Економија
Мизо: Нормално е дел од профитот во ТИРЗ да се одвиваат во матичните компании на инвеститорите
Одливот на директни странски инвестиции во Македонија е нормален процес како и секаде во светот кога се работи за компании чии седишта се надвор од државата во која се инвестира, одговори во петок во Охрид директорот на Агенцијата за технолошко развојни зони Виктор Мизо, пренесе OhridNews.
Народна банка во септември објави дека од Македонија се одлеале 22.6 милиони евра директни странски инвестиции, што е втор таков одлив оваа година од технолошките зони во земјата.
„Тоа директно зависи ид бизнис плановите на компаниите во кој момент тие планираат да направат прераспределба на профит и на кој начин тоа може да го исплаќаат во нивните матични компании или мајките фирми навистина само зависи од компаниите, ние се трудиме цело време да имаме дополнителни инвестиции. Мора да се земе предвид дека дел од тие инвестиции се реинвестираат во Македонија, но дел од профитот секогаш ќе биде одлеан надвор во мајките фирми бидејќи тоа нормално се очекува насекаде во светот и не е случај само во Македонија“, изјави Мизо.
Во третиот квартал нивото на странски инвестиции изнесува 200 милиони евра, но прецизно не може да се предвиди дали во 2016 ќе има повеќе странски инвестии од минатата година, вели Мизо.
„Тешко е да се прогнозира на кое ниво ќе бидат странските инвестиции бидејќи тоа зависи од моментот кога влегува вредноста на инвестицита, дали е тоа опрема или е вложување во нови производствени капацитети, но инвестициите во истиот временски период се подобри од бројките во минатата година, и она што е најважно ние се трудиме да привлечеме инвестиции најчесто во гринфилд, но и во браунфилд производствени капацитети бидејќи тој вид инвестиции имаат најголема додадена вредност“, додаде Мизо.
Директорот на Агенцијата за технолошко индустриски развојни зони заедно со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска беше во посета на фабриката „ОДВ Електрик“ и на ТИРЗ Охрид – Струга. Тој истакна дека плановите на ОДВ ќе ги надминат првичните планирања за 1000 вработивања, кои ќе бидат зголемени на 1200 лица кога ќе се изгради фабриката во ТИРЗ Охрид – Струга.
„Сите активности се во крајна фаза за новата индустриско технолкошко развојна зона да биде функционална идната година и да им се нудат истите услуги на инвеститорите како што тоа се прави во зоните во Скопје, Штип, Прилеп и во Кичево кои се веќе функционални. Тоа е важно особено за Охрид бидејќи се креираат нови работни места со технолошки развиени зони“, рече Мизо./крај/он/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

