Македонија
Заврши изградбата на гасоводот од делницата Клечовце – Штип
Заврши изградбата на гасоводот од Клечовце до Блок станица 5 Штип, во должина од 61 километар, која се наоѓа меѓу селата Драгоево и Селце, инвестиција вредна 75 милиони долари.
Премиерот Емил Димитриев истакна дека успешно заврши првата фаза од гасоводот односно успешно е завршена изградбата на првиот крак Клечовце-Штип.„Со изградбата на оваа делница се овозможува забрзано ширење на целата гасоводна мрежа низ сите поголеми места низ државата. Па така, следниот крак од гасоводот, кој ќе почне да се гради веќе следниот месец, е кракот Штип-Неготино-Кавадарци. Паралено со трасата Штип-Неготино-Кавадарци во септември оваа година планирано е да почнат да се градат уште два крака од гасоводот и тоа трасата Кавадарци-Неготино-Прилеп до Битола, како и трасата Скопје-Тетово-Гостивар“, рече Димитриев.Тој истакна дека по изградбата на овие траси од гасоводната мрежа ќе следи и изградба на трасите Штип-Радовиш-Струмица-Гевгелија со што Македонија ќе се поврзе со Грција. Потоа трасата од Струмица преку Ново Село до границата, а со оваа траса Македонија ќе се поврзе со Бугарија. И трасата Гостивар-Кичево-Струга до Ќафасан и со оваа траса Македонија се поврзува со Албанија.Се планира во период од четири години ќе се изградат нови 204 километри од македонскиот гасовод со вкупна инвестиција од преку 150 милиони евра. Според премиерот, изградбата на гасоводната мрежа низ земјава е од големо значење за економијата, за компаниите, конкурентноста на домашното производство и за подобрување на условите за водење бизнис во Македонија.„Дополнително достапноста до гасот како енергенс ќе значи големи придобивки за народот, затоа што ќе се намалат трошоците за струја и греење, што директно ќе се одрази врз буџетот на граѓаните“, рече Димитриев.Вршителот на работите за Русија во Македонија од Руската Амбасада Костадин Берсењев истакна дека изградбата на првиот крак од магистралниот гасовод Клечовце-Штип-Кавадарци е уште еден голем проект на руско – македонската соработка, бидејќи овој крак, кој чини 75 милиони долари, од нив 60 милиони долари се средства за регулирање на клириншкиот долг којшто Русија го наследи од поранешниот Советски сојуз, а 15 милиони долари се средства од буџетот на Владата на Република Македонија.„Со пуштање во употреба на новата гасоводна мрежа Македонија ќе може да добива природен гас не само од Бугарија, туку и од Србија и од Грција. Не помалку е важно и тоа дека македонските компании стекнаа бесценето практично искуство кое може да го искористат понатаму за изградба и обновување на објектите на гасоводната мрежа на Македонија“, рече Костадин Берсењев.Во своето обраќање генералниот директор на Мер АД Скопје, Крсте Миладинов оцени дека изградбата на македонскиот гасовод од 61 километар и шест блок станици претставува еден од најголемите проекти коишто ги реализираше земјава.„Проектот е завршница, но тој е предвесник на новите проекти. Можете да видите дека интензивно се подготвува изградбата на делницата Штип-Неготино-Кавадарци, која официјално започнува во средината на август. Со реализацијата на тие проекти се отвора и нова ера од кои придобивка ќе имаат стопанството и домаќинствата, а исто така ќе имаме и заштита на животната средина. За реализацијата на проектот соработувавме со Строј Трансгас од Москва. Оваа фирма нам ни подари пријателство и квалитет во изградбата на новиот гасовод“, рече Миладинов.„Компанијата „Строј Трансгас“ реализира многу проекти во делот на енергетиката во многу држави. Ние сме многу горди бидејќи Македонија токму нам ни ја даде довербата да го градиме првиот крак од Клечовце до Штип“, рече Михаил Хрјаков од фирмата „Строј Трансгас“.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ повисока цената на бензинот и дизелот
Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,29% во однос на одлуката од 3.11.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,613%, кај дизелот за 2,881%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,251% и кај мазутот има исто така намалување за 2,898%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7827%
Од 11.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,427 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,486 ден/кг и сега ќе изнесува 36,427 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.11.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од Регулаторна.
