Економија
OPEL создава нови привлечни бои за новите ASTRA и MOKKA
• Моќно: автомобилите како новите Astra и Mokka бараат живописни и експресивни бои
• Боја на лансирање: „Kult Yellow“ на новата Astra ја комбинира традицијата на Opel со
актуелните трендови
• Одржливост во лимарија: „3-wet“процесот на бојадисување кој дополнително ги
намалува емисиите.
Со новата Opel Astra и Opel Mokka, германскиот производител не само што дизајнираше два исклучително возбудливи нови автомобили, туку создаде и две извонредни нови бои.
За такви моќни автомобили како наградуваната Mokka и новата Astra, Opel се одлучи за живописни, впечатливи нови бои: зелена за Mokka и жолта за Astra.

„Боите за автомобили не само што треба да го задоволат купувачот, туку мора да одговараат и на големината и обликот на автомобилот“, изјави Nicole Heidt, помошник главен дизајнер за боја и материјали. „На модел од компактна класа како Astra најдобро одговараат софистицирани мика или металик бои кои се исто така многу популарни меѓу клиентите во тој пазарен сегмент.“
Уште на почетокот на развојот на новата Astra, тимот за маркетинг на Opel го информираше тимот за дизајн дека сака шестата генерација на најпродаваната Astra да биде достапна во жолта боја, која има долгогодишна традиција како бојата на брендот.
Како и обично со целосно нова боја, Nicole Heidt го започнала процесот на креирање со истражување на трендовите на боите користејќи професионални алатки. Додавајќи го и сопственото искуство, таа почнала да размислува за создавање нов потемен жолт тон за новата Astra. Nicole потоа ги испробала своите идеи во сопствената лимарија каде таа лично го дизајнирала „рецептот“ за новата боја.

Користејќи чаша од 200 милилитри и неколку грама различни бои за лакирање на автомобили од водечки снабдувач, таа ги измешала состојките додека резултатот не се совпадне со нејзината идеја.
Следно, дизајнерот подготвил „табла за расположение“ – колаж од слики – и примероци од бојата за да ја претстави новата боја на тимот за дизајн менаџмент и маркетинг. По нивното одобрување, Nicole потоа направила примероци на бојата за добавувачот во фабриката во Rüsselsheim, чиј финален производ мора што е можно поблиску да одговара на дизајнерската идеја и примероците од бојата за сериско производство.

Детален процес: Развојот на нови бои може да потрае и до четири години
Процесот на развој на нова боја за нов модел, може да потрае и до четири години, а финализираната нова боја мора да биде „подготвена за прскање“ од роботи, 12 месеци пред почетокот на производството. „Жолтата што ја избравме како боја за лансирање на новата Astra на почетокот на процесот се покажа како добар погодок“, вели Nicole Heidt. „Таквите бои се навистина во тренд сега“.
Во случајот на Mokka, помало спортско корисно возило (SUV) со помлад профил на клиенти од новата Astra, Opel бараше смела, спортска нова боја. Истражувањето на Nicole Heidt покажа дека зелените тонови се многу во тренд. „Зелената е исто така совршена боја за електрично возило со батерии, како што е Mokka-e“, додава таа.

Процес на боење „3 wet“: годишнта емисија на CO2 се намалуваат за околу 2.200 тони
Електричните возила како Opel Mokka-e или новата Astra plug-in хибрид се само два начина на кои германскиот производител на автомобили придонесува за одржлива мобилност. И бојадисувањето има своја улога.
На пример, новата боја “Kult Yellow” кај Astra се применува во производствената фабрика во Rüsselsheim каде што емисиите од лимаријата се значително намалени.
Објектот во моментов користи метод на бојадисување „3-wet“ со кој се отстранува еден целосен чекор на сушење од процесот.
Во споредба со конвенционалните процеси на бојадисување, ова ја намалува годишната емисија на CO2 за околу 2.200 тони, додека сè уште обезбедува високo ниво на заштита од корозија и оштетување од мали каменчиња.
Дополнително, годишната потрошувачка на вода е намалена за околу 1.800 кубни метри.
ПР-текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

