Економија
Перински: Модерни и развиени општини значат конкурентна економија
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари работна средба со претседателот на Стопанската комора на Република Северна Македонија, Бранко Азески, на која се разговараше за унапредување на соработката помеѓу министерството и Комората, со посебен акцент на тековните активности кои во моментот се спроведуваат во делот на локалниот економски развој и инфраструктурните инвестиции кои се можност за подобрувањето на условите за работа на компаниите на локално ниво.
На средбата беше истакнато дека силните и функционални општини претставуваат еден од клучните предуслови за конкурентна економија, привлекување инвестиции и рамномерен регионален развој.
Во фокусот на разговорите беа повеќе значајни теми поврзани со процесот на децентрализација, изнаоѓање на начини за заедничкото користење на фондови, како и можностите за продлабочување на соработката на Комората со општините и планските региони.
„Локалната самоуправа претставува важен партнер во создавањето поволна и предвидлива средина за развој на приватниот сектор, особено преку ефикасно спроведување на надлежностите, поквалитетни услуги и создавање подобри услови за работа и развој“, изјави министерот Перински.
Посебен акцент беше ставен на дигитализацијата на локалните услуги, при што беше оценето дека дигиталната трансформација на општините претставува директна поддршка за приватниот сектор. Во таа насока беше истакнато дека секој скратен рок, секоја поедноставена постапка и секоја електронска услуга значат поефикасни институции и подобра деловна клима за компаниите.
На средбата се разговараше и за активностите поврзани со ажурирање на базите на даночни обврзници, при што беше потенцирана важноста од воспоставување фер и транспарентен систем, подобрување на наплатата на локалните приходи и нивно насочување кон услуги и инфраструктура што директно им се враќаат на граѓаните и компаниите.
Во делот на рамномерниот регионален развој беше отворено и прашањето за учеството на бизнис заедницата во процесите на планирање и креирање политики на локално и регионално ниво. Притоа беше истакнато дека бизнис заедницата е вклучена уште во фазата на подготовка на развојните политики преку свој претставник во Советите за развој на планските региони, со што се овозможува нејзино активно учество во креирањето на регионалните приоритети и развојни насоки.
Министерот Перински истакна дека Министерството за локална самоуправа останува да поддржува иницијативи што ќе придонесат кон поефикасни општини и подобри услуги за граѓаните и компаниите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Потпишан Меморандум за разбирање и за соработка во енергетскиот сектор со Хрватска и Договор за стратешка соработка
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и нејзиниот хрватски колега, министерот за економија на Република Хрватска, Анте Шушњар, денеска, во Охрид го потпишаа Меморандумот за разбирање и соработка во енергетскиот сектор меѓу двете земји. Меморандумот беше потпишан во рамките на работниот дел од посетата на висока хрватска делегација на земјава, предводена од премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.
Во рамките на официјалниот дел, беше потпишан Договор меѓу Владата на Хрватска и на Македонија за стратешка соработка. Договорот го потпишаа двајцата премиери, Христијан Мицкоски и Андреј Пленковиќ.
Посетата на хрватската делегација на земјава беше заокружена со одржување на Бизнис форум, на којшто присуствуваа претставници на македонската и хрватската бизнис заедница. На Форумот беа претставени можностите за идна соработка на повеќе полиња, меѓу кои и можностите за реализација на нови проекти и инвестиции во енергетскиот сектор.
„ Енергетиката денес е една од најважните стратешки области за Европа и за целиот регион. Војната во Украина, како и случувањата на Блискиот Исток, јасно покажаа дека енергетската сигурност повеќе не е само економско, туку и геополитичко и безбедносно прашање. Затоа, државите кои знаат да соработуваат, да инвестираат и да градат заеднички инфраструктурни проекти, ќе бидат посилни, постабилни и поотпорни на идните предизвици“, истакна министерката Божиновска во своето обраќање на Форумот.
