Македонија
Жените бизнисмени се успешни, но раководат само со 12 отсто од фирмите
Семејните обврски, слабата економска моќ, предрасудите и стереотипите сѐ уште се најчестите причини поради кои во Македонија е многу мал бројот на жени претприемачи, па така само на четири отсто од бизнисите во земјава сопственици се жени.
Жените се сопственици најчесто на сметководствени бироа, продавници, бутици, козметички салони или, пак, работат во семејните бизниси. Вкупно 12 отсто жените се на раководни функции, но само два отсто од нив управуваат со големите компании во земјава, произлегува од податоците кои ги презентираше во средата Групацијата на жени при Сојузот на стопански комори (ССК).Според Тања Дејаноска од Сојузот на стопански комори (ССК), време е да се ослободиме од минатото и да влеземе во XXI век.„Само два отсто од жените во Македонија се на раководни позиции во големите компании, околу 32 проценти се жени во претприемништвото, а помалку од четири отсто се жени сопственици на бизнис“, рече Дејаноска.Таа смета дека овие бројки имаат предуслови да се зголемуваат, бидејќи жените можат да придонесат многу повеќе со оглед на различната перспектива и нови идеи и поголема претпазливост која ја носат со себе, а и процентуално, бизнис успехот на жените е поголем од оној кај мажите.„Сметаме дека од особена важност во насока на поттик и развој на женското претприемништво е да се промовираат позитивни бизнис приказни и практики на жените претпиемачи, да се развива професионален и лидерски пристап на жените кои сакаат да отворат свои бизниси, да се идентификуваат и разменуваат информации за финасиска поддршка за нови и тековни бизниси“, вели Дејаноска.Според ССК, државните субвенции за жените претприемачи, што во моментот изнесуваат околу 2.000 евра, треба да се зголемат.„Финансиската поддршка е многу мала за почнување сериозен бизнис. Иако на овој начин се прави обид за поттикнување на женското претприемништво, во однос на она што го издвојуваат земјите од регионот, субвенциите не се доволни и затоа треба да се зголемат“, рече Дејаноска.За поттик и развој на женското претприемништво ССК порачува дека е неопходно да се промовираат позитивни бизнис приказни и практики на жени претприемачи, да се развива професионален и лидерски пристап на жените кои сакаат да отворат сопствен бизнис, да се идентификуваат и разменуваат информации за финансиска поддршка за нови и тековни бизниси, да се реализираат обуки и доквалификации на жените, да се поттикне нивното вклучување во релевантни економски, социјални и културни области од јавен интерес, како и вмрежување менторство и лобирање за жените претприемачи на национално и меѓународно ниво./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.
Економија
Зголемени цените во индустријата во ноември
Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во ноември 2025 година се зголемени за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, соопшти Државниот завод за статистика.
Месечниот раст на цените е забележан кај интермедијарните производи, освен енергија, каде што има зголемување од 0,5 отсто, како и кај трајните производи за широка потрошувачка, кои пораснале за 3,0 отсто.
На годишно ниво, односно во споредба со ноември 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се зголемени за 4,6 отсто. Во овој период, раст на цените е регистриран кај енергијата за 6,9 отсто, кај интермедијарните производи, освен енергија за 4,2 отсто, како и кај нетрајните производи за широка потрошувачка, каде што е забележано зголемување од 4,4 отсто.
Економија
Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
Денеска е реализирана исплата на средства во вкупен износ од 39.065.031 денари кон 663 оризопроизводители.
Исплатата се однесува за финансиска поддршка од 6 денари по килограм предадена оризова арпа во откупувачки центри, за периодот од 1 март до 30 септември 2025 година, со ова се опфатени сите оризопроизводители од минатата реколта.
Министерството за земјоделство соопшти дека нивна цел останува зајакнувањето на домашното производство и поддршката на земјоделците.
Фото: pexels