Економија
Истече рокот за поднесување и плаќање на ДДВ обврските за третиот квартал
Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека заклучно со 27 октомври 2025 година, кога истече законскиот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите и плаќање на даночниот долг за третиот квартал од 2025 година, сè уште постојат даночни обврзници кои не ги исполниле своите законски обврски.
Според евиденцијата на УЈП, остануваат неподнесени 2.209 тримесечни и 146 месечни пријави, како и 7.436 тримесечни и 1.270 месечни даночни обврзници кои не го извршиле плаќањето на пријавениот даночен долг. Редовноста во исполнувањето на обврските е знак на одговорност и доверба, вредности што заеднички го градат системот во кој сите учествуваме и веруваме.
Управата за јавни приходи веќе достави персонализирани известувања до сите обврзници со пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот даночен период.
Во тек е спроведување на активности и мерки во координација со сметководителите и обврзниците, со цел да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. Важно е да се внимава на роковите, бидејќи за секој ден на задоцнување се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг, како и изрекување на дополнителни глоби. Оттука, потсетуваме на обврската за точно, целосно и навремено плаќање на поднесените ДДВ-04 пријави. По доставата на опомените, Управата ќе пристапи кон присилна наплата кај сите обврзници кои нема да го подмират долгот доброволно. УЈП апелира до сите засегнати обврзници да постапат одговорно и навремено, со цел да се обезбеди стабилна даночна историја и да се избегнат непотребни последици. За дополнителна помош и поддршка, даночните обврзници и сметководителите можат да се обратат преку е-пошта на [email protected] или телефонски на 0800 33 000 (од фиксен) и 02 3253 200 (од мобилен). Вашата дисциплина денес е вашата предност утре.
Економија
„Алкалоид“ 22 години дел од водечкиот глобален фармацевтски настан CPhI
35 претставници од различни организациски сектори на компанијата го сочинуваат алкалоидовиот тим на овогодишното 36. издание на CPhl, кој за време на три интензивни саемски денови во својата агенда има повеќе од 400 деловни средби со постојни партнери, добавувачи и со нови потенцијални соработници „Алкалоид“ годинава го забележа своето 22. учество на најреномираниот светски собир во областа на фармацијата – CPhI (Convention of Pharmaceutical Ingredients).
Под мотото „Во срцето на фармацевтската индустрија“, CPhI се одржува од 28 до 30 октомври во Франкфурт, Германија, а тимот на „Алкалоид“ и оваа година има репрезентативно и современо саемско претставување, преку кое недвосмислено ја пренесува компаниската парола Здравјето пред сѐ!
„За ’Алкалоид’ CPhI претставува стратешка глобална платформа за следење на најновите научни и технолошки достигнувања во фармацевтската индустрија. Како компанија, уште во раните 2000-ти години ги препознавме можностите што ги нуди овој глобален собир како во делот на вмрежувањето и градењето партнерства така и во поглед на следењето на клучните трансформации и иновации во рамките на генеричката фармацевтска индустрија. За ’Алкалоид’ CPhI овозможува директен увид во најновите трендови и технологии – од вештачката интелигенција и одржливите производствени практики до нови молекули, формулации и решенија за оптимизација на глобалниот синџир на снабдување.
CPhI е единствена можност за средби со постојни и потенцијални партнери – производители, добавувачи, регулаторни консултанти и истражувачки центри – со што се поттикнува создавањето нови синергии и партнерства“, истакна Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Како водечка светска платформа што ги поврзува фармацевтските професионалци, годинава CPhI во Франкфурт собра повеќе од 62.000 посетители и над 2.400 изложувачи од целиот свет. Во текот на своето три и пол децениско постоење, CPhI прерасна во најголемата меѓународна фармацевтска заедница, која обединува стотина илјади експерти и компании што активно придонесуваат кон развојот и напредокот на глобалниот синџир на динамичната фармацевтска индустрија.
(ПР)

