Економија
Opel Rocks-e премиера: Ново електрично возило за нови времиња низ градските улици
• Почеток на SUM ерата: Новиот Opel Rocks-e означува одржлива урбана мобилност
• Нова мобилност: Opel SUM го затвора јазот помеѓу скутер и патнички автомобил
• Мојот прв Оpel: За млади од 15 години (со соодветна возачка дозвола)
• е-возило: Електричен опсег до 75 km според WLTP
• Лесно полнење: На секој приклучок за домаќинство
• Двосед: Кул дизајн со Opel визирот и врати што се отвораат во спротивни насоки
Германскиот производител на автомобили Оpel, денес го претставува првиот SUM.

Новиот Opel Rocks-e означува одржлива урбана мобилност. (Sustainable Urban Mobility) Електричното возило со основно ниво на опременост, е одговор на тековните барања за мобилност, нудејќи електрична мобилност со заштита од ветер и дожд-прогресивен, смел и чист, типично Opel: во склад со времето дизајн. Со краткиот двосед од 2,41 m, Opel ја продолжува својата офанзива за електрификација. Германскиот производител на автомобили го проширува своето портфолио на модели со електрично возило SUM со батерија од Corsa-e што речиси секој возач може да си го дозволи, од млади почетници до урбани патници.
„Нашиот нов Opel Rocks-e е бескомпромисен во секој поглед. Дизајнот е смел и чист, димензиите се екстремно компактни. Нашиот SUM вози чисто на електрична енергија и цената е непобедлива. Rocks-e овозможува паметна и функционална електрична мобилност за секого и ќе привлече големо внимание“, вели шефот за продажба и маркетинг на Opel, Stephen Norman.

Мојот прв Opel: Паметна, екстра кул мобилност во градот
Новиот Opel Rocks-e е едноставно различен; стилско мало возило за двајца без емисија на гасови што бара малку простор за маневрирање. Најдобро од сè, Rocks-e е долг само 2,41 m, широк 1,39 m (без надворешни ретровизори) и тежи само 471 kg (вклучително и влечна батерија), што значи дека е официјално класифицирано како лесно моторно возило.
Паметниот билет на Opel за влез во електричната мобилност нуди опсег до 75 km според WLTP, кој може да се помине до 45 km/h. Ова го прави идеален за секојдневниот градски сообраќај-не само за младите возачи, туку и за оние кои сакаат да патуваат без емисија на штетни гасови и не сакаат да поминат долго време во потрага по паркинг место на нивната дестинација. Тркалата од 14” и кругот на вртење од само 7,20 m го прават Rocks-e идеален за град, совладувајќи тесни свиоци и вклопувајќи се во мали паркинг места.
Батеријата од 5,5 kWh на Opel Rocks-e може целосно да се наполни за околу 3,5 часа преку кој било стандарден приклучок за домаќинство. Придружниот кабел за полнење долг три метри е трајно сместен во SUM и едноставно се извлекува од совозачката врата кога е потребно. Opel нуди адаптер за полнење на јавна станица.

SUM со стил: Вратите се отвораат во спротивни насоки и Opel визирот
Rocks-e го има новото лице на брендот Opel визирот, вклучувајќи LED предни светла и индикатори. Вратите од двете страни се идентични што го подобрува неговиот смел и чист изглед. Совозачката врата се врти напред како и обично, додека возачката врата се врти наназад во спротивна насока. Слични се и предните и задните панели на каросеријата.
Во внатрешноста, двете седишта се поместуваат така што совозачот има удобен простор за нозете, а возачот може да го помести седиштето по должина. Просторот за глава е доволен, дури и за луѓе високи повеќе од 1,90 m. И покрај компактните димензии, новиот Rocks-e нуди волумен за багаж до 63 l во просторот за патници, плус паметна кука за торба за пазарење со големина XXL.

Кокпитот ги исполнува барањата на модерната млада генерација: јасен и фокусиран на најважните работи. Екранот на прв поглед ја покажува брзината, режимот на возење (Drive, Neutral, Reverse), состојбата на полнење на батеријата, преостанатиот опсег и километражата. Практичните детали го вклучуваат држачот за паметни телефони сместен на централната конзола. Услугите како што е апликацијата „myOpel“ обезбедуваат дополнителни практични информации.

Благодарение на компактните димензии и големите прозорци, возачите на Opel Rocks-e уживаат во одличната прегледност. Осветлена, пријатна атмосфера во внатрешноста обезбедува стандардниот панорамски стаклен покрив – невообичаен за возило од оваа ценовна категорија. Rocks-e е достапен во три карактеристични нивоа на оременост: како Opel Rocks-e, Opel Rocks-e “Klub” и Opel Rocks-e “TeKno”.
Името „Rocks“ има традиција кај германскиот производител на автомобили. До неодамна Opel ADAM Rocks и Opel KARL Rocks додадоа своја оригиналност на брендот-посебно опремени, со одлични теренски додатоци и затоа се подготвени за секојдневно возење низ урбаната џунгла.
Новиот Opel Rocks-e е совршено поприлагоден за употреба низ градски улици. Чисто електричен, без штетни емисии и речиси тивок, новиот модел е одличен за грижа за животната средина.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.