Меморандумот за разбирање и соработка во енергетскиот сектор меѓу Македонија и Хрватска којшто беше потпишан денеска е резултат на пријателските односи и долгогодишната взаемна соработка меѓу двете земји, којшто се базира на стратешката определба на Македонија за членство во ЕУ, а повикувајќи се на обврските според Договорот за Енергетска заедница и важноста на постепеното усогласување со енергетското законодавство на ЕУ.
Целта на Меморандумот за разбирање и соработка во енергетскиот сектор помеѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Македонија и Министерството за економија на Хрватска е креирање на рамка за унапредување на можната соработка меѓу двете земји во енергетскиот сектор во насока на: зајакнување на енергетската безбедност и регионалните интерконекции; унапредување на интеграцијата на обновливи енергетски извори и транзицијата кон системи со ниска јаглеродна емисија; интеграција на пазарот на електрична енергија и регулаторна конвергенција со правилата на ЕУ и поддршка во градењето на институционалниот капацитет, размена на знаења и заеднички иницијативи.
Економија
Дурмиши и Ристески на средба со бизнис заедницата: Владата продолжува со мерки за поддршка на домашните компании
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и заменик-министерот Марјан Ристески денеска остварија работна средба со претставници на трите најголеми бизнис-комори во државата и Организацијата на работодавачи на Македонија, на која се разговараше за актуелната економска состојба, предизвиците со кои се соочува бизнис секторот и мерките за поддршка на домашните компании.
На средбата присуствуваа Горан Ѓорѓиевски – претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, Нухиу Алиу – претседател на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Антони Пешев – извршен директор на Стопанската комора на Македонија, Владанка Трајкоска – претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија и Ангел Димитров – претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија.
Во фокусот на разговорите беа економската состојба во државата, глобалните економски ефекти и енергетската криза предизвикани од воениот конфликт на Блискиот Исток, како и владините мерки за поддршка на домашните компании и зачувување на нивната ликвидност и конкурентност.
Дурмиши и Ристески ги информираа претставниците на коморите за тековните активности на Министерството за економија и труд насочени кон подобрување на бизнис-климата и обезбедување конкретна поддршка за компаниите.
„Владата и Министерството за економија и труд континуирано работат на креирање мерки и политики за поддршка на домашните компании, за нивен побрз раст и развој, како и за зголемување на нивната конкурентност на меѓународниот пазар. Во моментов активни се повеќе јавни повици и програми кои се директно наменети за поддршка на стопанството. Со измените во Законот за финансиска поддршка на инвестициите го продолживме рокот за аплицирање до 15 јуни, а до 30 јуни е активен и Јавниот повик за поддршка на микро, малите и средните претпријатија и занаетчиите преку субвенции за набавка на нови машини. Наскоро ќе биде донесен и Оперативниот план за вработување, кој содржи значајни мерки за поддршка на компаниите и отворање нови работни места“, беше истакнато на средбата.
На средбата беше упатен апел до коморите и нивните членки активно да ги следат јавните повици и огласи што ги објавуваат Владата и министерствата и, согласно своите потреби и можности, да аплицираат за достапната институционална поддршка.
Економија
Николоски – Бутковиќ: „Суштински разговори за развој на коридорите и поддршка за решавање на проблемот на превозниците“
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска во Охрид оствари работна средба со заменик претседателот на Владата на Хрватска и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура, Олег Бутковиќ.
На билатералната средба се зборуваше за развој на транспротниот сообраќај во регионот, можностите за продлабочување на соработката во делот на железничкиот сообраќај, како и продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји.
„Николоски се заблагодари за поддршката во решавањето на проблемот со превозниците и професионалните возачи и се заблагодари и за измените на Законот за работни визи кои веќе ги направи Република Хрватска кои се од огромно значење за нашите превозници. На самата средба се разговараше за економската соработка помеѓу двете земји и можностите за засилена економска активност помеѓу двете држави“, соопштија од македонското министерство.
