Македонија
Истече рокот за почеток на изградбата на ХЕ Бошков мост
Рокот од две години за почеток на изградбата на хидроелектраната Бошков мост во националниот парк Маврово истече на 13-ти октомври. ЕБОР призна дека донела погрешна одлука која била базирана на некомплетна студија и нецелосни информации за влијанието на проектот врз животната средина.
Одборот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во вторник во Скопје одржа средба со граѓанските организации за заштита на животната средина „Еко-свест“ и „Фронт 21/42“ на која било разговарано за проектот Бошков мост, во кој како инвеститор се јавува А.Д. ЕЛЕМ.
„За потребите на реализација на проектот Бошков мост, кој е финансиски поддржан од ЕБОР во 2012 А.Д. ЕЛЕМ подготви студија за оцена на влијанието врз животната средина која беше одобрена со решение од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Две години по одобрување на студијата А.Д. ЕЛЕМ не отпочна со изградба на проектот. Согласно Законот за животна средина член 85 став (5) Решението престанува да произведува правно дејство, доколку во период од две години од неговото донесување, не се отпочнало со спроведување на проектот. Согласно Законот валидноста на решението истече на 13 октомври оваа година, а барање за продолжување на решението нема“, изјави Александра Бујароска од Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42’ по извршениот увид во архивата на МЖСПП.
Според македонскиот закон, појасни таа, ЕЛЕМ би требало да ја започнат целата постапка за оцена на влијанието врз животната средина од сам почеток, што дополнително ќе го зголеми трошокот на проектот и неговото понатамошно пролонгирање.
Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот за истражување и информирање „Еко-свест“ вели дека предметната студија била во конфликт и со политиките на самата банка.
„Имено, по покренување постапка пред жалбениот механизам на ЕБОР експертите потврдија дека при носење на одлуката ЕБОР не обезбедила соодветна анализа на биодиверзитетот со што ги прекршила сопствените процедури и политики. Овој наод потврдува дека во 2012 година Одборот на директори на банката донел одлука која била базирана на некомплетна студија и нецелосни информации за влијанието на проектот врз животната средина“, изјави Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, организацијата која ја поднесе жалбата до Банката.
На средбата со Одборот на директори било покренато и прашањето за економската исплатливост на проектот.
„Имено, пресметката за проектот Бошков Мост најпрво изнесуваше 85 милиони евра. Според последните пресметки како и вклучување на потребниот далновод проектот би чинел нешто помалку од 200 милиони евра“, рече Бујаровска.
Според неа потребна е нова анализа на економската исплатливост на проектот по завршување на сите дополнителни анализи на негативното влијание на проектот врз природата.
Само на тој начин, истакна Бујароска, би можело да се пресмета реалната цена на хидроцентралата.
Она што било пренесено на Одборот на директори на ЕБОР е дека мора многу да се внимава пред да се инвестира во енергетиката, не само во Македонија туку и во целиот регион.
Соња Зубер од истражувачкиот центар „Аналитика“ потенцираше дека „од особена важност пред секое инвестирање е да се испита целосно состојбата со секторот енергетика, како и состојбата со корупцијата, колку поднесени, а колку решени случаи има, како и тоа да се земат во предвид мислењата на сите заинтересирани страни, а не само на властите, особено на граѓаните од чиј што џеб на крајот се враќаат заемите и кредитите.“
Имајќи го сето ова предвид, граѓанските организации прашуваат „колку навистина овој проект ќе донесе придобивки, а колку загуби за македонските граѓани?“.
„До денес над 100 научници и експерти го критикуваа изведувањето на Бошков мост поради негативниот ефект врз националниот парк Маврово. Имено, според доктор Urs Breitenmoser, специјалист за мачки на Меѓународната унија за заштита на природата проектот може да доведе до исчезнување на загрозениот Балкански рис. Маврово е дом на последната популација на Балканскиот рис која успешно се репродуцира. Било какво дополнително влијание може да доведе до исчезнување на најзагрозениот цицач во Европа. Дополнително, во спроведена електронска петиција речиси 100.000 потписници кажаа не на спроведување на проектот во Маврово“, велат од еколошките здруженија.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

