправност на тракторот на секои две години.
„Со измените на законот, во насока на заштита на животната средина, воведовме облигаторно мерење и контрола на издувните гасови на возилата од страна на станиците за технички преглед, при постапката за проверка на техничката исправност на возилата, пред да се изврши регистрација на возилата. Досега, пак, контролата се вршеше инцидентно, само во случај на сомнеж, а измерените податоци не се внесуваа во Регистарот на возила. Сега записите од измерените вредности на мерењето на издувните гасови, се воведуваат како задолжителни документи при регистрација на возилото“, објасни Незири.
Министерот за економија информираше и за одредбите кои ќе придонесат за зголемување на безбедноста на возилата во кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас, при што надлежноста за давање на овластување на правните лица кои вршат вградување на ваков уред сега ќе ја има Министерството за економија, наместо Министерството за внатрешни работи. Со оваа измена, од страна на Техничката инспекција ќе се врши евидентирање и контрола на правните лица кои вградуваат вакви уреди, ќе се процени нивната стручност и материјално технички услови, што досега не било случај.
„Покрај ова, многу често во пракса бевме сведоци на колони од по 100-150 возила за технички преглед во техничките служби, во еден ден, што претставува навистина нереална бројка за да се добие реална слика за техничката исправност на возилата. Затоа, со законот утврдивме техничкиот преглед на возилата да трае најмалку 10 минути за патничките автомобили и 20 минути за автобуси и товарни возила, притоа пропишувајќи висока глоба за правното и одговорното лице доколку истото не врши технички преглед согласно временската рамка. Сметам дека ова ќе овозможи техничкиот преглед да биде извршен во целост и не дава можност возила кои се технички неисправни да бидат регистрирани“, потенцираше министерот за економија. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

