Економија
На Волстрит S&P 500 падна седми ден по ред
На Волстрит во средата индексот S&P 500 падна седми ден по ред поради несигурноста во врска со претседателските избори во САД и можното зголемување на каматните стапки на американската централна банка Federal Reserve (Fed) .
И на европските берзи цените на акциите во средата паднаа. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 1,04 отсто, на 6.845 поени, додека франкфуртскиот индекс DAX се лизна за 1,47 проценти, на 10.370 поени, а парискиот индекс CAC се лизна за 1,24 отсто, на 4.414 индексни поени.
Индексот Dow Jones ослабе за 0,43 отсто, на 17.959 поени, додека S&P 500 индексот се лизна за 0,65 проценти, на 2.097 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,93 отсто, на 5.105 индексни поени.
Со тоа S&P 500 индексот се лизна седми ден по ред, првпат по 7-ми јули годинава, и потона под нивото од 2.100 индексни поени.
По дводневната седница, челниците на Fed одлучија во средата да ги остават клучните каматни стапки непроменети, што и беше очекувано и од вложувачите и од аналитичарите. Порачаа, исто така, дека економијата во САД фаќа замаец, како и дека бројот на новите работни места солидно се зголемува и дека се оптимистични по прашањето на растот на инфлацијата кон целените 2 отсто.
Одлуките и пораките на Fed главно се во согласност со очекувањата на вложувачите. Никој не очекуваше дека централната банка на САД ќе ги зголеми каматите уште сега, но сé по извесно е дека тоа ќе го стори во декември.
Челниците на Fed, во суштина, порачаа дека е можно зголемување на каматите во декември, доколку продолжи растот на економијата. „Оттаму, во пораките на Fed навистина нема ништо невообичаено. Пазарот сега е фокусиран на претседателските избори и техничките показатели“, велат од компанијата „Аlan B. Lancz & Associates“.
Вниманието на пазарот е последица од загриженоста на вложувачите во САД на 8-ми ноември. Анкетите покажуваат дека трката меѓу демократската кандидатка Хилари Клинтон и републиканскиот кандидат Доналд Трамп е сé понеизвесна откако FBI повторно ја отвори истрагата за тоа дали Клинтон како државна секретарка ја користела приватната електронска пошта за службена преписка и дали таа пошта содржи доверливи информации. Пазарот ја преферира Клинтон, бидејќи смета оти победата на Трамп ќе предизвика несигурност по прашањата за внатрешната, надворешната и економските политики.
И во средата, како и ден претходно, најмногу паднаа цените на акциите во секторите на недвижнините, телекомуникациите и комуналиите, кои се најчувствителни на движењата на каматите. Остро паднаа, за 1 отсто, и цените на акциите во енергетскиот сектор, што е последица на падот на цените на нафтата./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

